Насловна / Арт и дизајн / Ивана Мирчевска, добитничка на награда ДЕНЕС 2022

Ивана Мирчевска, добитничка на награда ДЕНЕС 2022

Организацијата Факултет за работи што не се учат – ФРУ, Скопје во соработка со Центар за современи уметности – Скопје, Мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), резиденциската програма Residency Unlimited (RU), Њујорк и фондацијата Trust for Mutual Understanding, Њујорк, по шеснаесетти пат го организира процесот за доделување на наградата ДЕНЕС 2022 за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка во Северна Македонија до 35 години.

4O2A0494

По јавните презентации и изложбата на четворицата уметници – финалисти: ДАРКО АЛЕКСОВСКИ, ИВАНА МИРЧЕВСКА, КРИСТИНА ПУЛЕЈКОВА и ЗОРАН ШЕКЕРОВ, кои се случија на 22 и 23 јуни во НГРСМ – Мала станица, жири комисијата составена од: Вивиана Ќеќиа (Лондон), кураторка и истражувачка, кураторка за резиденции и јавни програми во „Делфина фондацијата“, Лондон; Елена Чемерска (Скопје/ Берлин), уметничка и добитничка на наградата ДЕНЕС во 2021 година; Славчо Димитров (Скопје), истражувач, теоретичар, активист и куратор на „Скопje викенд на гордоста“, интердисциплинарен фестивал за квир уметности, култура и теорија; Нора Халими (Тетово), уметничка и професорка на Факултетот за уметности на Универзитетот во Тетово и Лилиа Куделиа (Киев/ Далас), кураторка, историчарка на уметност и соработничка на Residency Unlimited (RU) во Њујорк, одлучи наградата да и ја додели на ИВАНА МИРЧЕВСКА.

4O2A0754

КРАТКО ОБЈАСНУВАЊЕ ОД ЖИРИТО ЗА НАГРАДАТА

Жирито им честита на Дарко Алексовски, Ивана Мирчевска, Кристина Пулејкова и Зоран Шекеров за номинацијата за наградата ДЕНЕС во 2022 година. Работата на финалистите покажува разновидност на уметничка продукција, стратегии и теми од интерес на современата македонска визуелна уметничка сцена и голем потенцијал за развој на идниот визуелен дискурс, уметнички практики и општествено-политичка критика, најави и спекулативни замислувања.

4O2A0799

По внимателно и повеќеслојно размислување, за овогодишен добитник на наградата ДЕНЕС, жирито ја избра Ивана Мирчевска. Овој избор е направен земајќи ја предвид вешто развиената уметничка продукција на Мирчевска и прецизното истражување што се протега низ подвижни слики, текст и инсталации. Ние цениме како работата на Ивана се однесува, ангажира и критички го преиспитува напредувањето на технологиите на видот и функционира како моќно афективно и хаптичко посредување помеѓу телата и просторите на припадност. Исто така, би сакале да го истакнеме сложениот ангажман во работата на Ивана, од една страна, со современи и политички итни дискурси во трансдисциплинарните области на хуманистичките и општествените науки, и, од друга страна, со различни, но заплеткани и вкрстени проблеми и аспекти на нашата современост, вклучително и антропоцен, екологија, капиталистичка екстракција, урбан развој и трансформација, родови нормативни феноменологии, дихотомии природа/култура и тело/технологија и многу други.

Одлуката на жирито беше поттикната од свесноста дека Ивана ќе има бенефит од двомесечната резиденција, врз основа на нејзината решителност и зрелоста на нејзината пракса.

4O2A0478

* * * * *

ИВАНА МИРЧЕВСКА (1992 година) е визуелна уметничка и истражувачка која работи преку слики во движење, текст и инсталација. Нејзиното истражување произлегува од спојот помеѓу технологиите на визуелизација и просторната конфигурација на погледот и телото. Ивана има дипломирано на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство (2015 година) и магистрирано на Академијата за ликовни уметности Брера во Милано, Италија (2018 година). Нејзините неодамнешни дела и ангажмани вклучуваат: уметничка книга “At an angle of 45 degrees” издадена во соработка со „Приватен принт“, „Медиум Пукнатина: Алтернативен сет на потпори за искачување“ во Галерија Ко-Ра (2021 година), “Notes from surfacing: At an angle of 45 degrees” Студио Приватен Принт (2021 година), како и колаборативните проекти:  „Иконографија на ритуалот: Пливање во лепливото езеро“  во Галерија МКЦ (2021 година) и „Ничии прагови конкретно“ Галерија МКЦ (2020 година). Како активна учесничка во локалната независна и експериментална уметничка сцена, преку својата практика таа соработува со колеги од различни дисциплини и контексти.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top