Насловна / Вести / Од напуштен железнички коридор до омилена зелена патека за парижаните

Од напуштен железнички коридор до омилена зелена патека за парижаните

Напуштените железнички коридори во последните децении претставуваат ексклузивни просторни ресурси на градовите со значителни потенцијали на инфраструктура, градежно земјиште и зеленило. Така, просторот што тие го заземаат може да прифати различни функции и содржини, пред сè, од рекреативен, забавен, културен и друг карактер. Ефикасното користење на градежното земјиште, што е од стратешко значење за секоја локална заедница, може да создаде услови за економски развој и подобрување на квалитетот на животот во градот. Социјалниот, еколошкиот и економскиот потенцијал на ваквите локации укажуваат на нивното значење како за урбаната заедница, така и на потребата од нивно обновување.

dejan4

Еден таков реализиран потенцијал е проектот Promenade Plantée („Променада Планте“) односно le Viaduc des Arts во Париз, кој претставува светски врвен резултат од креативни пристапи од страна на градските власти, архитектите, пејзажните архитекти, инженерите, дизајнерите и самата заедница. Исто така, ова шеталиште познато меѓу парижаните и како Coulée Verte, е прекрасен пример за регенерација на маргинализирани простори во развојни проекти и покажува како идејата за обнова од потполна визија може да стане реалност и модел за повторно инспиративен сегмент од еден град.

НОВ ЖИВОТ

dejan9

Повеќе од еден век, една од главните артерии која го хранела срцето на францускиот главен град била железничката линија на возот што доаѓал од источниот Париз и стигнувал до својата цел на славниот „Плас де ла Бастилја“. Изграден во 1859 година, овој сообраќаен проект барал изградба на монументален вијадукт низ 12-тиот арондисман во Париз, кој е составен од 64 прекрасни заоблени сводови. На оваа железничка линија, возниот сообраќај се одвивал точно 110 години, сè до моментот кога во 1969 година креирањето и пуштањето во сообраќај на RER A (Réseau Express Régional d’Île-de-France, експрес железничка линија од 617 км и 257 станици, која го поврзува Париз со својот регион „Ил-де-Франс“) не ја претвори оваа „стара“ линија за излишна. Потоа, вијадуктот со време станувал напуштен објект и во 70-тите години на 20 век, овој некогаш горд пример на француската индустрија станал само уште еден пример на урбаното распаѓање во источниот Париз.

До 80-тите години на минатиот век, многумина повикувале на уривање на вијадуктот, но градот Париз наместо тоа избрал храбар и визионерски план. Како дел од огромната урбана програма за обновување, визијата била на напуштената возна линија на возот да му се даде нова можност за животот, а запоставеното соседство да добие нова виталност од друг вид.

dejan10

Така, горе, на пругите на вијадуктот, каде што локомотивите биле оставени на распаѓање, ќе бидат засадени илјадници дрвја, цвеќиња, грмушки и треви во рамките на зеленото шеталиште. Под него, 64 сводови ќе бидат претворени во le Viaduc des Arts, односно ќе станат работилници, уникатни продавници и галерии за рачни уметности и применети занаети, кои инаку, со текот на времето полека исчезнуваат од главната француска метропола. Стаклари, чевлари, „кутуриери“, златари, графичари, дизајнери за ентериери, креатори на инструменти, метални ковачи и галеристи, како и ресторани, кафулиња и други гурмански засолништа… Овој дел, кој е во должина од 1,4 километри и е паралелен со авенија „Думенил“ создава нова неверојатна динамичност во овој дел од Париз.

dejan3

Во последните 20 години, Promenade Plantée, е омилена зелена пешачка патека за парижаните „гладни“ за природа и зеленило.

„ПРОМЕНАДА ПЛАНТЕ“

„Променада Планте“ е делумно „висок“ зелен коридор долг 4,7 километри, кој се наоѓа во 12-тиот арондисман во Париз. Тоа е голем зелен појас што ја следи старата „Винсен“ железничка линија (се простирала од Бастилја до Венсен), која била затворена во 1969 година. Железницата го продала имотот на градот Париз во 1986 година, а во 1987 година агенцијата за урбанизам – Париска канцеларија за урбанизам смислила мастер план, според кој железничкиот вијадукт, тунелите и насипите се трансформираат во шеталиште.

Имено, според планот на пејзажниот архитект Жак Вергели и архитектот Филип Mетјук отстранет е сообраќајот и дизајниран е зелен коридор/линеарен парк.
Изградбата на шеталиштето траела од 1988 до 1994 година, и била завршена под покровителство на Одделот за паркови, градини и отворени простори на градот Париз.

dejan5

„Променада Планте“ се протега источно од Опера Бастилја преку Вијадукт на лакови (Viaduc des Arts, долг е 1,4 километри со 64 лакови и реновиран е во текот на изградбата на паркот), паралелно со авенија Daumesnil, на чијшто крај се наоѓа Jardin de Reuilly (кружен тревник со големина од 1,5 хектари на местото на поранешна товарна станица), па преку алеја „Вивалди“, обрабени со модерни блокови, по што нивото на улицата расте, а „Променада Планте“ продолжува под нивото на улицата и поминува низ неколку тунели сè до спирални скалила кои водат повторно до нивото на улицата до булеварот „Карно“, близу Боа де Венсен (Bois de Vincennes, еден од двата најголеми градски паркови, кој покрива речиси илјада хектари).

Регенерацијата на „Променада Планте“ донесе вистинска транзиција на околните населби, адаптација на напуштените простори и изградба на нови станбени и деловни објекти (овој дел од Париз добил повеќе од 200 илјади квадратни метри канцелариски простор, а станбениот простор се зголемил за 10 отсто). Вредноста на имототот, исто така се зголемила што воопшто не е за потценување, ако се земе предвид дека цената за еден квадратен метар станбена површина во Париз се движи од девет до 15 илјади евра. Со приходите од автентичните продавници и ресторани под Viaduc des Arts се плаќаат трошоците за одржување на паркот.

dejan11

ГЛОБАЛЕН ПРОЦЕС

Соодветната реставрација и конзервација, го задржува и одржува единствениот идентитет на самата област, а напуштениот железнички коридор истовремено прераснува во споменик на индустриското општество и во експериментална лабораторија на природата на отворено. Благодарение на овие проекти како што е „Променада Планте“ или „Хај Лајн“ во Њујорк, регенерацијата на напуштени железнички коридори е прифатена на глобално ниво како процес, кој има за цел да се зачува железничката инфраструктура, да се разубави јавниот простор, да се креираат нови зелени коридори со различни цели, а пред сè, да се поврзе заедницата и да се создаде социјална кохезија во често многу „суровите“ населби.

dejan8 

УРБАНА ОБНОВА

Урбаното обновување (Urban Renewal) е еден од основните принципи на одржливиот развој. Во литературата, многу автори го дефинирале концептот на урбана обнова. Изразите како што се рехабилитација, регенерација и реконструкција најчесто се користат во англосаксонските земји и во САД. Во Обединетото Кралство често се користи терминот „урбана ренесанса“. Во Франција, Шпанија и Италија чест наслов е ремоделирање, а со наведените мали разлики на глобално ниво се мисли на истото: заживување на градот.

dejan7
Урбаната обнова се однесува на интервенција на ниво на целиот град и подразбира „различни методи заедно спроведени во процесот на заштита“. Методите на интервенција од која се состои урбаната обнова се реконструкција, регенерација, ревитализација, рехабилитација, реставрација, конзервација и „џентрификација“ (gentrification).

