Насловна / Архитектура / Интервју Саша Богдановиќ: Продолжуваме со ревизија на плановите до постигнување на целта

Интервју Саша Богдановиќ: Продолжуваме со ревизија на плановите до постигнување на целта

Дали го потпишавте Одобрението за градење за објектот кај „Холидеј Ин“?

Управниот акт за тој објект е сѐ уште во тек. Кога ќе се исцрпат сите правни постапки, ќе го знаеме конечниот исход и како ќе постапи Општината.

За да стигне проектот во Град Скопје на плаќање комуналии, тоа значи дека претходно имал потребна документација: Извод од ДУП, позитивни мислења и согласности од надлежните институции и бил одобрен од Одделението за градежништво при Општината. По одлуката на Уставен суд проектот веднаш се извади од фиока. Дали некој од петте советници за издавање одобренија за градба во Општината, Ве информираше дека проектот направен врз основа на еден од најспорните планови Ц08 ќе го испрати за мислења до институциите и потоа ќе го одобри за да може да се платат комуналии?

Проектот треба да биде оформен целосно, со целата документација и позитивни мислења од сите институции (БЕГ, ЕВН, ДЗС) и дури потоа се испраќа во Град Скопје за да се пресметаат комуналии. Ова не се однесува само на овој проект, туку и на сите останати проекти кои поднеле барање за документација, биле подготвени однапред и само чекале на пресудата на Уставниот суд на РСМ за укинување на нашата Одлука за неспроведување на плановите.

7

Кога потпишавте Договор со планерската куќа „Билд“ за еден денар за ДУП Ц08, изјавивте дека секако Ви е сомнително, но така налагал Законот за јавни набавки. Зарем навистина очекувавте дека ќе добиете различен, поквалитетен план? Зошто не го раскинавте Договорот многу порано?

Откако беше завршена јавната набавка, Општината реагираше и до самата планерска куќа, со намера да дознае зошто е толку ниска цената. Од нејзина страна добивме одговор дека тие ќе го изработат планот поради референца и некои други нивни видувања. Што се однесува до планерите, тие почнаа да ги извршуваат сите упатства што ги добиваа од Општината и на почетокот имаше соработка. Тоа траеше до одреден момент, кога прекина таа соработка реагиравме за раскинување на Договорот. Едноставно, не може да го раскинете Договорот без да имате одредена причина. Кога престана соработката, тогаш реагиравме за да се раскине Договорот, со цел да одбереме планерска куќа која ќе работи по насоките на Општината.

Бевте првиот градоначалник кој влезе во отворена битка за поквалитетно урбанистичко планирање. Прогласивте Мораториум на градба за 33 спорни ДУП-ови. Мојот впечаток е дека ниту Град Скопје, ниту Владата застанаа зад вас, а очигледно е дека таа битка е речиси невозможно да се извојува сам. Разговаравте ли со градоначалникот на Скопје, со надлежниот министер и со премиерот за проблемите со плановите, побаравте ли помош? На премиерот јавно му се обратија и побараа помош архитектите.

2

Секако дека разговарав со сите нив. Одлуката за неспроведување на плановите беше наше предизборно ветување, но работата е што Уставниот суд, кој е над извршната и над законодавната власт, донесе одлука тоа да го спречи. Доколку немавме соработка, немаше да ги ревидираме и тие осум досега ревидирани планови. Таа соработка ја имавме пред сѐ со Министерството за транспорт и врски и со Град Скопје, со кои намаливме преку 14 илјади метри квадратни градежно земјиште, да го пренамениме во нешто што е општо добро, без разлика дали е зеленило, парк или нешто друго. Сме имале добра соработка, но за жал, Уставниот суд ценејќи по некои други критериуми, рече дека ние таква Одлука како Општина не сме смееле да донесеме.

Кога поранешниот министер за транспорт и врски Горан Сугаревски продаде државно земјиште кај „Холидеј Ин“ се консултираше ли со Вас?

Реално, за тоа тој не треба да се консултира со нас, бидејќи ингеренциите за продажбата на државното земјиште во Општина Центар, во тој момент беа под Министерството за транспорт и врски. Оттука, не би можел да го коментирам тоа, бидејќи не ни имале потреба за каква било консултација. Доколку требало со некој да се консултираат, тоа е Државното правобранителство, кое дава мислење за каква било продажба на земјиште.

