Насловна / Арт и дизајн / Harry Bertoia и неговата иконична Diamond chair

Harry Bertoia и неговата иконична Diamond chair

Harry Bertoia (1915 – 1978) е американски уметник со италијанско потекло, скулптор за звучна уметност и дизајнер на модерен мебел.

Bertoia е роден во Италија. На 15-годишна возраст, кога му се укажала можност да се пресели во Детроит, одлучил да отпатува во Америка и да живее со својот постар брат. Во Детроит се запишал во Cass Technical High School, каде што изучувал уметност и дизајн и ја научил вештината на рачно изработување накит. Во 1936 година посетувал Уметничко училиште на Детроитското друштво за уметност и занаети, денес познато како College for Creative Studies. Следната година, во 1937 година, добил стипендија за студирање на Cranbrook Academy of Art, каде што за прв пат се сретнал со Walter Gropius, Edmund N. Bacon, Ray and Charles Eames и Florence Knoll.

Кога Harry Bertoia отишол да работи за неговата некогашна колешка од Cranbrook Academy, Florence Knoll и нејзиниот сопруг, во нивниот производствен центар во Пенсилванија, почнал да дизајнира мебел што ја надминува границата помеѓу формата и функцијата. Негвата славна Diamond chair е дел од неговата колекција седење од 1952 година, и е совршен пример за ова. „Ако ги погледнете столчињата, тие се главно направени од воздух, како скулптура. Просторот поминува низ нив“, велел Bertoia.

Diamond chair е направена од заварен челик со шипки во полиран или сатенски хром, или од врзан рилсан, многу издржлива завршница потопена во лепак и најлонски премаз, отпорна на гребење, кршење и хемикалии. Сите жичени седишта вклучуваат лизгалки. Перничињата се прицврстени на столицата со помош на копчи. Навлаките се растегнати преку жичената корпа за седење и се прицврстуваат на корпата за седење со куки.

Diamond chair е неверојатна студија за простор, форма и функција од еден од мајсторите на минатиот век. Како Saarinen и Mies, Bertoia пронашол возвишена грациозност во индустрискиот материјал, воздигнувајќи го надвор од неговата вообичаена употреба во уметничко дело. Жичените столчиња на Harry Bertoia се меѓу најпрепознатливите достигнувања на модерниот дизајн од средината на векот и се горд дел од наследството на Knoll.

Испрати коментар

Scroll To Top