ЗЕЛЕНИ КОРИДОРИ

Регенерацијата на железничките коридори во развиениот Запад претставуваат проекти за јавно добро, бидејќи обично припаѓаат на непрофитабилни проекти, со кои напуштените железнички коридори се трансформираат во зелени коридори (greenways). Зелените коридори вклучуваат широк спектар на зелени површини како линеарни отворени простори воспоставени по должината на самиот постоечки коридор и кои се претворени во рекреативни цели, потоа природни или уредени правци за пешачење или возење велосипед, конектирани отворени простори кои поврзуваат паркови, природни резервати, културни добра или историски локалитети со постоечката населена област. Тука се и линеарните паркови (linear park) идентификувани како широк сценски пат со зеленило (parkway) или зелен појас (greenbelt).
Како извонредни примери на зелени коридори и индустриски паркови, кои се развиени во САД и Европа, а кои се вистински репер за останатите слични проекти се сметаат „Променада Планте“ во Париз (Promenade Plantée), „Хај Лајн“ во Њујорк (High Line), „Емшер парк“ во Дуизбург (Emscher Landscape Park) и „Парк на природата Шенебергер Зидгеленде“ во Берлин (Natur-Park Schöneberger Südgelände).
Избраните примери се различни меѓусебно во однос на контекстуалните карактеристики и нивните структури на содржини, (почнувајќи од идејата за ревитализација до сама реализација).

dejan2

Првиот голем и значаен европски пример на трансформација на напуштени железнички коридори во зелени коридори е „Променада Планте“ во Париз, а американски пример е „Хај Лајн“ во Њујорк. Овие две трансформации се покажале како инспиративни катализатори за вградување на стратегии за регенерации на напуштени железнички коридори и како тие влијаат на развојот и обновата на градовите низ целиот свет. Поточно, овие проекти го поттикнале трендот на трансформација на напуштени железнички коридори во зелени коридори и влијаеле врз имагинацијата на планерите, дизајнерите и граѓаните да се развиваат во оваа насока во многу земји во светот, па така и други градови се обиделе овие конверзии да ги вметнат, како што, меѓу другото е, проектот „Блумингдејл Трејл“ во Чикаго.

Овие три примери претставуваат „високи“ урбани зелени коридори кои ја дефинираат урбаната типологија заедничка за многу градови – зелениот коридор поминува низ пејзажот и лебди над нивото на улицата. Обновената железничка пруга лежи фиксирана како пејзаж, но исто така и како постојан потсетник на индустриското минато на железничкиот коридор и на градот воопшто.

dejan1

Од друга страна, постојат примери на регенерација на напуштени железнички станици и индустриски комплекси со железнички сообраќај во неговиот состав. Тие дефинираат поинаква урбана типологија, бидејќи вклучуваат и одделни физички структури и изградени отворени простори како артефакти од индустриската ера, кои паднале во застареност и неупотребливост. Многу од овие објекти се премногу скапи за да се отстранат, така што тие се менуваат на самото место и акумулираат патина од старост и напуштеност. Примери за такви локации се „Емшер парк“ во Дуизбург и „Паркот на природата Шенебергер Зидгеленде“ во Берлин.

ЛАБОРАТОРИЈА ЗА ХОРТИКУЛТУРА

Сите наведени примери во себе ги содржат клучните карактеристики на постиндустрискиот пејзаж. Изградбата и повторното освојување на железничките пруги ги одразува последователните фази на капиталистичкиот развој. Железничките коридори порано биле дел од една мрежна инфраструктура изградена за движење на луѓе и стоки, како и врски помеѓу различни дестинации. Денес, тие произведуваат едно ново искуство на современ градски живот кое претставува „лабораторија“ за хортикултура и место за бавност, релаксација и размислување. Помеѓу овие две крајности, овие простори постоеле како напуштени и заборавени и претставуваат место за фрлање на отпад, но исто така и за растот на дивата вегетација, имале негативно влијание врз животната средина и на околната заедница. Тие, исто така, претставуваат дел од културното наследство, и затоа урбаната регенерација е призната како неизбежен начин за враќање и зачувување на нивниот идентитет.

dejan

dejan12

dejan6

ФОТОГРАФИИ: ДЕЈАН БУЃЕВАЦ

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top