Насловна / Архитектура / Кампанополис: неофицијалната престолнина на одржливата архитектура без архитекти

Кампанополис: неофицијалната престолнина на одржливата архитектура без архитекти

Општопознатата фраза „Размислувај глобално, делувај локално“ се препишува на шкотскиот биолог, социолог, географ, филантроп, иновативен градски планер и социјален активист Сер Патрик Гедес (1854 – 1932) и покрај тоа што таа не се јавува директно во рамките на неговата книга од 1915 година „Градовите во еволуција.“  За разлика од ова се чини дека има повеќе претенденти за тоа кој ја има спомнато прв истата во контекст на заштитата на човековата околина во 1970-тите години, како на пример, основачот на „Пријателите на Земјата“ Дејвид Рос Бровер, добитникот на Пулицеровата награда Рене Жил Дубос, претседавачот на конференцијата „Размислувајќи глобално, делувајќи локално“ Фран Фетхер и францускиот филозоф и социолог Жак Елул.

21_resize

Приближно во истиот период со започнувањето на користењето на фразата „Размислувај глобално, делувај локално“ во контекстот на заштитата на животната средина се има јавено и една личност која преку својата активност веројатно има дадено исклучителен придонес во оваа сфера и покрај тоа што можеби ова не била оригинална мотивација или цел.

АЛБЕРТО КАМПАНА

Приказната почнува во втората половина на 1970-тите години кога Алберто Кампана бил успешен деловник лоциран во Мендоза, винарската „престолнина“ на Аргентина.  Тој бил самосоздаден милионер преку ланецот на супермаркети и производството на конзервирана храна со кои раководел. Неговиот живот ненадејно се сменил кога во 1976 година му бил дијагностициран терминален рак на грлото/крајниците и прогноза дека му остануваат само уште неколку години да живее. Како резултат на ова, тој направил драстичен чекор и ги продал своите бизниси за со парите од продажбата во 1977 година да купи 200 хектари земја ви близина на градот Гонзалес Катан, Матанза, кој се наоѓа околу 32 километри југозападно од Буенос Аирес, а со желба да создаде викендичка и фарма.  Земјиштето се состоело од полиња, шуми, рекички и езерца.

13_resize

За жал неговата желба во мир и спокој да ги помине преостанатите денови на својот живот не се реализирале со оглед дека непосредно по купувањето на земјиштето во период на политичка нестабилност и превривања во земјата, воената хунта која дошла на власт му го одзела имотот за на истиот да создаде депонија за отпад. По долгогодишни судски процеси и враќање на демократијата во земјата, тој конечно го добил назад својот имот во 1986 година, но со мал „подарок“ – два милиони кубни метри отпад. По ова тој се концентрирал на враќање на својот имот во подобра состојба. Така по расчистувањето на отпадот од неговата земја тој посадил над 100 илјади дрвја на истиот.

12_resize

КАМПАНОПОЛИС, РЕЗУЛТАТ НА НЕРАЗЈАСНЕТАТА ВИЗИЈА

За неговиот следен чекор се „кршат копјата“ затоа што само може да се нагаѓа дали тоа бил резултат на размислувањето на визионер, генијалец или пак на лице со нарушено ментално здравје.  Како и да е исходот го има ставено него и неговото дело на листата на туристички атракции во околината на Буенос Аирес. Станува збор за Кампанополис, резултатот на неразјаснетата визија на Алберто Кампана. Без никакво градежно искуство или обука тој на својот имот го создал ова, како вообиачено го нарекуваат, средновековно село, кое органски се развивало врз основа на приливот на градежни материјали и елементи собрани од депонии за отпад, сочувани од стари објекти или пак купени од објекти кои сакале да се ослободат од материјали.

9_resize

Периодот во кој бил создаван Кампанополис се совпаѓа со периодот на интензивни градежни активности во Аргентина во текот на кој голем дел од историските објекти биле срушени за да се заменат со посовремени нови.  Дел од постојните објекти биле внимателно демонтирани за да може да се пренесат и повторно да се состават во САД или во Европа, а дел завршиле како градежни материјали за изградба на неговото село. Тој голем дел од своето време го поминал по градежни депонии или пак на аукции за продажба на материјали, што му овозможило да создаде еклектична мешавина на објекти како од бајките, но изградени од повторно употребени градежни елементи. Така голем дел од столбовите и капиите потекнуваат од оригиналниот трговски центар Галериас Пацифико, седиштата од оригиналното кино Гимс биле вградени во новоизградените објекти на Кампанополис со што на одреден начин биле сочувани за идните генерации и покрај тоа што ова било сторено и на помалку бизарен начин.

0_resize

Некои го сметаат резултатот како екстремен колекционерски рај или пак како своевиден увид во неразбирливиот мисловен тек на Алберто Кампана, со оглед на потребата да се заборави за логичното размислување и прифати невообичаеното. Инаку, како да се објаснат пумпите за вода поставени на врвот од столбовите за улично осветлување, капии коишто висат на ѕидовите, група на расипани машини за чукање поставени во соба или пак низа на метални скали кои не водат никаде, а се поставени во надворешна градина. Плафонот на еден од објектите е обработен со поединечните кристали од раскошни лустери, а ѕид со стари метални ковани пари – пезоси.  Покрај црква и ветерница, во рамките на селото се наоѓа и група од 12 куќички инспирирани од бајките за Ивица и Марица.

01_resize

Правилата на Алберто Кампана забраниле кој било кој да спие во кој било од објектите и како резултат на ова ниту Алберто, ниту член на неговото семејство никогаш не живееле или преноќиле во Камапанополис и покрај просторот кој им стоел на располагање. Изгорените вагони на пругата која требало да го поврзе Кампанополис со светот биле жртва на подметнат пожар и започнатите, но незавршени објекти се одраз на смртта на Алберто Кампана во 2008 година со што неговата не многу јасна и разбирлива и помалку бизарна визија никогаш не била целосно завршена.

00_resize

РАСЧИСТУВАЊЕ НА ОТПАДОТ И САДЕЊЕ НА НАД 100 ИЛЈАДИ ДРВЈА

Во овој случај се чини дека првобитната желба да се поминат последните денови на живот во природа во рамките на својата фарма била заменета со ноќна мора и долгогодишна борба, првин да се врати одземениот имот, а потоа да се расчистат „подарените“ два милиони кубни метри отпад, пред да се пристапи кон садењето на над 100 илјади дрвја и изградбата на Кампанополис.  Самиот чин на расчистување на отпадот и садењето на над 100 илјади дрвја како резултат на активностите на едно лице претставуваат исклучителен придонес кон определбите за заштитата на животната средина. Изградбата на Кампанополис, колку и да е невообичаена, дала свој придонес не само кон зачувување на елементите на градителското наследство на Буенос Аирес и Аргентина, и изградба на село од бајките и визиите на Кампана, туку и, осмислен или не, пример за тоа како преку повторна употреба на градежните материјали може дополнително да се придонесе кон заштита на животната средина.

15_resize

Се чини дека опкружувањето на Кампанополис ја искажува контраверзноста и комплексноста на современото општество во кое живееме.  Патот од градот Гонзалес Катан кон Кампанополис води низ дива населба во предградието на градот, а на кои делото на Алберто Кампан, Кампанополис, со своите над 100 илјади посадени дрвја веројатно во голема мерка им ги дава и потребните „бели дробови“ и долгорочно го подобрува квалитетот на животната средина. На лично ниво, „мисијата“ Кампанополис, му овозможила на својот творец со децении да го продолжи својот живот наспроти неколкугодишниот период на преживување предвиден по терминалната дијагноза од 1976 година. Дополнително, на сите нам ни е дадена можност преку оваа туристичка атракција да се запознаеме со Кампанополис, веројатно престолнината на архитектурата без архитекти, и исклучително пригодната локација за промовирање на првата епизода на „Играта на троновите“ за Латинска Америка во 2011 година.

Abandoned,Buildings,In,Campanopolis,Medieval,Village,,Buenos,Aires,,Argentina

ГЛОБАЛНИОТ ДЕН ЗА НАДМИНУВАЊЕ НА КАПАЦИТЕТОТ НА ПЛАНЕТАТА

Ваквите исклучителни, случајни или намерни, примери на „Размислувај глобално, делувај локално“ само придонесуваат за намалување на последиците од глобалните климатски промени, кои и оваа година продолжуваат во непосакуваната насока со оглед дека и годинава глобалниот ден за надминување на капацитетот на планетата Земја беше 28.7.2022, наспроти 30.7.2021. Овогодинешниот резултат е еднаков на оној од 2018 година врз основа на што веројатно може да се заклучи дека веројатно едно се зборува, а дека веројатно нешто сосема друго се прави во реалноста, со оглед дека на жителите на планетата Земја сè уште им се потребни 1,75 планети „Земји“ наместо постојната една. За жал и оваа година резултатите за Северна Македонија покажуваат дека сè уште не можеме да ги достигнеме ни лошите резултати на глобално ниво со оглед дека Земјата го надмина капацитетот 22 дена порано на 6.7.2022. А последиците од ваквите состојби сите ние може секојдневно да ги видиме во медиумите. Според некои истражувачи она што ни се случува годинава, претставува добра илустрација за она што редовно ќе ни се случува во 2050 година доколку продолжиме како досега.

Creative,Building,In,Campanopolis,,Argentina

18_resize

19_resize

17_resize

16_resize

20_resize

5_resize

2_resize

Испрати коментар

Scroll To Top