Извозот на пестициди, чија употреба е забранета во ЕУ, нагло пораснал последните години, иако Европската комисија уште пред пет години ветуваше дека ќе стави крај на оваа пракса, покажува новата истрага на организацијата Unearthed и Public Eye.
Според документите добиени врз основа на законот за слободен пристап до информациите, компаниите од ЕУ минатата година планирале извоз на производи кои содржат дури 75 различни хемикалии забранети на европските фарми. Тоа е речиси двојно повеќе отколку во 2018 година, кога за прв пат се собрани комплетни податоци. Наглото зголемување на последиците било причина пред седум години, ЕУ да забрани десетина пестициди. Сепак на производителите и натаму им е дозволено тие исти супстанци да ги извезуваат во земјите со послаби прописи.

Еден од најчесто извезуваните пестициди е манкозеб, фунгицид забранет во 2020 година, бидејќи е класификуван како токсичен за репродукција. И покрај забраната во ЕУ, минатата година над 8.500 тони производи на база на манкозеб се испратени во 59 земји, претежно во оние со ниски и средни приходи. Како одговор на овие наводи, Европската комисија во својата „Стратегија за хемикалии“ ветува дека ќе ја заврши оваа пракса на производство и извоз на опасни супстанции кои се забранети во земјите членки на ЕУ. Но, ефектот изостанува. Портпаролот на Европската комисија рекол за Unearthed и Public Eye дека комисијата е свесна и ја дели загриженоста во врска со извозот на пестициди кои се забранети во ЕУ во трети земји, како и дека остануваат посветени на решавањето на ова важно прашање.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија