Насловна / Архитектура / Колку чинат становите во близина на славните италијански споменици?

Колку чинат становите во близина на славните италијански споменици?

Најголемиот сајт за недвижности во Италија, „Imobiliare“ ги објави резултатите од истражувањето за тоа колку чинат становите во близина на најголемите и најпознатите италијански споменици.

Во истражувањето кое го спроведе „Imobiliare“ биле вклучени споменици како Дуомо во Милано, Колосеумот во Рим, Понте Векио во Фиренца, Пјаца Сан Марко во Венеција, Арената во Верона, Моле Антонелиана во Торино и кривата кула во Пиза.

На последно место, односно најповолно е да се купи стан во близина на кривата кула во Пиза, бидејќи стан кој се наоѓа на 10 минути пешачење од кулата чини 2.900 евра за метар квадратен, само 11,5 отсто повеќе од просечната цена во другите делови на градот.

Во Торино, во близина на Моле Антонелиана, просечната цена во близина на овој симбол на главниот град на регионот Пиемонте е околу 3.098 евра за метар квадратен. Становите во близина на Арената во градот на Ромео и Јулија, Верона чинат околу 4.582 евра за метар квадратен, што е за 78,5 отсто повеќе отколку во другите делови на градот.

Доколку сакате да купите стан во близина на плоштадот Сан Марко во Венеција, треба да потрошите во просек 5.289 евра за метар квадратен, што е за 65,5 отсто повеќе од просечната цена на становите во Венеција која е 3.192 евра.

На трето место се становите во близина на Понте Векио во Фиренца, кои чинат 5.871 евро, што е за 40,2 отсто повеќе отколку во другите делови на градот.

Колосеумот, кој е еден од најпосетуваните споменици не само во Рим, туку и во цела Италија и кој секоја година го посетуваат милиони туристи, додава вредност на становите во неговата околина кои се за 91 отсто повисоки од просечните цени во Рим и чинат 6.427 евра за метар квадратен.

Меѓутоа, зоната околу Миланската катедрала, т.е. на познатиот Дуомо е далеку поскапа од сите други области во близина на славните италијански споменици. Тука е потребно да се издвојат 9.747 евра за метар квадратен, што е за 81,7 отсто повеќе отколку во другите делови на градот, каде просечно чинат 5.364 евра.

Агенцијата за недвижности „Imobiliare“ ги земала предвид становите кои се на максимум десет минути пешачење од познатите споменици и ги споредила цените по квадрат со просечните цени во другите делови на градот.

Испрати коментар

Scroll To Top