Куќата Kazemat Koningsweg се крие на работ на голема холандска шума и на прв поглед изгледа како необична природна формација, закопана, обрасната и речиси невидлива. Сепак, зад оваа скромност лежи проект со извонредна сложеност, просторно интелигентен и длабоко вкоренет во неговата околина.

Куќата за која проектот го потпишува бирото JCR Architecten е со површина од само 43 квадратни метри, објектот е мала куќа за одмор, но во исто време и експеримент во архитектонска камуфлажа што всушност е дел од поширок локален урбанистички план.

Станува збор за поранешна воена база од Втората светска војна, во холандскиот национален парк De Hoge Veluwe, која холандските власти одлучиле да ја трансформираат во простор за современо домување, уметнички работилници и единаесет мали таканаречени „folly“ куќи, слободни интерпретации на објекти за одмор во дијалог со природата.

Областа Koningsweg е обележана со сложена историја. Во текот на 1940-тите, Германците тука граделе бункери и воени станици, скриени во шумата, а денес областа се трансформира во модел на одржлив живот, каде што архитектурата служи како мост помеѓу историјата и екологијата.
„Сакавме да го задржиме духот на местото, идејата за криење, тишина и напнатост помеѓу природата и човекот. Наместо да го негираме военото минато, решивме да го преведеме во современиот јазик на архитектурата. Kazemat е бункер, но таков што крие мир наместо оружје“ објаснуваат архитектите.

Куќата навистина се кре, вкопана е во земја, прекриена со автохтона вегетација и обликувана така што нејзините линии се спретопуваат со топографијата. Од далеку, изгледа како зелен рид. Дури кога набљудувачот ќе се приближи до неа, се појавуваат острите рабови на бетонските и металните елементи, а потоа и голема огледална површина на фасадата што ја рефлектира околината.
Пристапот до куќата води преку тешка метална врата, од која се симнува во земјата, се до висина на половината. Ова спуштање всушност го подготвува посетителот на искуството на просторот што следи. Влегувањето е како транзиција во друг свет, заштитен, но во исто време проѕирен, со поглед насочен кон надвор, преку нивото на теренот и кон крошните на дрвјата. Куќата на тој начин се „шири“ кон пејзажот, додека косиот кров и големиот прозорец создаваат чувство на континуирана врска помеѓу ентериерот и природата.

-„Сакавме просторот да се отвори кон шумата, но во исто време да го задржи чувство на засолниште. Кровот е како качулка што ве штити, но ви овозможува да гледате кон небото“ велат од JCR Architecten.
Куќата е градена од бетон лиен на лице место, во комбинација со дрво и стакло што ѝ даваат робусност, но и топлина. Стаклениот ѕид овозможува светлината длабоко да навлезе во внатрешноста, додека одразот на надворешниот свет ја претопува куќата со пејзажот.

Конструкцијата ја подупираат тешки челични столбови, а деталите се изведени со речиси занаетчиска прецизност. Иако мала по димензии, куќата остава впечаток на монументалност.
„За нас беше важна рамнотежата помеѓу спартанско и чувствително. Куќата е сирова, речиси аскетска, но во тоа лежи нејзината убавина. Сакавме материјалите да зборуваат сами за себе“, објаснуваат проектантите.

Еден од најубавите делови од проектот е начинот на кој се третира кровот, не како технички елемент, туку како продолжение на природниот терен. Површината е обрасната со растенија кои растат и во околната шума, а конструкцијата е благо подигната од теренот, со што се овозможува непречен премин на животните под објектот. Вегетацијата на кровот создава микроклима, додека косиот челичен столб што го пробива кровот служи како живеалиште за птици и лилјаци.
„Кровот не е само декорација. Тој е природен простор, место каде што животот може повторно да влезе во архитектурата“, велат архитектите.

Овој пристап покажува дека одржливоста не е само прашање на технологија, туку и емпатија кон екосистемот. Внатрешноста на Kazemat е минималистичка, тука се отворена дневна соба со кујна, ниша за спиење и бања. Сè во просторот е подредено на чувство на мир, тоновите се неутрални, површините се чисти, а погледот на шумата е доминантен. Светлината се менува во текот на денот и се прекршува низ стаклениот ѕид, така што просторот е постојано живее со околината.

Kazemat Koningsweg не е изолиран експеримент, туку дел од поширок проект за ревитализација на поранешната воена зона. Во соработка со урбанистички планери и други архитекти, областа полека се претвора во пример за одржлив развој, комбинација од домување, култура и еколошка обнова.
Секоја од единаесетте куќи во проектот ја интерпретира идејата за „скривалишта во природа“ на свој начин, но Kazemat се чини дека е најдиректна во оваа симболика, речиси целосно скриена, со минимални траги од човечко присуство.
Проектот веќе привлече меѓународно внимание. Беше номиниран за наградата DETAIL Readers’ Award 2024 во категоријата „ Living“, а вклучена е и во поширокиот избор за наградите Dezeen 2025 во категоријата „Мали проекти“.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија