Насловна / Архитектура / „Фаберже јајце“ во подножјето на Кавказ

„Фаберже јајце“ во подножјето на Кавказ

Понудата на Русија за XXII Зимски олимписки игри 2014 во Сочи беше дел од пошироката цел, земјата да се врати на светската сцена како домаќин на големи спортски настани (последен таков беше Олимпијадата во Москва 1980 година).

12

Предизвикот беше трократен: да го убеди Меѓународниот олимписки комитет дека Русија има визија и инфраструктура да биде домаќин на таков голем настан, да го развие популарното одморалиште Сочи во дестинација за спортови од светска класа и да проектира доволно флексибилен стадион за церемониите на Олимпијадата, а потоа тој да биде дел од натпреварите на Светскиот куп на ФИФА 2018. И Русија успеа во својата намера.

9

Се создаде голема инфраструктурата која го регенерираше регионот, означувајќи го Сочи како туристичка дестинација во текот на целата година и нов голем европски центар за зимски спортови.

4
Сочи е град во Краснодарскиот Крај, сместен на брегот на Црното Море близу границата помеѓу Грузија и Апхазија. Тој е најтоплиот град во подножјето на Кавказ, поради што е прогласен за град-бања. Покрај квалитетните архитектонски зданија за потребите на Олимпијада, (меѓу кои е и хотелскиот комплекс „Запољарије“ проект на архитекти од Македонија), традиционално е познат и по преубавите градини и ретки растенија кои ги обожавале Петар Велики, Сталин, а и претседателот Владимир Путин.

5
Спортскиот комплекс за Олимписките игри е сместен во една од четирите градски области на Сочи, Адлер. Архитектонското биро „Populous“ со седиште во Лондон, кое како што веќе напоменавме во претходниот број е проектант и на уште три стадиона во Русија, во Ростов, Казан и Саранск, одигра водечка улога во дизајнот и изградбата на олимписките објекти. Географските карактеристики на областа, планините и морето, како и потребата за изградба на сите објекти од нула, беа интересна, но и комплицирана задача. Еден од дванаесетте спортски објекти за Олимписките игри во 2014 година е и стадионот „Фишт“. Стадионот го презема доминантното место во Олимпискиот парк кој се протега на површина од 200 хектари. Покрај тоа во февруари 2014 година му беше доделена важна улога. На стадионот се одвиваа незаборавните церемонии на отворањето и затворањето на Олимписките игри.

11
Во градот кој нуди безброј можности за спорт: планинарење, нуркање, пловење, аква велосипеди, скијање, трка во Формула 1 и каде можете наутро да скијате и истиот ден во попладневните часови да пливате во Црно Море, стадионот „Фишт“ е архитектонска икона. А непрекинатите шуми околу градот се светско наследство на УНЕСКО.
Градбата на стадионот започнала во 2007 година. Во проектот за овој објект земени се предвид сите релевантни фактори, меѓу кои се и безбедноста на гостите, спортистите и персоналот, како и минималните штети на еколошката средина, а свечено е отворен во декември 2013 година. Стадионот го доби своето име по истоимениот планински врв кој се наоѓа во западниот дел на Кавкаските планини и чии врвови се гледаат од градот (висина 2.687 м), а од Москва е оддалечен 1679 километри.

7
Ѕидовите и кровот на стадионот претставуваат една целина изградена од проѕирни поликарбонати. Подвижниот дел на кровот се отвора во правец на север со што на гледачите им е овозможен непречен поглед на планинските врвови на Кавказ на исток и брегот на Црното Море на запад. Кога е отворен кровот стадионот потсетува на отворена школка, а кога е затворен има изглед на фаберже јајце. Архитектонското биро „Populous“ својата првична инспирација ја црпело од скапоцените фаберже јајца на рускиот златар Питер Kарл Фаберже, кои се икони на руската култура. Фаберже еднаш годишно за Велигден го претставувал своето јајце направено од злато, скапоцен емаил и драгоцени камења на рускиот цар Александар III кој потоа ѝ го подарувал на својата жена Марија Федоровна. Кога на престол дошол Николај II, Фаберже почнал да прави две јајца годишно, едно за мајката на царот и едно за жената.

8
Стадионот е асиметричен, има мал пристап до морето, а со својата конфигурација и делумно затворени трибини, кои се навалуваат и прошируваат се пристапува кон централниот влез. Главната карактеристика на „Фишт“ е покривот. Неговиот централен проширен дел е направен од лесни, еколошки материјали кои можат да ја пропуштат сончевата светлина. Кровот е дизајниран да изгледа како снежните врвови на околните планини, така што се вклопува во пејзажот на Имеретинска Долина и Кавкаските Планини. Германската градежна компанија Vector Foiltec го изградила покривот со проѕирни пластични Texlon ETFE воздушни перничиња. Во текот на ноќта стадионот создава спектакуларни дисплеи со користење на LED-осветлување.

2

3a
За времетраење на ЗОИ 2014 капацитет на стадионот бил 40.000 места, а за потребите на фудбалското првенство е зголемен на 47.000 гледачи. За останатите потреби на локалниот фудбалски клуб и други настани капацитетот ќе биде намален на 25.000 гледачи.

6
Трошоците за градење се 779 милиони долари. На овој стадион се одиграа четири меча од групната фаза, едно осмина финале и ќе се одигра на 7 јули четврт финале помеѓу домаќинот Русија и репрезентацијата на Хрватска. Во рамки на  првенство се одигра и дерби мечот помеѓу репрезентациите кои биле светски и европски шампиони,  Шпанија – Португалија. Мошне интересен меч на еден уште поинтересен стадион каде еден од најдобрите светски фудбалери Кристијано Роналдо, без разлика што  за него веќе заврши првенството, уште еднаш ја воодушеви планетата со својот импозантен учинок, порачувајќи им на сите дека може и сам.

10
СТАДИОНОТ „ФИШТ“ ПРЕКУ БРОЈКИ
- капацитет 47.000 гледачи
- цена 779 милиони долари
- Олимпискиот парк на површина од 200 хектари

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top