Насловна / Вести / Обвинителството вели дека градоначалникот на Сарај не е крив за дивите платформи на Матка

Обвинителството вели дека градоначалникот на Сарај не е крив за дивите платформи на Матка

Основното јавно обвинителство Скопје ја отфрли кривичната пријава против градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети, за кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 1 и несовесно работење во службата од член 353-в став 1 од Кривичниот законик, поднесена од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

Иницијативата за кривично гонење ДКСК ја поднесе поради сомненија дека пријавениот Блерим Беџети свесно и намерно не презел дејствија и не донел конкретни управни акти во постапките за утврдување на правниот статус на бесправно изградени објекти.

Со тоа, се вели во соопштението, на физички и правни лица им овозможил бесправно да изградат деловни објекти од локално значење и времени објекти – платформи на езерото Матка, да стопанисуваат со нив и да остваруваат противправна имотна корист за себе и за друг.

матка1

Од Основното јавно обвинителство соопштуваат:

„Постапувајќи по поднесената пријава, надлежниот јавен обвинител поднесе барање за собирање потребни известувања до Државниот управен инспекторат и до градоначалникот на општина Сарај, до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и до Општина Сопиште. Од податоците доставени од Државниот управен инспекторат произлезе дека инспекторите од овој Инспекторат извршиле вонреден инспекциски надзор во Општина Сарај во врска со постапувањето во наведените предмети, при што на 10.06.2019 година бил составен записник со наод за утврдена состојба и констатирани недостатоци во управното и канцелариското работење. Притоа било донесено решение со кое градоначалникот на Општина Сарај бил задолжен да преземе мерки и дејствија во негова надлежност и во определен рок да ги отстрани недостатоците. На 21.08.2019 година инспекторите извршиле контролен инспекциски надзор при што е утврдено дека градоначалникот целосно постапил по решението на Државниот управен инспекторат и ги отстранил претходно утврдените недостатоци и против него не се преземени наредни дејствија“. Од ЈО меѓудругото додаваат и дека „Проучувајќи ги сите овие наводи, надлежниот јавен обвинител утврди дека во дејствијата на пријавениот не се содржани суштествените елементи на кривичните дела злоупотреба на службената положба и овластување и несовесно работење во службата ниту, пак, на друго кривично дело кое се гони по службена должност“.

matka2

А1он пренесе изјава на претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска, која потврди дека добиле одлука за отфрлање на нивната иницијативата, а образложението на Обвинителството го окарактеризира како „смешно“.

„Образложението е смешно. Сите сме сведоци на тоа што се случува, на узурпацијата, а велат дека нема основи за јавнообвинителска одлука. Ќе побараме одлуката да се преиспита, како и да се изврши контрола врз неа од повисоките инстанци“, изјави Ивановска.

Досега, ненадлежни за дивоградбите на Матка се прогласи Инспекцискиот совет, кој е самостоен орган формиран за да ја координира работата на 30-тината инспекциски служби. Исто така, за ненедлежно се прогласи и Министерството за животна средина, но и Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, откако Министерството за транспорт и врски ги повика да излезат на терен. Законот за градење предвидува низа ингеренции на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам во услови кога општинскиот овластен градежен инспектор не си ја врши работата.

Платформите се изградени диво и немаат дозвола за работа, оние на кои се изнајмуваат чамци за прошетки низ езерото не се регистрирани за воден сообраќај. Чамците со кои се превезуваат туристи не се контролирани од ниедна институција во државата. Пред еден месец се случи и пукање на Матка, поради движењето на чамците. Случајот сеуште се расветлува.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top