Насловна / Вести / Од индустриска руина до луксузна урбана оаза

Од индустриска руина до луксузна урбана оаза

Гостиварското архитектонско студио „Арт Линеа Дизајн“ заедно со својот интернационален тим изработи проект за потребите на романскиот гигант во градежништвото „Sammarina Group“ кој се простира на површина од 67.300 м2 и кој во себе содржи урбанистичко, партерно, архитектонско и во поедини делови ентериерно решение на просторот со што се опфатени и детално се разработени сите важни сегменти кои го сочинуваат. Оваа површина се наоѓа во романскиот град Констанца кој лежи на брегот на Црното Море и локацијата сама по себе и по својата местоположба е атрактивна и доволно привлечна, како за инвеститорите, така и за потенцијалните купувачи на станбениот и деловниот простор, но истовремено и за сите посетители и туристи на комерцијалниот дел од овој комплекс.

8
„На овој простор во моментов се наоѓа еден комплекс на индустриски згради кои се речиси во руинирана состојба, но конструктивно некои од нив се наоѓаат во добра кондиција. Нашата желба, но истовремено и наш предизвик беше главниот индустриски објект во овој комплекс да го задржиме и тој да биде главното тежиште околу кое ќе се случува дејствието на архитектонската приказна која ние како интернационален тим составен од повеќе архитекти сакавме да ја раскажеме. Него го ремоделиравме и пренаменивме во трговски центар со повеќе комерцијални и угостителски единици, како една референтна точка по која ќе биде препознатлив овој комплекс во целиот град, но и како величествена увертира на она што се случува внатре. Пред него поставивме една кула од 11 ката во која е сместен бизнис-центарот и деловните простории“ – вели архитектот Насер Хоџа од „Арт Линеа Дизајн“, кој е еден од главните идеолози на овој проект.

12
Покрај трговскиот и бизнис-центарот, овој комплекс во себе содржи и 11 станбени блокови кои ги задоволуваат сите европски прописи за луксузно урбано домување, катна гаража на 4 нивоа за посетители и гости во населбата, клуб и ресторан сместен во внатрешноста на населбата, како и мало пазарче со режимско работење кое ќе ги снабдува станарите со свежи прехранбени продукти.

9
Станбените објекти со една внатрешна пристапна улица се одделени од трговскиот и бизнис-центарот кој ги тангира двете главни сообраќајници кои го ограничуваат овој простор. Проектирани се три типа на станбени објекти и комбинирајќи ги нив се создадени пет станбени блокови. Секој од овие блокови има сопствен влез во подземното паркирање кое се простира на две подземни нивоа и секој блок има свој внатрешен двор помеѓу двата објекта кои го сочинуваат. Овие блокови се со катност од П+6+Пк и П+7+Пк во зависност од тоа дали се наоѓаат на понискиот или повисокиот дел на теренот кој е во благ пад.

5
Станбените згради, како и сите останати објекти кои го сочинуваат овој комплекс се карактеризираат со модерна, елегантна, јасна и чиста архитектонска игра на кубични форми и природни материјали кои убаво изгледаат, а истовремено не се агресивни и наметливи на околината. Комбинацијата на дрвени и стаклени површини на белата основа на објектите, оплеменети со многу зеленило му даваат на овој комплекс една кохезивна поврзаност со природата која во овој романски град поради непосредниот контакт со морето се чини неизбежна.

2
„Кога станува збор за делот на домувањето во овој комплекс, нашата желба и настојување беше да бидеме што е можно поотворени кон надворешноста. Климата во Констанца е топла и пријатна, мирисот на морето се чувствува длабоко во градот, па така овие предности сакавме да ги искористиме како квалитет на живеење. Покрај одличните услови за живот кои ги нудат овие станови, во секој од нив продира дел од природата во неговата внатрешност и не само во текот на летото, туку и преку зима, со своите застаклени зимски градини кои по потреба може да се затворат кон надвор и да се отворат кон внатре“ – објаснува архитектот Ион Ионеску од германското архитектонско студио „Ionescu Architekten“, кој воедно е и организатор на интернационалниот тим.

1
„Да се работи со еден интернационален тим и истиот да се координира и сè да функционира совршено е една тешка и одговорна задача. Врските помеѓу архитектите и останатите проектанти од Германија, Македонија, Романија и Индија често ни приредуваа потешкотии при работата, особено поради различните временски зони, но со доволна посветеност и упорност, но и со голем ангажман на крајот можеме да кажеме дека сме задоволни од постигнатиот резултат, впрочем тој е и најважен и тој се гледа и памти на крајот, додека сè друго е минливо“ – додаваат од тимот.

7

Општи карактеристики:
Локација: Констанца, Романија
Инвеститор: Sammarina Group
Проект: 2017
Површина на локација: 67.300 м2
Деловен простор: 23.070 м2
Трговски простор: 17.716 м2
Станбен простор: 65.861 м2
Станбени единици: 564

4

10

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top