Насловна / Вести / Повторно отворен последниот оригинален дом уреден од Гауди

Повторно отворен последниот оригинален дом уреден од Гауди

По три години реставрација, на третиот кат од прочуената Casa Batlló во Барселона, повторно оживеа оригиналниот станбен ентериер од 1906 година. Просторот современо го уредила Паола Навоне, а во иднина ќе се користи за приватни собири и посебни гастрономски искуства.

Casa Batlló, едно од најпознатите дела на Антони Гауди, отвори простор кој повеќе од еден век останал надвор од вообичаената музејска поставка.

Станува збор за дом на третиот кат од зградата, каде што со генерации живееле директните потомци на семејството Batlló. За разлика од другите катови, овој простор зачувал голем дел од автентичниот станбен амбиент што Гауди го проектирал на почетокот на 20 век.

По обемната реставрација, отворен е во нова улога, како серија приватни простории наменети за помали собири, деловни состаноци, прослави, презентации и гастрономски настани.

Откриен оригиналниот ентериер

Реставрацијата траеше три години, а експертскиот тим на просторот му пристапил како кон археолошко наоѓалиште.

Со отстранување на слоевите и интервенциите создадени во текот на 20 век, откриена е оригиналната архитектура од 1906 година, која останала изненадувачки добро зачувана под подоцнежните измени.

Обновени се оригиналната столарија, штукатурите, подовите и градежни системи осмислени од Гауди, додека деловите што не можеле верно да се зачуваат, верно се репродуцирани со употреба на традиционални занаетчиски техники.

„Затекнавме значително изменет дом, но извонредно целовит под подоцна додадените слоеви. Процесот беше речиси археолошки – отстранувавме, откривавме и враќавме она што веќе беше таму“, објасни главниот архитект.

Меѓу најважните откритија се флоралните штукатури што биле скриен повеќе од еден век, оригиналните брановидни тавани и стара врата што Гауди ја рециклирал и јаприлагодил за нова намена.

Пронајдена е и досега непозната рачка за врата, уште еден детаљ што покажува колку архитектот посветувал внимание и на најмалите елементи од секојдневниот живот во домот.

Моќта на имагинацијата

На обновената архитектонска основа се надоврзува современо уредување кое го потпишува италијанската дизајнерка Паола Навоне и нејзиното OTTO Studio.

Нивната интервенција не е замислена како современ ентериер што би се натпреварувал со архитектурата на Гауди. Наместо тоа, просторот е уреден како дом што продолжил да се развива и да се користи.

„На почетокот, ми се чинеше дека интервенција во Casa Batlló е речиси невозможна. Сè се промени кога престанав да размислувам за проектирањето преку Гауди и почнав да го замислувам овој простор како мој дом во Барселона“, рече Паола Навоне.

Еклектичното уредување се базира на комбинирање мебел, уметнички предмети и рачно изработени парчиња од различно потекло.

Боите, материјалите и текстурите и даваат на секоја просторија посебен карактер, додека оригиналните архитектонски елементи остануваат во преден план.

Архитектурата на Гауди одблизу

Приватните простории се одвоени од главната туристичка рута низ Casa Batlló и, во зависност од избраната соба, можат да примат од две до 20 лица.

Покрај приватните и деловните настани, на посетителите ќе им бидат понудени гастрономски искуства што ја толкуваат каталонската и медитеранската кујна на современ начин.

Со отворањето на последниот оригинален дом во зградата, дел од наследството на Гауди стана достапен на начин што е можеби најблиску до неговата почетна намена – како ентериер во кој повторно се борави.

Испрати коментар

Scroll To Top