Новата година носи нови изложби низ целиот свет, но оние кои наеједноставно можеме да ги посетиме се во Европа.
Од Фиренца до Лондон, оваа година носи фантастични изложби низ Европа, а ова се некои од најдобрите што дефинитивно вреди да се посетат. Без разлика дали сте повеќе љубител на современа уметност или ретроспектива на фотографи, ќе најдете барем една изложба што ќе ве заинтригира.
Марк Ротко: Ротко во Фиренца, Фиренца (14 март – 23 август)

Замислете си како шетате низ импресивните сали на Palazzo Strozzi во срцето на Фиренца. Ренесансната архитектура шепоти историја околу вас додека огромните, живи бои на Марк Ротко вовлекуваат во сосема нова димензија на боја и простор. „Ротко во Фиренца“ е една од најважните ретроспективи посветени на овој американски модернист и се базира на неговата лична поврзаност со Фиренца, град што го инспирирал уште од неговата прва посета во 1950 година.
Изложбата вклучува над 70 дела од најважните меѓународни колекции, од MoMA и Метрополитен до Тејт и Центарот Помпиду, и го следи еволутивното патување на уметникот од неговите рани фигуративни дела до неговите монументални апстрактни полиња на бои кои привлекуваат внимание каде и да се поставени.
Анри Матис: Матис. 1941–1954, Париз (24 март–26 јули)

Ако бојата беше музиката на 20 век, тогаш Анри Матис бе нејзиниот најсмел импровизатор, и токму тоа го открива големата ретроспектива во Гранд Пале во Париз. Изложбата се фокусира на последните години од животот на Матис и годините на неговата креативност кога бил најслободен, кога неговата уметност цветала во едноставни, но интензивни форми и бои. На оваа изложба ќе има можност да се видат над 230 дела: слики, цртежи, илустрирани книги и, пред сè, неговите познати композиции во гваш, кои биле составен дел од неговото уметничко созревање.
Меѓу истакнатите дела се серии како Jazz, монументални панели како La Gerbe и Nus bleus кои го водат окото низ изложбениот простор како ритми на бои. Минувате низ простории што го доловуваат неговото атеље и гледате како Матис ја реинвентирал својата практика во подоцнежните години, користејќи едноставни материјали за да постигне максимална визуелна моќ.
The 90s, Лондон (1 октомври 2026 – 14 февруари 2027)

Доколку сакате да го доживеете духот на една деценија што ја редефинираше британската култура, од мода до уметност, фотографија и општествена естетика, The 90s во Tate Britain е идеална дестинација. Оваа изложба е како временска капсула што ќе нè врати во енергијата на младоста, клубовите, супермоделите и креативната експлозија што остави свој белег во дел од светот.
Во кураторски избор под водство на Edward Enninful, ќе видиме иконични фотографии од Juergen Teller и Corrin Day, заедно со дела од уметници како Damien Hirst, Gillian Wearing и Yink Shonibar, како и модни икони како Vivienn Westwood и Alexander McQueen. Комбинацијата од мода, фотографија, мултимедија и уметност ја прави оваа изложба динамичен и возбудлив преглед на една деценија што ги сруши границите и ги постави темелите на современата култура. Атмосферата ќе биде урбана и жива како Лондон, кој беше епицентар на создавање, изведување и славење на креативни експерименти. Ако сакате да ги доживеете 90-тите преку автентични сцени и приказни, The 90s е местото каде што ретрото се среќава со авангардната вибрација на сегашноста.
Ли Милер, Париз (10 април – 26 јули)

Ли Милер е фотографка чии слики се многу повеќе од естетика; тие се лични приказни, историски сведоштва и интимни визии што ги надминуваат границите на обичната фотографија. Оваа голема ретроспектива во Musée d’Art Moderne de Paris опфаќа околу 250 винтиџ и модерни отисоци, вклучувајќи и некои дела што никогаш порано не биле видени во јавноста. Изложбата го следи фасцинантниот животен пат на Милер од појавувањето пред објективот како модел на Vogue, преку соработките со Ман Реј и француските надреалисти, до нејзината сосема неочекувана, но исклучително моќна улога како воен фотограф за време на Втората светска војна.
Нејзините фотографии од ослободувањето на концентрационите логори, пејзажи, портрети и модни дела откриваат уметница чија креативност секогаш била во движење, истражувајќи го личниот идентитет, општествените норми и реалноста на војната. Оваа ретроспектива не е само преглед на техниката и естетиката, туку и интимна медитација за храброста, трансформацијата и моќта на визуелниот јазик за фаќање на моменти што ја обликуваат историјата, сè во елегантната и современа околина на парискиот музеј.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија