Кога ќе се каже „Ферари“, повеќето помислуваат на звукот на моторот, мирисот на бензин, моќта, брзината и автомобили што го подигнуваат адреналинот. Затоа не е изненадување што новиот модел „луче“, првото целосно електрично „ферари“ во историјата, предизвика возбуда каква што ретко се гледа во автомобилската индустрија. Но, наместо да зборува за перформанси, автомобилскиот свет денес зборува за шеги за неговиот изглед.

Социјалните медиуми се преплавени со мемови и карикатури. Корисниците го споредија со „фиат мултипла“, компјутерски маус, пегла, правосмукалка, косилка, па дури и количка за супермаркет.
Онлајн шегата отиде дотаму што Нисан дури објави фотографија од својот модел Леаф на социјалните мрежи со порака дека е поласкан што Ферари наводно го имитира. Објавата беше брзо избришана, но снимката веќе стана вирална.

Многу фанови на Ферари беа шокирани не само од електричниот погон, туку и од фактот дека автомобилот со познатиот коњ што скока повеќе личи на футуристички кросовер отколку на спортски автомобил по кој овој бренд е познат со децении. Ова доведе до коментари дека моделот „луче“ личи на сè друго, само не на „ферари“.
Посебно внимание предизвика фактот дека вештачката интелигенција, на барање на некои автомобилски новинари и дизајнери, генерирала алтернативни верзии на моделот. Овие рендери набрзо станаа вирални, а голем број корисници оценија дека вештачката интелигенција го разбира традиционалниот изглед на Ферари подобро од луѓето што го дизајнирале „луче“.
Парадоксот е во тоа што зад контроверзниот изглед лежи технолошко чудо. Автомобилот развива повеќе од илјада коњски сили, до стотка стигнува за само две и пол секунди и е еден од најнапредните електрични автомобили денес. Сепак, интернетот го претвори во тема на несолена шега.

Но, критиките не доаѓаат само од социјалните мрежи. Поранешниот претседател на Ферари, Лука ди Монтеземоло, кој ја водеше компанијата повеќе од две децении, изјави дека новиот модел ризикува „да уништи еден мит“. Тој отиде чекор понатаму, велејќи дека автомобилот треба да се ослободи од познатиот амблем на коњ, саркастично коментирајќи дека тоа е „Ферари што дури ни Кинезите нема да го копираат“.
Од друга страна, актуелниот извршен директор Бенедето Виња ги отфрла критиките. Тој тврди дека интерес на клиентите постои и дека нарачките веќе пристигнуваат, и покрај негативните коментари на интернет.

Но, не реагираа само фановите на брендот. По претставувањето во Рим, акциите на Ферари паднаа за повеќе од осум отсто, што покажува дека и инвеститорите имале сомнежи.
Во секој случај, ретко кој автомобил успеал да привлече толку многу внимание и толку многу поделени мислења за толку краток временски период. За некои, „луче“ е смел поглед во иднината. За други, тоа е најскапиот интернет мем на годината.

И додека во Маранело тврдат дека нарачките пристигнуваат и дека иднината веќе започнала, јавноста сè уште го поставува истото прашање: дали автомобил без звук, без класични линии и без препознатлив лик навистина може да биде Ферари?
Можеби за неколку години ќе се покаже дека интернет шегаџиите грешеле. А можеби „луче“ ќе се памети како автомобил што повеќе ги освои социјалните мрежи од патиштата. Засега, само едно е сигурно – првото електрично „Ферари“ успеа она што малкумина успеваат да го направат: да зборува за него целиот свет, со една од најконтроверзните премиери во автомобилската индустрија во последната деценија.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија