Насловна / Вести / 60 години јубилеј од основањето на ИЗИИС: Изградба на општество отпорно на природни катастрофи

60 години јубилеј од основањето на ИЗИИС: Изградба на општество отпорно на природни катастрофи

Во периодот 27-28 мај 2025 година, Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) организираше низа настани за одбележување на 60 години од своето основање.

Најпрво, на 27 мај, во малата сала на Македонската филхармонија, на точно 60 години од денот на основање на ИЗИИС беше одржана свечена академија. Настанот беше можност на едно место да се соберат сите генерации на вработени и соработници, кои придонеле за шестдеценискиот развој на Институтот и неговата домашна, регионална и меѓународна афирмација и претпознатливост како бренд во областа на земјотресното инженерство и симбол на знаење, визија и научна посветеност.

Академијата започна со интонирање на државната химна, студентската химна „Гаудеамус“ и на свечената химна на УКИМ во изведба на мешаниот хор „Драган Шуплевски“ при Факултетот за музички ументости во Скопје под диригентската палка на проф. м-р Сашо Татарчевски.

Потоа, со свои пригодни обраќања, вечерта ја збогатија министерката за образование и наука на Република Северна Македонија, проф. Весна Јаневска, ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. Биљана Ангелова, директорот на ИЗИИС, проф. Игор Ѓорѓиев, како и актуелниот заменик-претседател на Европската асоцијација за земјотресно инженерство, проф. Киријазис Питилакис од Универзитетот Аристотелис во Солун.

Говорниците ја истакнаа важноста и улогата на ИЗИИС во реконструкцијата и обновата на Скопје по земјотресот од 1963 година, како и неговата повеќедецениска улога и лидерство во градењето на сеизмички сигурно општество. Потенцирана беше и мисијата на Институтот во обуката на кадри – експерти од областа на земјотресното инженерство, како и неговиот врвен придонес во науката и применувачка дејност во изминатите децении.

Во пријатна атмосфера и дух на високо ниво на професионалност, гостите на настанот имаа можност да погледнат краток видеозапис за Институтот. Во него, беше сублимирана историјата на ИЗИИС од скромните почетоци до денешната улога на водечки центар за отпорност на катастрофи.

Покрај видеозаписот,  промовирани беа и две публикации и тоа: Монографија за 60 години извонредност на ИЗИИС (https://www.iziis.ukim.edu.mk/wp-content/uploads/iziis60/Monografija_IZIIS_60.pdf#IZIIS-60) и Синтеза на магистерски и докторски трудови – 60 години придонес кон научноистражувачката дејност (https://www.iziis.ukim.edu.mk/wp-content/uploads/iziis60/Sintezna_publikacija_IZIIS-60.pdf). Свечениот дел заврши со доделување на плакети на заслужни институции кои оставиле длабок и траен белег во историјата и развојот на ИЗИИС.

Симболично, настанот на најголемиот научен амбасадор на Македонија во светот – ИЗИИС беше затворен со настапот на најголемиот амбасадор на македонската култура и музика во светот, маестро Симон Трпчевски.

Свечена академија полна со емоции која никого не остави рамнодушен.

Вториот ден, 28 мај беше резервиран за она во кое ИЗИИС е најдобар – науката. Долгогодишниот пријател на ИЗИИС, проф. Питилакис, во свечената сала на Ректоратот на УКИМ одржа инспиративно предавање на тема „Definition of Seismic Actions in the Revised Eurocode 8 and Implication to Seismic Hazard Zonation and Risk Assessment“. Неговото долго предавање, водеше кон уште подолга дискусија, која уште еднаш потврди дека ИЗИИС и неговиот научен кадар постојано се надградува и наоѓа начини современите научни достигнувања да ги донесе дома, во Македонија.

Во годината на чествување на големиот јублилеј, 60 – години постоење, ИЗИИС ќе продолжи да организира научни настани, трибини и повикани предавања на светски признати научници, професори и професионалци од областа на земјотресното инженерство.

