Насловна / Вести / Лесен и проѕирен ентериер со современи дизајнерски парчиња со потпис

Лесен и проѕирен ентериер со современи дизајнерски парчиња со потпис

Да се прошетаме низ ентериер на куќа во Штудгард, Германија, проектиран и изведен од архитектонското биро „Конструкта“ од Скопје, во период на пандемија, кога не беше можно да се посети објектот, директно да се контактира со инвеститорите, да се види во живо и да се сними и почувствува просторот. Дополнителен предизвик и одговорност за мене како проектант, беше и времето за реализација, така што истовремено со изведбата на објектот, се изработуваше и мебелот по мерка. Комплетната изработка на опремата се реализираше во Македонија. Одличната соработка  инвеститор – проектант – изведувач,  резултираше со беспрекорно завршен објект. Со оглед на далечината и неможноста да се посети просторот, кај многу специфични позиции кои бараа прецизност и точност во милиметри немаше простор за грешка и враќање назад во производство. За успешната реализација придонесе и умешноста на нашите искусни мајстори и посветеноста на целиот тим.

20220619_191746_resize

ЈАСНО ДЕФИНИРАН ПРОСТОР

Куќата на три нивоа е едноставно функционално решение и јасно дефиниран простор. На приземјето се сместени: гаража, хоби соба и машинска просторија, топла врска со првото ниво каде се дневниот престој, кујната, трпезаријата, гостинската соба, тоалет и утилити. На второто ниво преку галерија се пристапува до приватниот дел, детските соби и родителска спална со walk in гардеробер и бања.

Едноставноста во архитектонскиот израз на објектот се одразува и во ентериерното уредување.

20220619_150449_resize

Дневниот простор е отворен, удобен и простран со дискретна визуелна преграда од метал одвоена од трпезаријата. Преградата е дизајнирана за телевизор кој ротира 360 степени и е ориентиран и кон трпезаријата и кон кујната. Акцентот е на библиотеката која е исто така дизајнирана со лесна метална конструкција и нагласени хоризонтални полици во неутрална беж боја и жлебан медијапан. Карактеристичен тон што отскокнува и ја нагласува заднината на библиотеката е ѕид во петролеј акрилна сатен боја. Истиот тон се повторува и на бојата на килимот, на кој е поставена стаклена, целосно транспарентна клуб маса.

20220619_192537_resize

НОВ И ИНОВАТИВЕН МАТЕРИЈАЛ

За кујната е предвиден доволно голем простор за да се овозможи овој значаен простор за семејството да биде добро организиран, добро опремен и функционален. Работниот дел од кујната е сместен на централно поставен остров со вградна техника, со што не се  нарушува минималистичкиот дизајн. Плотната е изработена од Florim Stone грес порцелан со димензија 300 на 100 сантиметри, како и од нов и иновативен материјал кој сè повеќе се користи во дизајнот на мебел, не само за кујнски плотни туку и за фронтови. Организацијата на просторот на кујнскиот остров значи директно поврзување на модерниот живот и чувството на враќање на старите навики – дека семејството секогаш се собира околу огништето. Сите останати елементи се високи ормари со нагласени, дискретно осветлени вертикални елементи. Боите на ѕидовите се бели, подот во целост е обработен со плочки во нијанси на темна, топло сива боја, а мебелот е во песок сива нијанса.

20220619_192049_resize

20220624_131741_resize

Изборот на неутрални нијанси остава простор за избор на контрасни акценти во структурата или бојата, како обработката на лицето на пултот во вертикално жлебан медијапан или петролеј боја во дневниот простор.

gostinska banja (1)_resize

Во исти тонови е дизајнирана и гостинската бања, нагласен е ѕидот со плочки во голем формат и земјени бои на мермер, како заднина на мијалникот и на чешмата во инокс финиш.

Осветлувањето како важен елемент во ентериерот е ненаметливо, со неколку декоративни парчиња, што придонесуваат на комплетно обмислената слика.

ПРИВАТЕН ДЕЛ

До второто ниво се пристапува преку скали изработени од метална конструкција и газишта од масив даб, дискретно издвоени со транспарентна преграда од профили. Галеријата, која е отворена по цела висина до кровната конструкција, ги поврзува  спалните соби.

Родителската спална е пространа со queen брачен кревет, тоалетна маса и гардероба преку која се влегува во родителската бања.

roditelska banja (3)_resize

Уредувањето на бањата е особено важно, тоа е простор каде сме сами и ги спроведуваме своите ритуали за хигиена и нега, каде треба да се обезбеди позитивна и смирувачка енергија. Акцентот е на ѕидот кај двата мијалника, дизајн на Џулио Капелини, а обработен во керамика во голем формат дизајнирана од Франко Гуерцони со инспирација од археологијата и од некое минато време.

IMG-192621bb2180c7799c9a19d7d87afdd4-V_resize

Детската бања пак е колоритна, со ѕид во терацо дизајн комбинација од камчиња во боја, мијалници во необична форма, антрацит галантерија и дизајниран мебел.

Делот за туширање во бањите е одделен со лесни, транспарентни стаклени прегради.

detska banja (3)_resize

Покрај богатата палета на природни бои и внатрешниот сегмент акцентиран со петролеј боја, може да се забележи дека овој ентериер е всушност светол. Лесен и проѕирен со современи дизајнерски парчиња со потпис.

Едноставноста на линиите кои се среќаваат во ентериерот ја „вознемирува“ само текстурата која може да се најде и почувствува во подот, на места на ѕидовите и понекаде разбиена со поедини детали и мебел.

Автор: Ирена ДИМОВИЌ-ДАНИЛОВСКА, дипл. инж. арх.

20220619_192054_resize

20220619_193112_resize

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top