Верувате ли во приказната дека инвеститорот кај „Холидеј Ин“, бил добронамерен и од дозволените со планот 200 илјади квадратни метри ќе гради 89 илјади? А замислете планот да предвидуваше 300 илјади, а добронамерникот да одлучи да изгради 150 илјади квадратни метри?

Не би можел да навлегувам во тоа дали се добри или лоши намерите, или пак која е целта, зошто го намалува капацитетот од претходно планираното. За тоа најдобро е да си даде одговор самиот инвеститор. Мене како градоначалник ми е важно при носењето планови, но и за работењето по старите планови, да можеме целосно да ги испочитуваме критериумите и законските прописи и со тоа да ги дисциплинираме инвеститорите во некои параметри кои треба да ги имаат.

8

На Совет на Општината донесен е Заклучок за постапување по член 23 од Законот за урбанистичко планирање. Со Заклучокот се задолжува Комисијата за урбанизам да изготви стручни елаборати за деловите од детални урбанистички планови за кои е неопходна примена на „суспензија на урбанистички план, на негов дел или планска одредба“. За кои делови и од кои ДУП-ови ќе се изработат елаборатите и кога ќе ги доставите до министерот за транспорт и врски? Ако не се лажам рокот од 20 дена тече.

Елаборатите се завршуваат, очекуваме да се одвојат парцелите за кои има управни постапки, кривични, судски итн. сѐ со цел да не наштетиме на тие процеси, бидејќи веќе имаме позитивни ефекти на поединечни парцели за кои сме востановиле дека има одредени прекршувања, како полека ги враќаме и не дозволуваме таму со што било да се постапува. Оттука, можам да кажам дека паралелно ќе се водат тие процеси, суспензии ќе поднесеме секаде каде што ќе процениме дека има некакви прекршувања или надминувања, односно заштита на каков било можен јавен интерес.

3

Инвеститорите и сопствениците на земјиштето кај фабриката „Треска“ се заканија со кривична пријава доколку не се прекине постапката за спроведување конкурсно решение. Дали се тоа истите оние инвеститори кои градат згради како фарми за бројлери и под чиј притисок и се прават плановите за максимизирање на нивниот профит? Спремни ли сте да не се предадете и одите до крај и на суд доколку е потребно?

Јас сум подготвен да ги застапувам интересите на Општината, односно на сѐ она што Општината ќе го донесе како заклучок. Истото тоа го правев и со Мораториумот, каде единствено само јас одев по институции да го бранам ставот на Општината и нашите заложби и пред Уставниот суд; и кога сме менувале планови, кога нѐ тужеле; и за сите предмети лично јас одам и во Јавно обвинителство и пред сите институции да го застапувам интересот на Општината. Тоа што некој смета дека со одредена закана или притисок ќе може да изврши одредено влијание, мислам дека такви работи не поминуваат бидејќи досега сме покажале дека можеме да одолееме на притисоците. Друг проблем е што имаме ситуации како пресудите на Уставен суд, коишто правно не овозможуваат некои започнати работи да ги завршиме, како што сме планирале и како што сакаме. Но, се обидуваме преку разни правни механизми тоа да успееме да го завршиме.

Зошто не поднесете барање до Комората на овластени архитекти и овластени инженери (КОАИ) за одземање овластувања во сè според Статутот на КОАИ, поради нестручност при планирањето утврдено од Комисијата за урбанизам при Општината?

Општината има во план да поднесе барање до Комората, бидејќи досега очекувавме самата Комора да реагира бидејќи тоа е во нивна надлежност. Не треба ние да се повикуваме, односно да бараме сами да си ги завршуваат работите. Меѓутоа, сега кога ќе ги поднесеме елаборатите, ќе ги дадеме забелешките до Комората, но и до други надлежни институции кои сметаме дека може да отворат каква било постапка.

6

Поранешниот член на Комисијата за урбанизам на Општина Центар д-р Дивна Пенчиќ, вели: „Секторите имаат канцеларии едни до други, но никој не знае, ниту пак покажува желба да знае, што работи другиот. Дури воспоставена е пракса и да си ги кријат документите. Најголеми проблеми се увидоа во немање податоци за легализација и изводи или одобренија за градба“. Дали и зошто е тоа така?

Прво, дозволете ми да не се согласам со Дивна Пенчиќ. Има комуникација меѓу сите сектори и одделенија. Моментот е што тие работат со жива материја и таа секојдневно се менува. Имате процеси каде е поднесен елаборат за легализација, па после се одбива, или веќе не е во фаза на легализација. Тоа е секојдневно менување на фактичката состојба, исто како што имаме секојдневно менување на самите предмети. Така што, во зависност од тоа како се менува ситуацијата, така колегите се информираат. Ние цело време контролираме одредени судски постапки кои ги имаме, сѐ со цел да бидеме координирани и да знаеме што треба да направиме.

Зошто изминативе четири години во секторите ги задржавте истите оние кои го одобрија „Скопје 2014“, некои од нив сè уште се раководители на Секторот урбанизам. Повторно нема повикување на одговорност, зошто не работите со нови луѓе?

Не е точно дека немаме нови луѓе, напротив. Општинската админстрација ја „освеживме“ и во делот на урбанизмот и во Одделението за планирање, работата е што Законот за државни службеници е таков да не смеете да менувате одредени позиции, освен ако тоа менување не е направено по хоризонтала, односно да ги распоредувате. Многу од луѓето не учествувале во одобрување на проектот „Скопје 2014“. Знаете, проектот „Скопје 2014“ по сите оние документации кои ги гледаме е одобруван од повисоки инстанци, дали тоа е Министерството за култура, Владата, Министерство за транспорт и врски или Град Скопје. Многу мал дел ја зафаќа Општината, меѓу кои е и Деталниот урбанистички план, кој тогаш неколку пати бил менуван и веќе знаеме на кој начин и во какви околности. Меѓутоа, луѓето кои работеа во изминатиот период дадоа максимален труд, независно дали е тоа Секторот за правни и нормативни работи или Секторот за урбанизам и урбанистичко планирање, за некои од работите да ги подобриме.

4

Велите дека поради бранувањата меѓу Општината, инвеститорите и планерите, Општина Центар може да трпи штети. Спремен ли сте да одите до крај, па макар и на штета на Општината, а на добивка на градот и неговите жители?

Фактот дека два пати досега со Општина Центар го изодевме правниот пат за суспензија на ДУП-овите доволно говори за мојата подготвеност, но покажуваме и дека сме спремни да понесеме и лична одговорност. Но, по ниедна цена не би дозволил да се направи финансиска или каква било правна штета на Општината, знаејќи дека целта може да ја постигнеме по некој друг пат. Работата е што мора да бидеме многу претпазливи бидејќи правење каков било нелогичен потег нема да ја постигне целта, затоа што судот ќе пресуди некој да си го добие одобрението или да си ја заврши градбата, а на крајот ќе имаме огромна финансиска штета, а тоа значи и оштетување на буџетот, што е и кривична одговорност. Затоа мора да бидеме многу внимателни во сите овие постапки што ги водиме, сѐ со цел за некои нелогични штети коишто се направени досега и за жал, озаконети во тие постапки, мора да ги докажеме преку правен акт, преку правни инстанци, што е многу долг и тежок процес. Но, подобро е да постапиме така, отколку да направиме уште поголема штета.

5

Ќе се кандидирате ли за втор мандат и доколку ја добиете довербата од центарци може ли да се очекува брзо, ефикасно и конечно решавање на 33 спорни ДУП-ови за да конечно Мораториумот даде резултат?

Во повеќе наврати споменав дека сум подготвен да одам за втор градоначалнички мандат на Општина Центар. Поддршката од жителите за нашите најголеми борби од ден во ден е сѐ поголема и јас се чувствувам сигурен во моите планови. Тука ќе напоменам дека сум спремен да ја барам поддршката најпрво од телата и органите на мојата матична партија, СДСМ, а подоцна и поддршката од граѓаните на Општина Центар на непосредните локални избори. Продолжуваме со ревизија на плановите и цврсто верувам дека на крајот, ќе успееме да ја постигнеме целта.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top