Историјата на ИЗИИС е поврзана со катастрофалниот земјотрес во Скопје од 1963 година. ИЗИИС изникна како симбол на надеж, знаење и градење на нови темели за иднината. Одлуката за неговото основање, донесена на 27 мај 1965 година, произлезе од итната потреба за стручна поддршка при реконструкцијата на градот по катастрофалниот земјотрес. На самиот почеток, Институтот добива јасен мандат: да создава знаење, да образува стручни кадри и да придонесува кон изградба на општество отпорно на природни катастрофи. После почетоците, во кои ИЗИИС бил кратко сместен во барака во кругот на Машинскиот факултет во Скопје, а подоцна нешто подолго и во северното крило на Градежниот факултет во Скопје, во 1981 година ИЗИИС се преселува во својот денешен кампус на падините на Водно, каде што го добива својот современ облик: со сопствени модерни лаборатории, експериментална опрема и просторна инфраструктура како почетна точка кон неговиот натамошен раст. Токму тогаш е инсталирана и една од првите виброплатформи во Европа, која станува симбол на технолошката подготвеност, експерименталниот капацитет и меѓународната препознатливост на Институтот.

Во својата организациона структура ИЗИИС обединува шест стратешки оддели и пет специјализирани лаборатории, секоја со уникатна улога во развојот на науката и практичната примена. Одделите ги опфаќаат скоро сите домени на земјотресното инженерство и инженерската сеизмологија, од природни и технолошки хазарди, конструкции и материјали, инженерски анализи и софтвер, до процена на ризици, динамика на почви и динамички испитувања. Лабораториите претставуваат ретка комбинација од виброплатформи и преси до високотехнолошка опрема што овозможува лабораториски и теренски истражувања на највисоко научно и инженерско ниво.

Во ИЗИИС, во 1965 година, се воспоставуваат првите постдипломски студии по земјотресно инженерство во Европа. Веќе во 1967 година одбранета е и првата магистерска теза, а во 1977 година се започнува и со реализацијата на првите докторски студии. Особено значајна е иницијативата започната уште во 1982 година, со воспоставувањето на меѓународниот курс CADAC, реализиран со поддршка од Кралството Холандија. Преку оваа повеќемесечна обука во текот на 26 години беа обучени 520 кандидати од 72 земји кои претставуваат најголеми амбасадори на вредностите на ИЗИИС во светот. Денес, во ИЗИИС студиите од втор и трет циклус се реализираат во континуитет – создавајќи кадар кој е препознаен не само на национално, туку и на меѓународно ниво.

Институтот континуирано учествува во рамковните програми на Европската комисија и е една од ретките членки на УКИМ што се јавува како координатор на значајни европски проекти. Во последните 15 години, ИЗИИС учествувал како партнер во девет европски проекти, од кои координатор е на три, а успешно реализирал и шест проекти финансирани од НАТО-програмата за наука и безбедност.

Во 2016 година, ИЗИИС го потпиша договорот за иницирање на постапка за негова категоризација како Институт од категорија 2 под покровителство на УНЕСКО, со што се потврди неговата улога како референтен центар на знаење, истражување и обука на меѓународно ниво.

Во секоја фаза од своето постоење, ИЗИИС никогаш не бил само научна установа. Општествената одговорност е длабоко вградена во неговата ДНК, неговата мисија не е само декларација, туку секојдневна активна практика. Институтот активно учествува во развојот на национални нормативи, во изработка на законски решенија, во експертизи по катастрофи, процени на ризици. Особено е значајна неговата посветеност на континуираната едукација, насочена не само кон професионалците, туку и кон институциите, општините, училиштата и пошироката јавност.

Со секоја од овие мисии, ИЗИИС го потврдува она што го знае од основањето: дека науката не смее да остане затворена во трудовите и лабораториите. Таа мора да биде таму каде што е потребна.  Во служба на граѓаните и општеството.

Овој настан и овој тип на одбележување на јубилејот уште еднаш покажаа дека Македонија има институции со долга и континуирана традиција на знаење и стручен и посветен кадар, кој ја негува науката. ИЗИИС треба да биде врвен приоритет на државата, бидејќи ИЗИИС покажал и покажува дека е секогаш посветен на потребите на општеството.

Автори: доц. д-р Александар Журовски, проф. д-р Радмила Шалиќ-Макреска, проф. д-р Игор Ѓорѓиев, проф. д-р Кемал Едип, проф. д-р Влатко Шешов

Испрати коментар

Scroll To Top