Просторот во кој Фрида Кало поминувала време со својата сестра и остатокот од нејзиното семејство е уреден како музејска поставка што го открива нејзиниот приватен живот, врски и секојдневни ритуали.

Casa Roja, поранешниот дом на Кристина Кало и семејно прибежиште на Фрида Кало, официјално е отворен како Museo Casa Kahlo, нов музеј во Мексико Сити посветен на животот, наследството и личните семејни предмети на славната уметница.

Куќата е трансформирана во музеј од архитектката Mariana Doet Zepeda Orozco, додека концептот на посетата и дизајнот на изложбите ги осмислил њујоршкиот Rockwell Group.

Увид во приватниот свет
Casa Roja била личното скривалиште на Фрида, место подалеку од јавноста и интензивниот живот што го делела со Диего Ривера.
Низ генерации останала во семејството, а последниот станарка била внуката на Фрида, која живеела во куќата до 2023 година.

Денес, музејот ја открива приказната за семејните односи на Фрида, поддршката меѓу сестрите и моментите што го обликувале нејзиниот живот и уметност.
Изложени се бројни лични предмети – рачно напишани писма, фотографии, облека, скици и детали од секојдневниот живот кои даваат ретко виден увид во нејзиниот приватен свет.

Двор обновен според фотографиите
Посетителите влегуваат во музејот низ оригиналниот влез од улицата, минувајќи по ходник што води до двор исполнет со регионални материјали и керамика изработена од мексикански занаетчии.

Дворот е реконструиран како комбинација од изгледот што го имал низ различни генерации, со цел да се зачува топлината на семејниот дом.
Во проектот се вратени и закривени аголни скали, како место каде што семејството често се собирало и фотографирало.

Младо дрво од грејпфрут засадено во рачно изработен камен сад има посебна симболика, а токму тоа дрво било мотивот на муралот на Фрида насликан во кујнската ниша.
Пред него, во камениот под, се наоѓа врежан мотив на тепих што ѝ припаѓал на Кристина Кало и некогаш ги дочекувал гостите на влезот.

Спомени и посебен мурал
Музејот ја задржува интимата на семејниот дом. Посетителите можат да видат обновени соби, вклучувајќи ја спалната соба на Кристина и кујната, во која се наоѓа единствениот познат мурал што Фрида некогаш го насликала во нејзината куќа.

Низ низа галерии и автентично реставрирани соби, патеката води до скалите што воведуваат во најинтимниот дел од ипоставката.

Скриено студио
Подрумот на куќата е претворен во верна реконструкција на приватното засолниште на Фрида, простор каде што, далеку од сите, таа пишувала, сликала, размислуваала и ја набљудувала природата.

Тука се чуваат нејзините оригинални предмети – работна маса, бои, колекција пеперутки, како и микроскоп. Rockwell Group LAB креирал и интерактивна реплика на микроскоп што им овозможува на посетителите да ги проучуваат истите примероци што Фрида некогаш ги гледала.

Отворено за јавноста
Со отворањето на музејот Casa Kahlo, јавноста прв пат доби увид во приватниот дел од животот на уметницата, семејните односи, ритуалите и емоционалните врски што влијаеле на нејзиното творештво.
Куќата останува физички мала и интимна, но во однос на содржината станува еден од најзначајните простори посветени на едно од најголемите имиња во уметноста на 20 век.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија