Според неодамнешните извештаи, лисиците почнале да копаат дувла во кровните градини на идната канцеларија на Google во лондонскиот Кингс Крос. Уредените кровни тераси, кои се еден од главните елементи на оваа 11-катна зграда, ги населиле градски лисици во раната фаза од изградбата, но според портпаролот на Google, штетата предизвикана од животните е минимална.

„Појава на лисици на градилиштата е прилично вообичаена, а нашиот проект во Кингс Крос не е исклучок. Иако лисиците повремено се видени на лице место, нивното присуство беше краткотрајно и имаше минимално влијание врз работите“, откри за британските медиуми одделот за односи со јавноста на технолошкиот гигант.

„Земјодер“ наместо облакодер
Архитектонските фирми Bjarke Ingels Group (BIG) и Heatherwick Studio – ја проектираа централата на Google во овој лондонски кварт како прва зграда што ќе биде целосно во сопственост на оваа компанија надвор од Соединетите Американски Држави.
Поради својата должина, објектот го добил прекарот „Landscraper“, што алудира на зборот „skyscraper“, бидејќи се протега со должина 330 метри, што е подолго од висината на лондонскиот The Shard – највисоката зграда во Велика Британија. Да споменеме дека и The Shard бил дом на диви животни за време на неговата изградба, а на неговиот 72-ри кат живеел лисец по име Ромео.

Кровна градина долга 300 метри…идеална за лисици
Една од клучните карактеристики на новата зграда на Google е градината на кровот долга 300 метри, на кој се наоѓаат патека за трчање, простори за јадење и зони за вежбање. Градините што ја следат патеката содржат дури 40.000 тони земја и носат 250 дрвја.
Се чини дека оваа локација им се допаднала и на лисиците, бидејќи, според извештајот на Гардијан, извори блиски до градилиштето го потврдиле присуството на глутницата во отсуство на луѓе на зградата: „Има мала дупка во градината каде што живее една лисица. Ја гледавме низ целата зграда, час е на петтиот кат, час во градината. Никој не успеа да ја фати.“

Експерт од фирмата за дератизација EcoCare рекол за Гардијан дека порано гледал лисици на градилиштата низ Лондон како бараат остатоци од храна оставени од работниците. Тој исто така рекол дека тие веројатно преживуваат главно јадејќи стаорци. „Лисиците се снаоѓаат доста добро хранејќи се со глодари, со оглед на тоа што не живееме подалеку од три метри од најблискиот стаорец“.

А лисиците не се единствениот проблем
Плановите за оваа зграда беа објавени уште во 2013 година, а завршувањето на работата на проектот од страна на BIG и Heatherwick Studio се очекува оваа година. Имено, објектот првично требаше да го проектира бирото Allford Hall Monaghan Morris, но подоцна беа ангажирани Heatherwick и BIG, кои го презентираа својот проект во 2017 година. Инженерските услуги за инсталациите ги води Atelier Ten.

Сепак, постои сомневање дека сè ќе оди според планот, бидејќи присуството на лисици не е единствениот неодамнешен проблем на градилиштето. Според The Telegraph, дрвените подови во зградата неодамна биле толку натопени од дожд што морало целосно да се обноват.
Имајќи го предвид сето погоре наведено, еден од работниците на градилиштето за овој угледен британски дневен весник изјавил: „Ако ја завршат оваа работа до крајот на 2026 година, тоа ќе биде баш чудо“.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија