Насловна / Дневни Вести / Извештајот за аферата „Климагејт“ главно ги оправдува научниците

Извештајот за аферата „Климагејт“ главно ги оправдува научниците

climategate.jpgЛондон – Електронската пошта, која е украдена од еден од водечките светски центри за истражување на климатските промени, не содржи докази кои би ги поткопале тврдењата на научниците дека во тек е глобално затоплување, предизвикано од човечкиот фактор, се наведува во еден независен британски извештај.

Истражувањето на поранешниот заменик ректор на Универзитетот во Глазгов, Муиро Расел за скандалот на Одделот за климатски истражувања при британскиот Универзитет „Источна Англија“, потврди дека нема докази за нечесност или корупција во повеќето од илјада е-мејлови, украдени и ставени на Интернет кон крајот на минатата година.

Тоа, меѓутоа, покажа дека научниците не биле транспарентни бидејќи не ги делеле податоците со критичарите. Некои од нивните податоци, исто така, доведувале во заблуда.
– Утврдивме дека нивната исправност и чесност како научници не е доведена во прашање, истакна Расел, додавајќи дека е откриено постоење на „постојан тренд на непокажување соодветен степен на транспарентност“.

Се очекува дека овој извештај ќе придонесе за смирување на светската афера, наречена „Климагејт“.
Истражувањето на Расел е трет обид за да се дојде до вистината во скандалот поврзан за кражбата и ширењето на електронската пошта, која предизвика сензација по објавувањето на Интернет во ноември лани, непосредно пред конференцијата на ОН за клима во Копенхаген.

Тогаш со помош на хакерите во јавноста се појави приватна преписка на група британски и американски климатолози, од кои повеќето се влијателни членови на Меѓувладиниот панел на ОН за климатски промени, кој обично се смета за „водечки научен авторитет“ за овие прашања. Станува збор за луѓе кои долги години биле највлијателни и кои го формирале светското јавно мислење по прашањето за глобалното затоплување.

Овој скандал ги поттикна скептиците и критичарите и ги дестабилизираше преговорите во Копенхаген.
Извештајот ги демантираше врдењата на скептиците дека научниците ги фалсификувале трендовите на глобалните температури, но потврдува дека нивните дијаграми „довеле до заблуда“, но не со некаква намера. (МИА)

Испрати коментар

Scroll To Top