Насловна / Архитектура / Ин мемориам, Трајко Димитров: Значаен архитект и сведок на случувањата на македонската архитектонска сцена

Ин мемориам, Трајко Димитров: Значаен архитект и сведок на случувањата на македонската архитектонска сцена

Нашето Скопје го прават скопските улици и плоштади, куќи, но пред сè го прават луѓето кои живеат во него, било да се родени тука или се дојдени од некаде. Секој жител на Скопје обележен е со некаков идентитет, одреден со координатите на куќата во која живее или живеел, со улицата во која куќата се наоѓа, со делот од градот во кој растел, дали е покрај Вардар, под Водно, во Карпош, Аеродром или Центар….! Обележен е со изгрејсонцата или залезите на сонцето што ги гледа од својот прозорец или тераса или од кои било топоними разместени во градските урбани простори. Aрхитектот Трајко Димитров беше стар скопјанец, роден и израснат во Дебар Маало. За него со право може да се рече дека е обележан со прав скопски идентитет.

_DSC0015

Македонската архитектонска сцена повеќе пати добиваше свои херои. Тоа беа легендарни, долговечни градители, кои со својот живот и со своите дела го обележаа повоеното градителство во Македонија и во поранешна Југославија. Беа сведоци на значајни случувања на македонската архитектонска сцена, креатори на градежно-архитектонски знаменитости во нашата архитектура.

тт

Нашиот колега и другар, архитектот Трајко Димитров во текот на својот живот беше ценет и почитуван од своите колеги, но и од пошироката јавност. Со своите дела го облагороди просторот во кој живееме, а неговите идеи и неговата работа оставија неизбришливи траги во современата македонска архитектура.

Беше неверојатно упорен во одбраната на своите архитектонски идеи, ја истакнуваше креативноста, и се залагаше доследно за своите архитектонски ставови. Беше строг критичар на архитектонско-урбанистичките интервенции. Ги критикуваше негативните трендови во развитокот на Скопје, таканаречената инвеститорска архитектура, а особено го критикуваше контроверзниот проект „Скопје 2014“, проект кој се направи во текот на неговиот живот.

_DSC0113

пристанишната зграда на аеродромот „Петровец“ со архитект Д. Димитров

Роден е во Скопје на 8 август 1930 година. Татко му Георги бил столар, мајка му Стојна домаќинка. Како мал со своето семејство ја преживува Втората светска војна во Скопје, растејќи во Дебар Маало, каде што татко му ја има столарската работилница. Основното училиште го започнува во 1937, а го завршува веднаш по ослободувањето, како и три класа протогимназија. Завршува гимназија во „Цветан Димов“, а во 1949 година се запишува на тогашниот Технички факултет, подоцна Архитектонско-градежен факултет. Дел е од првата генерација запишани студенти на овој факултет. Покрај обврските на факултетот, атлетиката на Трајко му станала преокупација. Тој со љубов се определил за атлетиката и за трчањето на долги патеки. Бил вреден и успешен и во учењето и во спортот. Трајко Димитров е македонски рекордер во дисциплината 2.000 метри, првак на Македонија во 1953 година на 3.000 метри стипл-чес и републички првак на 5.000 метри. Учесник е на многу меѓународни и домашни натпревари, добитник на многу награди. Во 1954 година по кратко боледување ја напушта атлетиката.

_DSC0174

Го паметам како весел и комуникативен, едноставен човек, срдечен и мошне елоквентен.  Како млад научил да свири хармоника, секогаш беше расположен за добро друштво, беше омилен и кај постарите и кај помладите колеги, како и кај своите пријатели. Ме повика да му помогнам околу фотографиите за книгата што ја пишуваше, книга за неговиот живот и за неговата работа. Ја издаде минатата година со наслов „Траги низ времето и просторот“. Да се реши човек да издаде книга на 90 години и да го опише својот живот и своето творештво, и да го илустрира со фотографии е навистина храбар морален чин. Ми претставуваше особено задоволство што заедно со колегата Владимир Тодоровски работевме на ова негово последно животно дело.

_DSC0829

станбена зграда на аголот од улиците „Ленинова“ и  „Орце Николов“, Скопје

Се вработува во 1957 година во Заводот за станбена изградба како прв инженер архитект  што дипломирал на Техничкиот факултет во Скопје. Подоцна Заводот го менува името во „Македонијапроект“. Во него останува да работи сè до своето пензионирање. Во „Македонијапроект“ започнува неговата плодна проектантска работа. Денес, кога кај многумина, особено во архитектурата, недостасува индивидуалноста, и творечката слобода што ни ја наметнуваат неуки инвеститори, кај Трајко се забележува индивидуалниот израз и автентичната личност на извонреден архитект.

_DSC0135

Основно училиште „Гоце Делчев“, Кавадарци 

Неговите најуспешни дела се создадени во шеесеттите, седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот век. Автор е на неколку култни објекти во Скопје, како Природонаучниот музеј во Скопје, затворениот базен „Младост“ во Карпош, деловниот објект Палома бјанка. Тука се и неговите проекти: Кошаркарската сала на КК „Работнички“ во градскиот парк во Скопје со архитект Ж. Гелевски, Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје (срушен во скопскиот земјотрес), пристанишната зграда на аеродромот „Петровец“ со архитект Д. Димитров, во Скопје, Универзалната спортска сала на Тутунскиот комбинат во Прилеп, Спортската сала во Куманово со архитект Ж. Гелевски, станбена зграда на аголот од улиците „Ленинова“ и  „Орце Николов“ во Скопје, Спортската сала на ДТВ „Партизан“ во Скопје, Стадионот „Чаир“, основните училишта „Гоце Делчев“ и  „Тодор Велков – Пепето“ во Кавадарци, ЕМРЦ „Киро Спанџов – Брко“ во Кавадарци, зградата на автобазата на ЖАС во Скопје, станбени згради низ многу градови во Македонија, индивидуални куќи, домови за физичка култура, полициска станица во Скопје, сè се тоа дел од богатиот творечки опус на архитектот Трајко Димитров.

_DSC0137

Универзална спортска сала на Тутунскиот комбинат во Прилеп

Има и многу нереализирани проекти. „Во неговото творештво, особено во реализираните градби, сплотено е единството на техничките, технолошките, функционалните и морфолошко-естетските димензии на архитектонскиот објект“, вели академикот Георги Старделов во предговорот на неговата книга „Арх. Трајко Димитров“. Во неговите градби, формата, структурата и функцијата не се разделени на вредноста по себе и за себе, туку се вградени една во друга.

_DSC0002

Учествува на многу домашни и меѓународни конкурси и добитник е на многу награди. Во 1967 заедно со колегата Димитар Димитров  ја добива „Борбината плакета за архитектура“ значајно југословенско признание што го доделуваше белградскиот весник „Борба“ за пристанишната аеродромска зграда во Скопје, во 1973 година добитник е на Златна јубилејна плакета за универзалната спортска сала на Тутунскиот комбинат Прилеп, а во 1981 година ја добива Големата награда на БИМАС за универзалната спортска сала во Куманово.

_DSC0126

Спортска сала во Куманово со архитект Ж. Гелевски

Беше претседател на Сојузот на архитекти на Македонија, во 2003 година ААМ му ја додели наградата „Андреја Дамјанов“ за животно дело и достигнувања во архитектурата и градителството со што стана член на Академијата на архитекти при Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

Во приватниот живот Трајко Димитров беше пожртвуван сопруг и татко, а пред сè нежен дедо на своите внуци. Сопругата Зора многу ја сакаше и често за неа прикажуваше со љубов. Имаат со што да се гордеат неговите блиски, како и неговите пријатели во идните сеќавања за Трајко Димитров.

_DSC0125

Prirodonaucen_muzej_makedonija.zgrada.24.8.2013.1

Природонаучен музеј, Скопје

Кога ќе се спомене неговото име веднаш си помислувам на оној зборлест човек и другар, кој умееше да говори на многу теми, особено за архитектурата и за спортот. Честопати го наоѓав, кога беше убаво времето, како седи на клупата пред неговата зграда во Градски ѕид и чека некој да помине за муабет. Сакаше да се дружи, се помнат веселбите на неговото лозје, каде често ги канеше своите пријатели од различни генерации. Беше легенда на домашната архитектонска сцена, голем стручњак, добар колега кој секогаш беше тука да пружи безрезервна поддршка секому кому му беше потребно.

базен

Базен „Младост“, Скопје

Почина на возраст од 92 години оваа година. На некое подобро место нашиот Трајко замина во тишина, без помпа, а неговиот вечен живот го гарантираат неговите архитектонски дела, со кои ќе биде запаметен и во следните генерации.

_DSC1337

Деловен објект Палома бјанка, Скопје

Ќе ни недостасува нашиот Трајко. Како некоја невидлива рака да го запре во, се чини, неговиот незапирлив од. Ќе ни недостасува неговата ведра, полетна, духовита природа, секогаш спремен за некоја досетка. Ќе ни недостасува и оној зрел, мудар и зборлест Трајко, кого ќе го споменуваме во сите наши сегашни и идни разговори. Ми дојде за мојот роденден во октомври дома, заедно со колешката Биљана Филиповска, носејќи ми литар ракија, литар вино и три килограми грозје од неговото лозје. Се договаравме за неговиот роденден да одиме на неговото лозје и таму да го прославиме. Но, замина Трајко во вечноста овој јануари.

Нека му е вечна слава на нашиот Трајко Димитров и му благодариме за сè. Не знам дали горе на небото, некој го краде времето, но неговото време на земјава ќе остане засекогаш зачувано и целовито во нашите сеќавања.

Автор: Ангел СИТНОВСКИ, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top