Во свет каде вниманието е најретката валута, а времето нова дефиниција за богатство, францускиот бренд Spktrl лансира вистинско ремек-дело — Spktrl Light Ring, скапоцена комбинација од висока технологија и јувелирска уметност, кој не само што сјае со дијамант од 1,5 карати, туку грижливо гочува она што најмногу го цениме – нашата внатрешна рамнотежа.

Визионерката зад оваа софистицирана иновација е Katia de Lasteyrie, поранешна директорка за иновации во луксузната империја LVMH, која ги помести границите на концептот на луксуз со оваа креација. Наместо уште еден паметен уред, Spktrl Light Ring носи нова филозофија – онаа каде што ексклузивниот накит не само што украсува, туку и штити од информативна бука, нежно го филтрира секојдневниот живот и ја враќа контролата врз сопственото време.

Вградената вештачка интелигенција му овозможува на овој скапоцен прстен да комуницира со вашиот паметен телефон, суптилно испраќајќи светлосни сигнали во бои по ваш избор – во зависност од важноста и природата на пораката: работни обврски, семејни пораки или нешто што не може да чека. Сето тоа без потреба да се погледне во екранот.

Но, вистинската магија лежи во неговата способност да учи – се прилагодува на вашите навики, ритамот на денот, па дури и на локацијата. Светлината, пулсирањето и нијансите се менуваат според вашето расположение и начин на живот. Spktrl Light Ring на тој начин станува ваша лична светлосна симфонија, луксузен водич низ дигиталниот хаос, спакуван во најсуптилна форма.

Ова не е само парче накит. Ова е изјава за луксуз на 21 век – интелигентна, рафинирана и лична. Прстен кој знае кога да ве извести – и кога да ве остави на мира. Во време кога се очекува премногу од нашето внимание, Spktrl Light Ring е најелегантен начин да се каже: моето време е луксуз, а јас бирам како ќе го користам.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија