Насловна / Вести / Greenwashing – измама под превезот на грижа за животната средина

Greenwashing – измама под превезот на грижа за животната средина

Под поимот greenwashing, се подразбираат активности кои ја ставаат јавноста во заблуда да верува дека одредена компанија или друг субјект прави поголеми напори да ја заштити животната средина отколку што е тоа случај. Промовира погрешни решенија за климатската криза кои ги одложуваат и дефокусираат конкретните и кредибилни акции.

Се манифестира на неколку начини од кои некои се поочигледни од другите. Овие тактики вклучуваат:

  • Тврдења дека компанијата е на пат да ги намали емисиите на стакленички гасови до нето нула, а во исто време нема кредибилен план како да го направи тоа.
  • Нетранспарентност во врска со суровините и технолошките процеси кои ги користи.
  • Примена на ознаки како green или eco-friendly, за кои не постои стандардна дефиниција.
  • Промовирање на мали подобрувања како активности кои имаат значајно влијание врз животната средина.
  • Подвлекување само на еден аспект од влијанието врз животната средина, занемарувајќи ги останатите.
  • Комуницирање и рекламирање на одржливите атрибути на производот, изолирано од активностите на компанијата (и обратно). На пример, промовирање на маица како одржлива бидејќи е направена од рециклирани материјали, но во фабрика со високи нивоа на емисии, која го загадува воздухот и блиските водотеци.

Од друга страна, науката е јасна кога станува збор за заштитата на животната средина: Емисиите на стакленички гасови, како јаглерод диоксидот и метанот од активностите на човекот, ја обвиткуваат Земјата со покривач од загадувачи, кои ја загреваат планетата и водат до сериозни последици како што се поинтензивни бури, суши, поплави и други екстремни временски прилики. За да се ублажат овие последици и да се зачува планетата на која и натаму ќе може пристојно да се живее, емисиите треба да бидат преполовени до 2030 година и да достигнат нето нула вредност до 2050 година. Токму затоа, Земјата не смее да си дозволи никакви одложувања во постигнувањето на овие цели, изговори или уште повеќе greenwashing.

ИЗМАМНИЧКИ МАРКЕТИНГ И ЛАЖНИ ТВРДЕЊА ЗА ОДРЖЛИВОСТ

Greenwashing –от ги уништува кредибилните напори за намалување на емисиите и борбата со климатските промени. Преку измамнички маркетинг и лажни тврдења за одржливост, greenwashing –от ги става во заблуда потрошувачите, инвеститорите и јавноста, кочејќи ја довербата, амбицијата и акцијата потребна за обезбедување на одржлива планета. Уште од усвојувањето на Парискиот договор за клима во 2015 година, мноу компании се обврзаа да ги намалат своите емисии до нето нула – ниво на емисии кое може да биде апсорбирано од страна на шумите, океаните и од другите „јаглеродни понори“.

Но сепак, овие тврдења и заложби често се потпираат на дискутабилни планови, вклучувајќи т.н offsetting и insetting (префрлање) на емисиите, отколку што станува збор за вистинско намалување на емисиите. Поради тоа, транспарентноста и интегритетот на ваквите тврдења остануваат критично ниски, креирајќи неуспех во испораката на итна климатска акција.

ИНТЕГРИТЕТОТ Е ВАЖЕН

Како одговор на растечкиот greenwashing во однос на обврзувањето за нето нула емисии, на ниво на ОН формирана е група на експерти на високо ниво, со задача да развијат поцврсти и појасни стандарди за заложбите за нето нула емисии на компаниите, финансиските институции, градовите и регионите, и да се забрза нивната имплементација. Во својот извештај Integrity Matters (Интегритетот е важен), експертската група подвлекува десет препораки за кредибилни и отчетни нето нула заложби, и ги детализира неопходните услови за секој чекор кон постигнувањето на нето нула емисии и ублажување на климатската криза. Врз основа на овој извештај, подготвен е и План за имплементација, со цел операционализација на препораките на експертската група, подобрување на транспарентноста и максимизирање на кредибилноста на заложбите за климатска акција и соодветните мерки.

ДА ГИ РАЗБЕРЕМЕ ВООБИЧАЕНИТЕ ТАКТИКИ НА GREENWASHING

Што може секој да направи со цел да се спротивстави на greenwashing-от?

Да научи повеќе: Како потрошувач, секој од нас треба да се потруди да ги разбере вообичаените тактики на greenwashing, но и да разбере што опфаќаат одржливите практики и производи, со цел истите правилно да се препознаат.

Мудра потрошувачка: Кога е можно и кога времето Ви дозволува, одвојте време да направите мало истражување и да ги изберете производите од компаниите кои одговорно ги користат ресурсите и се посветени на намалување на своите емисии и отпад. За почеток, може да се провери дали компанијата е усогласена со некоја од иницијативите на ОН за клима и одржливост, како што се Race to Zero на UNFCCC, или Fashion Industry Charter for Climate Action, или пак UN Alliance for Sustainable Fashion.

Имајте го предвид животниот циклус на производот: Кога се врши евалуација на некој производ, клучно е да се анализира целиот животен циклус, почнувајќи од екстракцијата на суровини, до одлагањето на отпадот, земајќи ги предвид исто така и влијанијата врз животната средина од пакувањето на производот.

Погледајте ги аспектите во врска со транспарентноста и отчетноста: Често е тешко да се дознае дали компаниите се на патеката на постигнување на нивните заложби за нула емисии, а отсуството на стандардизирани и споредливи податоци оневозможува да се постигне напредок во овој аспект. Поддржаните од ОН credibility standards и критериуми, нудат можност за увид во оваа проблематика.

ТВРДЕЊАТА НА МОДНИТЕ ГИГАНТИ ЗА ОДРЖЛИВОСТ СЕ НЕОСНОВАНИ И ИЗМАМНИЧКИ

Модната индустрија, меѓу лидерите во емисии, но и во greenwashing-от

Поради екстракцијата на материјали, долгите синџири на снабдување и енергетски интензивното производство, модната индустрија е одговорна за 2 – 8 % од глобалните емисии на јаглерод диоксид (за илустрација, поморскиот и воздушниот сообраќај заедно придонесуваат за 5 % од глобалните емисии).

Иако се вложуваат значајни напори со цел намалување на емисиите од модната индустрија, сепак, greenwashing-от и натаму останува сериозен предизвик. Еден неодамнешен извештај открива дека 60 % од тврдењата за одржливост од страна на европските модни гиганти се неосновани и измамнички. Ова предизвикува збунетост кај потрошувачите и растечка недоверба околу прашањето „што е и што не е одржливо“. Но, со една од највлијателните маркетиншки машинерии во светот, модната индустрија секако има потенцијал да направи позитивна промена и да биде лидер кон поодржлива иднина.

На почетокот на годинава, Агенцијата за дигитален маркетинг за одржливи брендови Akepa, објави листа на најеклатантни неодамнешни случаи на greenwashing, која ја презентираме во продолжение:

  1. Innocent: неискрено ТВ-рекламирање
  2. Keurig & Lavazza: лажни тврдења за рециклирање и компостирање
  3. Ikea: прикриено користење на дрвна маса која била предмет на илегална сеча
  4. Windex: лажни тврдења за пластична амбалажа направена од 100 % пластика од океаните
  5. H&M: неискрени тврдења за одржлива мода
  6. Hefty: лажно претставување на производ како рециклабилен
  7. Ryanair: лажни тврдења за ниски емисии
  8. Luton airport: лажно претставување на проширувањето на аеродромот, како безопасно за животната средина
  9. Quorn: неверификувани тврдења за намалени емисии
  10. Shell: измама на широката јавност
  11. Unilever: нејасни тврдења за заштита на животната средина
  12. HSBC: измамнички реклами за заштита на климата
  13. Lloyds: измамнички реклами на Linkedin
  14. Delta: лажни тврдења за јаглеродна неутралност
  15. Active Super: погрешно интерпретирана стратегија за инвестиции
  16. Anglian Water: прикривање на податоци за загадување
  17. Danish Crown: измамничко тврдење за заштита на климата
  18. Total Energies: измамничко однесување при натпреварување на социјалните медиуми

Испрати коментар

Scroll To Top