Во ЕУ започна примената на забраната за уништување на непродадената облека, модни додатоци и обувки за големите компании, со цел намалување на отпадот, ограничување на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина и поттикнување на развојот на циркуларната економија. Мерката е дел од Уредбата за еколошки дизајн на одржливи производи (ESPR), која за средни компании ќе започне да се применува од 2030 година.
Според податоците на Европската Комисија, секоја година во Европа се уништуваат помеѓу четири и девет проценти од непродадениот текстил пред воопшто да стигне до потрошувачите. Таквата пракса годишно предизвикува околу 5,6 милиони тони емисии на јаглерод диоксид, што е речиси еднакво на вкупните нето емисии на Шведска во 2021 година. Со цел оваа практика да се запре, компаниите ќе имаат обврска да објавуваат податоц за количината непродадени производи кои ги отфрлаат како отпад. Истовремено, воведена е забрана за уништување на непродадената облека, модните додатоци и обувки, со одредени исклучоци. Сепак, во одредени околности уништување на производите ќе биде дозволено, на пример кога тие се оштетени или кога претставуваат безбедносен ризик.

Од февруари 2027 година, компаниите ќе користат единствен образец за пријавување на количините на непродадени производи кои ги отфрлаат, што би требало да го олесни следењето на спроведувањето на новите прописи и да ја зголеми транспарентноста. Наместо уништување на непродадените залихи, Европската Комисија ги повикува компаниите да го унапредат управувањето со залихи и повратот на стоката, како и нејзино насочување кон алтернативни решенија – повторна продажба, донирање или повторна употреба.

Комисијата потсетува дека уништувањето на непродадените прозиводи е долгогдишен проблем во ЕУ. Само во Франција секоја година се уништуваат непродадени производи во вредност од околу 630 милиони евра, додека во Германија годишно се отфрлаат речиси 20 милиони вратени производи купени преку интернет. Уредбата за еколошки дизајн на одржливи производи претставува еден од клучните инструменти на ЕУ за развој на циркуларната економија. Со неа се настојува производите на европскиот пазар да бидат долготрајни, погодни за поправка, реупотреба и рециклирање, со ефикасно користење на ресурсите и помало влијание врз животната средина.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија