Насловна / Архитектура / Дали социјалните мрежи поттикнуваат кич во архитектурата?

Дали социјалните мрежи поттикнуваат кич во архитектурата?

„Кич е сето она што е лепливо, што е извесно“.

Ова е една од мноштвото дефиници за поимот „кич“ којашто пред повеќе од десетина години, на едно од своите предавања на Архитектонскиот факултет во Скопје ја истакна професорот Митко Хаџи-Пуља. Сметам дека кичот најлесно е дефиниран токму така – создаден, направен, проектиран за да биде леплив за широките народни маси; тој е очекуван – затоа е извесен. Затоа речиси секогаш кичот, во која било и да е форма, е пред сè создаден за да привлече внимание. Оние со поизградено чувство за естетика ретко кога нема да забележат таква тенденција на авторот, било да е тоа музички композитор, архитект, моден креатор, индустриски дизајнер или кој било профил на креатор кој се наоѓа во позиција да создаде кич.

1_resize

Речиси секогаш кичот е лесно препознатлив по таквата тенденција: стремежот на авторот неговото дело да привлече широко внимание отишол до таа мера, што тој заборавил на основните принципи и постулати во креирањето на своето дело кои водат кон тоа да е универзално убаво и вредно само по себе – а како такво секако немало да помине незабележано од поелоквентната публика и без таквите кичести елементи.

10_resize

Денес, ваквите поединечни авторски стремежи веројатно се најчести, најприсутни и најзабележителни повеќе од кога било. Живееме во ера не само на технолошки напредок – бидејќи своевремено врвен напредок човештвото имало, на пример, и во 60-тите години од XX век – туку пред сè, живееме во т.н. интернет-ера. Интернетот како глобална алатка, последниве 10 – 15 години ги артикулираше социјалните мрежи како посебен медиумски феномен. Тие за разлика од традиционалните медиуми како телевизијата, радиото или весниците, му нудат непосредна можност на консументот на информацијата да го даде својот коментар околу неа, својата критика, став, мислење или оцена.

6_resize

И сфаќајќи ја таквата моќ на социјалните мрежи, цивилизацијата едноставно се обликува кон тоа: на речиси секој еден субјект, практично му е наметнато да размислува во правец на тоа да биде допадлив на широките маси, или во најдобар случај, барем да не испровоцира критика од нив – тие да останат барем неутрални, практично безгласни, или незаинтересирани – без коментар во јавност, онакви какви што биле пред појавата на интернетот, пред и воопшто да добијат можност да го изнесат својот став во јавноста околу што било, особено за работи за кои ниту се повикани, ниту се потковани со знаење, компетенција или чувство за да ги коментираат.

15_resize

Неизбежно, имам впечаток дека ваквиот своевиден „страв“ од критика од широките маси присутни на социјалните мрежи, силно почна да влијае на креативниот, уметнички свет, а неделиво, и на светот на архитектурата токму во тој правец – креаторите да ги обликуваат своите дела во надеж дека нема да бидат искритикувани од некој лаик, кој освен пристап до интернет, нема никакви познавања, ниту око за естетика, уште повеќе ниво на образование, а со тоа и вкус,. Но, од ваквиот „страв“, сепак, мислам дека можеби почна да се развива и нешто друго: уметноста, културата, музиката, архитектурата, и креативниот свет воопшто, почнуваат да создаваат дела кои првенствено имаат за цел да се допаднат на широките маси (активни и на интернет), кои пак, ќе се сложат многумина, речиси никогаш не се истакнувале со особени чувства за квалитет и универзална убавина во креативниот свет. Впрочем, ценам дека отсекогаш уметноста била предмет на интересирање на култивираното малцинство, а не на инертното неуко мнозинство. Барем така било пред појавата на интернетот, а особено пред појавата на социјалните мрежи.

4_resize

 

Со менувањето на ваквата констелација, чувствуваме промена и во музиката, и во архитектурата, и во уметноста воопшто. Во англиското говорно подрачје, постои еден термин: „ostentatious“. Во слободен, буквален превод, тој означува дека нешто е создадено и креирано само за да привлече внимание. Англичаните често го гледаат како пофина, поелегантна верзија од нивниот погруб термин: „pretentious“, или на македонски „претенциозно“.

„Остентициозната“ архитектура најчесто води кон кич. Таа можеби е најприсутна во областите кои имаат за цел да привлечат многу корисници, кои како консументи, практично го „одржуваат“ објектот жив. Веројатно најистакнати такви претставници денес се затворените шопинг-молови и хотелите. Корисниците, односно консументите, или погрубо речено финансиските „издржувачи“ на ваквите објекти не мора да бидат со некој особен вкус за препознавање на квалитетно дело, сѐ додека се привлечени од „остентициозните“ или кичестите карактеристики и елементи во архитектурата, и нормално, сѐ додека доаѓаат и плаќаат. И најчесто немаат особен вкус. Или барем нема дебелото мнозинство од нив.

2_resize

Со темата на кичот како феномен во хотелската современа архитектура, анализирајќи ја преку примери од полските хотели (но и светски познати, лоцирани претежно во Лас Вегас, а во последно време и на Блискиот Исток), подетално се занимаваат професорките Елзбиета Троцка-Лешчинска и Јоана Јаблонска од Архитектонскиот факултет при Универзитетот за наука и технологија во Вроцлав. Во еден од своите истражувачки трудови, „Кичот како феномен во архитектурата на современите хотели“. The New ARCH, 2018, книга 5, 2, 44 – 51, Лешчинска и Јаблонска истакнуваат дека луѓето денес се преплавени со иновации, концепти и можности коишто не можат да ги разберат, да се приспособат на нив, или да ги користат – барем не сите наеднаш. Дополнително, како социјален исход од намалувањето на културниот, семејниот или духовниот живот воопшто, расте општата материјална потрошувачка, со што расте и комерцијализацијата на хотелите. Со цел да ги задржат профитите, нивните сопственици го фаворизираат вкусот на масата и затоа тежнеат кон кичеста архитектура. Во контекст на ова, во публикацијата стои дека чувството за естетика на широките маси (гости во хотелите – заб. на авт.) не мора да биде од највисока вредност.

242976733_resize

Освен тоа, посочуваат Лешчинска и Јаблонска, и сериското, масовно производство на материјали; исчезнувањето на висококвалитетни рачни работилници; недостатокот на естетско и архитектонско образование; недостатокот на знаење за стиловите во различните епохи; и конечно, неразбирањето на новите трендови и нивните цели во архитектурата и дизајнот, дури и меѓу професионалците, се главните причини за засиленото присуство во XXI век на кичот во архитектурата воопшто, а секако најизложени се хотелите и маркетите, како објекти кои имаат за цел да привлечат што поголема маса на луѓе со различни вкусови, афинитети и професии.

17022105_2217030941855590_1957244511826398002_n_resize

Инаку, кичот, но и остентициозното во архитектурата на XXI век, пред сѐ е видливо преку начините на кои се решени фасадите, неумесното користење на стаклото како материјал, нападната примена на современи осветлувања, лошите комбинации на бои и материјали, зголемената и непромислена употреба на огледални површини во внатрешните уредувања, обидот да се имитираат работи од друго време со нови материјали и слично. Во принцип, скоро секогаш станува збор за елементите кои практично служат за „китење“ на волумените и формата на објектот. Дури може да се случи еден објект да е одлично функционално решен, да е волуменски одлично обмислен и привлечен како таков, но едноставно е неумесно пренакитен во желбата да се биде виден, и како таков станува остентициозен или кичест.

Ретко кога денешните автори се дрзнуваат да „избегаат“ од ваквата практика, и барем да се обидат да бидат остентициозни и во волуметријата и формата на објектот. Веројатно кога би пробале, веќе можеме да зборуваме за извесен постмодернистички или деконструктивистички пристап во архитектурата, можеби дури и параметриски во смисла на модалитет на проектирање. И тука е ирелевантно дали таквиот пристап би резултирал со „среќно“ решение или не.

design-neoclassical_resize

На оваа тема, современите правци во архитектурата кои следувале по модернизмот, во своите истражувања, анализи и критики се осврнува и прочуениот професор, куратор и архитект Нил Лич. Би ги цитирал неговите зборови од седмиот дел од публикацијата „Разговори“ од 2009 г., книга изготвена и објавена по повод одбележувањето на шеесетгодишнината од постоењето на Архитектонскиот факултет во Скопје.

Во разговорот со Нил Лич, авторите Марија Мано Велевска и Слободан Велевски, сега веќе професори на АФ, ја отвораат темата на реакцијата на архитектурата во денешниот крајно материјален свет, во вакво ментално и хипер-реално опкружување. Одговорот на Лич за тоа како гледа тој на реакцијата на архитектурата, практично е своевидна критика кон дел од современите текови, велејќи „На постмодернизмот може да се гледа како на естетски рефлекс кој ја привилeгира сценографијата и кој се занимава со претставувањето. Тука би ги вклучил и деконструкцијата, минимализмот, па дури и она што Патрик Шумахер го нарекува ’параметрицизам‘ (иако повеќе ми се допаѓа терминот на Волф Прикс, ’парапатрицизам‘), коишто традиционално се држат како опозиција на постмодернизмот, како дел од логиката на самиот постмодернизам која се однесува на опседнатоста со сценографијата.“

13_resize

Овие зборови на Лич се на линија со многу критичари на современите правци (меѓу другите и Кенет Фремптон и Фредерик Џејмсон), кои сметаат дека денес се преистакнати сценографските лајтмотиви во проектирањето. Не случајно навлегов подлабоко: ценам дека во таквите лајтмотиви (за кои и јас како Лич, Фремптон или Џејмсон сметам дека се силно присутни во современите правци) почнува остентициозното во архитектурата од кое понатаму се раѓа кичот.

И ако ја немате умешноста, на пример, на Хадид, Калатрава, Гери или Фостер за да проектирате гламурозен, авангарден објект (кој притоа нема да биде вон контекст, недоречен, нападен, несреќно накитен, или да изгледа евтино), а инвеститорот нема доволно финансии па затоа мора да импровизирате со евтини материјали, добивате остентициозна или кичеста архитектура. Сепак, огромен дел од архитектите денес кои по секоја цена сакаат нивното дело да привлече внимание од широка публика и да биде коментирано, се свесни за нивната неумешност да проектираат на „хадидовскиот“ или „фостерскиот“ начин, но и за финансиската моќ на своите клиенти, па така се решаваат да го направат тоа само преку декорации, орнаменти, осветлувања, материјали и слично, не преку волуметрија и похрабра форма. Но и во таквото несреќно артикулирање на својата остентициозна желба на крајот сепак добиваат кич.

14711228_1463341713681934_3153871431396681540_o_resize

Често се случува и да експериментираат со некакви квазинеокласицистички или необарокни елементи, кои ако почнат да добиваат поддршка од гореспоменатото „инертно неуко мнозинство“ на социјалните мрежи, стануваат некаков тренд, на што не се имуни ниту внатрешните уредувања. Веројатно тука лежи зајакот и во за мене несфатливиот светски тренд последно време со кој современи, убави, фини ентериерни решенија, непотребно се оптоваруваат (читај: уништуваат) со расчленување на некој од ѕидовите преку празни ѕидни рамки од стриропорни лајсни во обидот да се имитираат гипсените од периодот на рококото. Небаре таквата стиропорна имитација придонесува кон полуксузен ентериерен изглед, како што веројатно би аргументирале креаторите.

Цврсто сметам дека ниту гипсот, ниту стиропорот не одат со најновиот „хај-тек“ телевизор. Да не редам понатаму.

Автор: Бошко ВИДОЕСКИ, дипл. инж. арх.

14_resize

12_resize

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top