Насловна / Архитектура / Како и дали ќе опстои архитектурата во Њу Орлеанс?

Како и дали ќе опстои архитектурата во Њу Орлеанс?

Како еден од најстарите и културно најразновидните градови во САД, Њу Орлеанс е архитектонско чудо. Во тоа се уверив кога го посетив во 2004-та, или пред катастрофата од ураганот Катрина годината потоа. Денес животот во градот е главно вратен, а архитектурата во голем дел сочувана. Познатиот Француски кварт и натаму е преполн со фотогенична палета на пастелни бои – куќи со совршено симетрични фасади главно во креолски стил, чардаци со леано железо, шпански колонијални структури и доминација на традиционалниот француски романтизам. Во друг дел на градот, куќи-дворци, некои претворени во музеи, други во приватни колеџи или простори за специјални настани, музеи во модернистички стил и обновени објекти во арт деко. Секоја зграда нуди нешто уникатно и фасцинантно. Оттука и чувството на мистичност, секоја градба со своја приказна, како од минатото, така и во сегашноста.

Old Building French Quarter Dumaine Street New Orleans Louisiana

Фото 2_resize

Враќајќи се наназад, од првите години на населувањето на Европејците во овој дел на светот, до денес, куќите во Њу Орлеанс и крајбрежните парохии на Луизијана се градени подигнати од нивото на теренот.  Со текот на времето, нивниот изглед и начините како се подигнувале се менувале, но причините за овој пристап на градење останале исти. Онаму каде што заситените почви, непредвидливите водотеци и променливиот раст на нивото на водата коегзистираат и со силните ветришта, безбедноста честопати можела да се гарантира само со живеење над земја, а не на непредвидливиот терен.

Веќе во 1719 година, кога Њу Орлеанс го сочинувале куп колиби, особено на местото на сегашниот Француски кварт, доселениците изградиле насип долж реката Мисисипи висок еден метар. Како поука од успесите и неуспесите на живеалиштата на домородното население и како одговор на заканите од постојано менување на околината, Французите, Африканците и Шпанците од карипскиот дел и северното крајбрежје на Мексиканскиот Залив, а исто така и Французите, Афроамериканците и креолските доселеници од Луизијана, во 18 век го развиле типот француска креолска плантажна куќа. Ваквите градби на надземен подрум биле меѓу најраните изрази на типот на подигнати градби во регионот, а пристапот се применувал и во 20-тиот век.

Garden District Home

Historic house in the French Quarter of New Orleans

Како еден од примерите на функционалност на овој метод на градење е токму куќата Наследство на Мадам Џон (Madam John’s Legacy). Оваа куќа важи за една од најзначајните архитектонски градби во регионот и е еден од најстарите преживеани објекти во Њу Орлеанс. Куќата-музеј сè уште стои, 230 години откако била обновена, нудејќи лекции како да се живее едноставно и безбедно, во услови на вродена отпорност на локалните жители, а особено во град со влажна клима, кој до ден денес на сиот технолошки развој во светот е подложен на поплави.

Фото 5_resize

Долго пред сегашниот систем за одводнување, канализација и пумпни станици, жителите на Њу Орлеанс проектирале имајќи го на ум соживотот со водата. Поради честите поплави, пониското ниво се користело за складирање, а не за станбени простори, а се градело со водоотпорни материјали од цигли и малтер. Идејата е тоа што ќе се намокри потоа релативно брзо да се исуши. Оттука и пристапот го добил своето име –  „влажна отпорност на поплави“.

Приспособени на локалните временски услови, овие стратегии се нарекуваат „пасивни“ или „биоклиматски“ и важат за стандард пред модерните, интензивни системи за климатизација и вентилација. Главното ниво на куќата, каде се живее, дополнително е подигнато за околу три метри, има големи врати и прозорци позиционирани за да создадат вкрстена вентилација и да пропуштаат дневна светлина, а поставени се и дрвени капаци кои служат за заштита за време на бури. Од тие причини и падовите на крововите се стрмни, а широките и покриените тремови на предната и задната страна на куќите штитат и од дожд и од жешкото сонце.

Бидејќи, навистина, за разлика од другите делови на земјата, каде врне повремено со што некогаш неподносливата топлина се ублажува, летата во Њу Орлеанс пристигнуваат како некој несакан гостин кој се вртка наоколу, (и тоа четири месеци), за на крај да стане комплетно недобредојден.

И токму во овој дел од годината и главно заради внимателното и долгорочно урбано планирање, градот ја покажува својата истрајност и приспособливост. Кога некој ќе рече – Музиката излегува од порите на човекот, токму истото може да се каже и за Њу Орлеанс. Во кој друг американски град има тапани и блех-бендови како амбиентални звуци? Во годините по ураганот Катрина, градот стана лабораторија за идеи на архитектонски и урбан дизајн – имаше инвазија на добри намери, но само неколку имаа трајно влијание. Многу од нив за жал завршија несреќно – пример се куќите на Бред Пит и непрофитната иницијатива сега погодена од судски спорови.

Flooded Street, New Orleans, Louisiana

Cloudy storm in the sea before the rain. tornado storms cloud above the sea. Monsoon season. Hurricane Florence. Hurricane Katrina.

Некои од најдобрите идеи за справување со предизвикот на природни катастрофи ја вклучуваа водата, вечното прашање за секој жител од областа. Централниот дел е приближно три метри под нивото на водата, така што градот мора да се бори со водата на три фронта: насипите, кои пропаднаа по Катрина, поплавувајќи 80 отсто од градот, мочуриштата на југ, кои делуваат како тампон од невремето, но исчезнуваат со застрашувачка брзина поради порастот и слегнувањето на нивото на водата и системот за одводнување на атмосферските води, што претставува застарен метеж од цевки и пумпи, кои во моментов се поправаат и заменуваат. Насипите и системот за одводнување се вековни технологии, инженерски чуда од сега далечното минато. Иако се апсолутно неопходни, тие сами веројатно нема целосно да го заштитат Њу Орлеанс во побурните години што следат.

Оттука, експертите сметаат дека градот мора да создаде поинаков и помалку противнички однос кон водата, и тоа врз основа на холандскиот модел: повеќе базени за складирање, помалку пумпање; повеќе гравитација, помалку бетон. Од 2005 година, наваму, Федералната влада потроши преку четиринаесет милијарди долари за да го надгради системот за контрола на поплави во Њу Орлеанс. Веќе во 2008-та година одредени архитектонски компании го промовираа токму овој модел за справување со водата, но напорите траат предолго. Градот традиционално е наречен Big Easy, и можеби оттука е тој не толку прогресивен дух, предизвик во имплементација на долгорочната визија. Некои од предложените проекти, како Водните градини Мирабу (Mirabeau Water Gardens) иако можеби се одвиваат бавно, сепак во нив и натаму се вложува и некако се туркаат. Воедно се предлага и креирање на десетина други вакви водни градини низ целиот град, само да ѝ се најде соодветно место на водата.

Back Yard Fish Pond

Бавното темпо на адаптација едвај е ограничено само на Луизијана. Да се консолидира и насочи политичката волја и финансирањето огромни проекти, кои се неопходни поради климатските промени, а потоа тие навремено да се реализираат, всушност е тест за владите насекаде. Сепак, се чини дека временската линија не е никаде построга како во Луизијана.

Овој мочурлив, но славен град отсекогаш бил уникатно подложен на таканареченото следното големо невреме – закана што влијае на секое соседство, но онаа што ги остава особено изложени сиромашните жители (богатите секогаш се евакуираат пред ураганот). Тука секако не смеат да се заборават и Хјустон, Мајами, Чарлстон, Норфолк и безброј други крајбрежни градови. И, како што е познато, тоа не се само високото ниво на водите – сушата и шумските пожари се подеднакво застрашувачки и заканувачки.

Според многумина, за Њу Орлеанс, решението можеби лежи во проблемот. Треба да се прекине зависноста од инженерските системи и бетонот и да се дозволи гравитацијата и природата да го одработат својот дел. Да ѝ се дозволи на водата да биде онаму каде што треба.

Од добрите вести, долгорочен план и средства има, а Армискиот инженерски корпус неодамна соопшти дека насипите во Њу Орлеанс се во најдобра форма досега. Од лошите вести, голем дел од нив тонат, како и самиот град, и перспективно треба повторно да се подигнат, со нова сметка од околу две милијарди долари. Оваа сума го одразува огромниот јавен трошок само да се одржи намалувањето на нивото на ризикот во денешно време. Надградбата, со други зборови во суштина не би била надградба, туку само обид да се одржи статус квото. Колку долго може да продолжи подигањето на насипите за да не потонат? Соочени со климатските промени, ова е итно прашање и треба да се разгледа сега, наместо по следната Катрина.

Фото 9_resize

Imperial Citadel of Thang Long in Hanoi, Vietnam

Во меѓувреме, да се надеваме дека лежерниот пристап нема да биде погубен, бидејќи не само што Њу Орлеанс е уживање за поголемиот дел од локалното население, туку и бројните туристи (вклучувајќи ме и мене), би сакале да го посетат или да се вратат во овој град и да им се восхитуваат на звуците на џезот и блузот и на убавата храна.

(Толку ми остана во срцето, што ми беше инспирација за името на мојата ќерка, да се вика токму Нола или (NOLA – New Orleans, Louisiana).

Автор: Јулија ВЕЛКОВСКА

(Специјално за Порта 3 од Вашингтон)

ФОТО Кредит – iStock by Getty Images

Испрати коментар

Scroll To Top