Првиот британски ветерен парк на море е пуштен во работа на 7-ми декември 2000 година во сеевроисточна Англија, со што е започнат развојот на еден од најважните сегменти на енергетскиот систем на Велика Британија. Во моментот на започнување со експлоатација, тој ветерен парк имал само две турбини со вкупна моќност од 4 MW. По 25 години, енергијата од офшор ветерните електрани учествува со 17% во вкупното производство на електрична енергија во Велика Британија. Во погон се 74 офшор ветерни паркови со вкупно 2.878 турбини, кои годишно произведуваат доволно електрична енергија за над 16 милиони домаќинства. Во овој сектор денес се вработени околу 40.000 луѓе, од кои 7.000 нови работни места се отворени во последните две години.

Напоредно со равојот на енергија од обновливи извори, британскиот електроенергетски микс е значително изменет. Додека пред 25 години, производството на енергија доминантно било базирано на јаглен и гас, во 2024 година производството на електрична енергија од јаглен е целосно запрено. Моментално во Велика Британија има 16.000 MW од офшор ветерни паркови, додека гасните електрани располагаат со вкупен капацитет од 34.000 MW.
И покрај силните инфлаторни притисоци и пореметувања во глобалната економија, британскиот сектор на ветерни електрани на море и натаму бележи раст, но со јасно изразени предизвици. Поскапувањето на материјалите, високите каматни стапки и ограничувањата во синџирите на снабдување ги зголемиле трошоците на проектите.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија