Насловна / Арт и дизајн / Конкурсен повик: ГРАДОТ УБАВ

Конкурсен повик: ГРАДОТ УБАВ

МКЦ распишува повик за избор на 20 авторски цртежи, кои ќе се реализираат во рамки на проектот „Градот убав“. Повикот е отворен за домашнитe ликовни уметници и автори од полето на уличната и графити уметност.
Идејата е во склоп на еден од најзначајните објекти од современо Скопје – објектот на Градскиот трговски центар, да се интегрира првата галерија на отворено, посветена на уличната уметност и графити културата. „Градот убав“ е темата со која ќе го започнеме овој уникатен културен проект.
Целта на оваа интервенција е да се даде простор на домашните автори да реализираат дело посветено на Скопје, кое оваа година одбележува 55 години од обновата по катастрофалниот земјотрес од 1963 година. Покрај промоцијата на домашните уметници пред јавноста, со оваа интервенција ќе му се даде дополнителна функција на овој архитектонски атрактивен простор.

grad
Секој заинтересиран може да учествува на конкурсот со една идејна скица – концепт, во една од категориите: 1. Street art или 2. Graffiti .
Настанот ќе се реализира на 15 и 16 јуни, а на 17 јуни 2018 година ќе се случи официјалното отворање на галеријата.
Локацијата на настанот е автобуската постојка во склоп на Градскиот трговски центар – Скопје, на потпорниот ѕид во кој ќе бидат формирани 20 полиња за работа.
Организаторот за потребите на настанот ќе обезбеди материјали за изработка на делата, фотодокументација и архивирање, изработка на брошура, како и еднакви хонорари за авторите согласно обезбедените средства (20×6100 денари /нето).
Постојат 4 различни димензии на полиња, затоа авторите треба да ја земат предвид адаптибилноста на скицата. Точните позиционирања и организација на делата ќе се извршат по изборот на пристигнатите апликации.
Учесниците треба да приложат монтажа на идејната скица во едно од полињата, приложувајќи ги дополнително следните информации (преземи апликација):
Материјалот електронски можете да го доставите најдоцна до 24 мај 2018 година, на адресата: info@mkc.mk со наслов на пораката: Име и презиме / Градот убав.
Организаторот, по завршувањето на повикот, на 1 јуни ќе ги објави јавно резултатите.
Нема да бидат разгледувани скици со недолична содржина, дискриминаторски пораки и навреди на која било основа.

Иницијатор на овој настан е архитектот и уметник Филип Конески, а организатори се Младинскиот културен центар, Град Скопје и Градски трговски центар – Скопје.
Проектот е дел од програмата CreArt (Network of Cities for Artistic Creation).

Испрати коментар

Scroll To Top