Насловна / Архитектура / Над 5.000 посетители за две години во Спомен-собата на Киро Глигоров

Над 5.000 посетители за две години во Спомен-собата на Киро Глигоров

На 3 мај се одбележаа 103 години од раѓањето на првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров. Во Штип, родното место на Глигоров, веќе четири години функционира општинскиот Мултимедијален центар. Со одлука на Советот на Општина Штип, во декември 2017 година, истиот беше именуван во чест на Киро Глигоров. Половина година подоцна, беше отворена и Спомен-соба на Глигоров, како еден вид на музејска поставка.

20180518_132526_resize

Она што може да се види, е резултат на дарежливоста на неговото потесно семејство, кое отстапи поголем дел од неговите лични предмети и подароци, со што беше овозможено да се оформи Спомен-собата.

20180516_110622_resize

Лоцирана е на приземјето на Мултимедијалниот центар, а предметите може да се поделат на три категории: лични документи, ордени и признанија и лични предмети.

Личните документи и фотографии на Глигоров, сè она што тој го имал за себе и го чувал сиот свој живот, вклучително и легитимациите од времето на бугарската окупација, партизанските евиденции како и поствоените идентификациски документи. Тука влегуваат и неговите говори и осврти на повеќе теми, вклучително и неговата мелодија „Ленка“, за која малкумина знаат, а самиот Глигоров ја напишал.

20180518_141443_resize

Во вториот дел, се содржани речиси сите ордени, признанија, пофалници и подароци кои Глигоров ги добил и примил во текот на неговиот политички ангажман. Овде може да се видат ордени од португалскиот крал, австриската влада и одликувања од држави како што се Того и Малезија. Голем дел од поставката е посветена токму на неговите одликувања како државник, а меѓу другото може да се видат и различни подароци, кои ги добивал на приемите за време на посета на странски држави или како домаќин во Македонија.

Во последниот дел од поставката, може да се види неговото работно биро, и клавирот на неговата сопруга Нада, кои се отстапени на Мултимедијалниот центар. При посетата на Спомен-собата, може да се погледне и изложба на фотографии, од неговите детски денови, преку средби со светските државници, сè до фотографии со најблиските членови на семејството и внуците, како и филм посветен на животот и делото на Киро Глигоров.

20180518_141738_resize

На самиот крај, може да се види највисокото државно одличие, кое Глигоров го добил, „Орден на Република Македонија“, како и неговата книга „Македонија е сè што имаме“.  Секој посетител може да се потпише во Спомен-книгата и да добие флаер, со основните информации за Спомен-собата и за претседателот Глигоров.

Откако е отворена Спомен-собата, досега ја посетиле над 5 000 посетители. Голем дел од нив се и ученици, дури и од соседните општини, како Кочани и Пробиштип, кои ја посетиле во рамките на отворената настава.

20180518_141637_resize

Меѓу посетителите се и голем број на домашни и странски политичари, министри од Владата, бивши премиери и странски амбасадори. Највисок претставник кој ја посетил Спомен-собата е поранешниот шеф за проширување на ЕУ, Јоханес Хан, а делегации од Грузија, Израел, Чешка и други земји, како дел од работните посети во Мултимедијалниот центар, исто така ја посетиле и Спомен-собата на Глигоров.

NP1_0630_resize

Мултимедијалниот центар и Спомен-собата официјално беа отворени на 19 јули 2018 година. Спомен-собата е осмислена и реализирана од страна на Кирил Панајотов, советник за јавни дејности во Општина Штип, и долгогодишен пријател на Глигоров.

Мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“ е изграден на локација на некогашното летно кино во Штип, преку проектот „Вмрежување на мултимедијални центри во прекуграничниот регион – Креатива“ кој беше финансиран преку ИПА- програмата за прекугранична соработка на ЕУ. Почна да се гради во 2014 година во месноста Суитлак. Носител на проектот беше Центарот за развој на Источниот плански регион со седиште во Штип и народното читалиште „П. Р. Славејков – 1938“ од село Брезница, Општина „Гоце Делчев“ од Бугарија.

20180518_142331_resize

Вредноста на проектот е 448.840 евра, од кои Општина Штип доби 300.000 евра (половина се инвестиција на локалната самоуправа), а бугарската страна 148.000 евра. Градежните активности преку тендерска постапка ги реализираше штипската фирма „Актива“. Освен Спомен-собата на Глигоров, Центарот содржи и нова сала за проекции (мала киносала), сала за состаноци и едукација и друго. Во овој Мултимедијален центар е сместена дирекцијата и одговорните за културните настани во градот како што се „Штипско културно лето“, „Макфест“ и други.

Испрати коментар

Scroll To Top