Насловна / Арт и дизајн / Мишел Ридер: Скулптури од обично домашно ѓубре и отпад пронајден во природата

Мишел Ридер: Скулптури од обично домашно ѓубре и отпад пронајден во природата

Почнувајќи од тркалото за точак на Марсел Дишан од 1913 г., уметноста на готовиот објект има безмалку стогодишна традиција и делата на Дишан, Пикасо, Реј денес имаат култна вредност. Но, за денешниот уметник ангажираната уметност е нешто повеќе од потребата да шокира и иновира. Уметноста, особено големите скулптурални дела и уште повеќе оние кои произлегуваат од студијата во кои славни уметници вработуваат голем број асистенти/помошници, генерираат и акумулираат големи количини отпад.

01_resize

Уметницата Мишел Ридер, повеќе години работи со различни организации на создавање проекти кои ќе помогнат да се истакнат проблемите со отпадот и пластиката во реките, и да помогне во рециклирањето и намалувањето на отпадот од храна. Исто така таа работи и со галерии, училишта и други организации, како слободен уметник едукатор.

10_resize

Мишел Ридер дипломирала ликовна уметност и магистрирала сценографија. Во 2017 година се преселила од Лондон во Нотингамшир. Таа сега живее и работи во Нотингамшир, стационирана е во работилницата Harley Foundation Workshops во Велбек, северно од Шервудската Шума. Создава дела од користени отпадни материјали уште од 1997 година, креирајќи уникатни фигуративни скулптури од домашен отпад и пронајдени предмети.

9_resize

Ридер прави уникатни фигуративни рециклирани скулптури од домашен и индустриски отпад во комбинација со пронајдени или донирани предмети. Нејзините скулптури понекогаш имаат механички елементи, користејќи работни делови од стари играчки, часовници, бела техника  или други предмети. Нејзините скулптури често се претстави на луѓе, диви животни, возила или знаменитости.

14_resize

Изложените дела на нејзината скорашна изложба, отворена на 14-ти мај, која ќе трае до 24-ти јули во Harley Gallery и во Музејот на колекцијата Портланд во Велбек, во близина на Ворксоп, Нотингамшир во која впрочем е сместено и нејзиното студио, се инспирирани од „убавината на природниот свет“. Материјалите како машини за перење, рамки од велосипеди, автомобилски гуми и сл., донирани од Фондацијата за заштита на дивиот свет на Нотингамшир, кои беа собрани во нивните паркови во време на пандемијата кога се зголеми бројот на диви депонии, беа неопходни за да ги трансформира во органски свет.

7_resize

5_resize

Скулптурите како мал див и голем питом коњ, дива коза, мршојадец и бумбар кои се споени од огромен вид различно, обично домашно ѓубре и отпад пронајден во природата, ја нагласуваат врската помеѓу она што го консумираме и уништувањето на дивиот свет и природната средина. На оваа изложба, три големи скулпторски инсталации на дивиот свет се придружени со кратки филмови кои го документираат процесот на создавање. Скулптурите се направени од извонредна низа обичен отпад.

02_resize

Истовремено преку деликатноста на составните делови на скулптурите, тие ја отсликуваат убавината и чудото на природниот жив свет. „Сакам да создавам дело кое е интерактивно и привлечно, тактилно и шарено. Радоста на работата со пронајдените материјали е неочекуваната употреба што може од нив да произлезе. На пример, чадор и кофа кои се комбинираат за да формираат труба на нарцис, деконструирани далечински управувачи кои се претвораат во дамки на јагуар или гас-маска која станува лице на бумбар“, вели Ридер.

2_resize

Изборот на материјали исто така може да биде клучен дел од приказната за едно дело. Во 2008 година Мишел Ридер создаде портрет на семејство направен од нивниот домашен отпад создаден во текот на еден месец. Материјалите не само што ја нагласуваат потребата да се нагласи и истакне количината на отпад што секој од нас го произведува, туку и ја раскажува приказната за секој поединец преку работите што ги фрла – детски цртежи, список за купување, роденденска честитка. Нејзината долгорочна намера е да создаде скулптури кои ќе го свртат вниманито кон еколошките прашања на естетски, хумористичен и неконфронтирачки начин.

12_resize

 

1_resize

Таа смета дека нејзината работа има хумор и топлина, што кај луѓето мами насмевка, а особено е привлечна за децата. Ридер се надева дека нејзината работа ќе ги натера луѓето два пати да размислат за вредноста на материјалите и за тоа што е отпадот, како и за влијанијата од прекумерната потрошувачка. Затоа се занимава и со едукативна работа. Нејзината цел е тоа да го направи на позитивен и инспиративен начин и да помине многу време во посетување училишта или водејќи работилници во јавни простори, за да им помогне на луѓето да станат креативни со работите кои обично би ги фрлиле.

11_resize

Ридер вели: „Мислам дека е застрашувачки колку сè стана еднократно во современото општество. И покрај позитивните чекори како што се зголемувањето на стапките на рециклирање и данокот на пластични кеси, сè уште ни претстои долг пат за да го намалиме нашиот отпад на одржливо ниво“.

Автор: Д-р Петрула КОСТОВСКА, историчар на уметност

(Специјално за Порта 3 од Лондон)

8_resize

04_resize

3_resize

13_resize

0_resize

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top