Пожарот, кој целосно го уништи целиот ентериер на објектот, повторно ја актуелизира дилемата околу уривањето на една од највпечатливите згради во Загреб.
Облакодерот „Вјесник“ во Загреб, во кој пожарот избувна во пнеделникот кратко пред полноќ, гореше долго, иако загрепските пожарникари се бореа со пожарот цела ноќ, објави Index.hr. Според извештаите, делови од фасадата сè уште паѓаат од запалената зграда. За среќа, нема повредени.

Иако пожарот беше локализиран, гаснењето траеше долго поради големата количина хартија и архивски материјал, бидејќи делот што беше зафатен од пожарот се користи за сместување на архивата. „Зградата е целосно уништена одвнатре, а детални проценки можеме да дадеме кога пожарот ќе биде целосно саниран“, изјави претставник на противпожарната служба.

Еден од урбаните симболи на Загреб
Изграден во 1972 година според проектот на архитектот Антун Улрих (за архитектот летово објавивме текст во Порта 3 со наслов: „Aнтун Улрих: На неговите предавања на Техничкиот факултет во Скопје се барало столче повеќе“) , облакодерот Вјесник се наоѓа на раскрсницата на Савска улица и Славонска авенија во поширокиот центар на Загреб и е еден од урбаните симболи на хрватската престолнина. Облакодерот некогаш беше седиште на дневниот весник Вјесник, чие последен број излезе на 20 април 2012 година.

„Авторот компонира висок објект со ниска база на значајна урбана точка на градот. Во исто време, во базата сместува технолошки процес што контрапунктира на канцеларискиот волумен. Вертикалата е во функција на градот и придонесува за урбаноста на местото“, оценила архитект Весна Микиќ во книгата „Архитект Антун Улрих – класичност на модерната“.

Проектиран со високо приземје и 16 ката, облакодерот е висок 67 метри, додека на врвот на зградата има радио јарбол. Облакодерот има квадратна форма со страни од 14 и 39 метри и е дел од комплекс кој содржи и пониски деловни згради. Го носи прекарот „Чоколадна кула“.
Фасадата е изведена од рефлектирачко портокалово и кафеаво мат стакло, што било многу модерно за времето и местото на изградба.

Најинтересна вест била таканаречената пневматска пошта – систем што ги поврзува редакциите, стенографските услуги, печатењето и другите функции на производство на весници. „Приближно 350 метри цевки ќе поврзат 30 поштенски станици, што ќе овозможи испраќање помали пратки до посакуваното место во куќата“, известувале новинарите.

Струката негодувала по најавата за уривање
Во последните години, поради изградбата на сè повеќе модерни деловни простории низ Загреб, цената на квадратен метар во облакодерот почнала да паѓа, а самата зграда се смета за застарена, едно време дури се зборуваше и за нејзино уривање, што предизвика негодување кај граѓаните, архитектите и урбанистите.

Уште пред една деценија, опишан е како „споменик кој долго време изгледа тажно, со валкана фасада, понекое скршено стакло“, облакодерот уништен од пожар денес повторно ги актуелизира дилемите: дали дефинитивно ќе биде срушен? Или, и покрај сè, ќе биде обновен како споменик на модерната архитектура? Ќе дознаеме, се надеваме, наскоро.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија