Насловна / Вести / Намалување на фрлената храна за заштита на животната средина

Намалување на фрлената храна за заштита на животната средина

Во време на недостиг на храна, кога повеќе од 800 милиони луѓе страдаат од изгладнување, справување со проблемот на отпад од храна е глобален приоритет. Ова треба да важи за политичарите, производители на прехранбени производи и граѓанското општество воопшто. Освен негативните социјални и економски последици, отпадот од храна исто така предизвикува значителна штета и за животната средина.

hrana4

Храната која ја фрламе е сеуште погодна за консумирање, и со нејзино рационално користење можат да се прехранат милиони луѓе во светот.
Фрлената храна е само врв на брегот на отпадот. Системот за храна е виновен за уништување на шумите и е најголема причина за губење на видови и уништување на биодиверзитетот. Исто така, одговорна е и за губење на свежа вода за пиење.

Со фрлањето храна се фрлаат и сета енергија, земјата и водата употребени во производството и се проценува дека годишно се испуштаат 3,3 гигатони штетни гасови создадени со производството на храна која не е конзумирана.

Отпадот од храна се однесува на делови од растенија и животни кои се јадат, кои се произведуваат или се земаат за јавна потрошувачка, но, кои во крајна линија не се конзумираат од страна на луѓето. Исто така, тука се и оние производите кои имаат добар квалитет и се погодни за употреба, но кои никогаш не се вклучени на масата за јадење, бидејќи се исфрлени – пред или откако ќе се влошат. Ова е најчесто онаа храна која се истура, расипува, која има намалување на квалитет или изглед поради сушење или друго и тоа пред да стигнат до конзумација од страна на потрошувачите.

hrana1

Намалувањето на отпадот од храна е една од главните цели на Секторот за развој на ОН. Иако свеста кај потрошувачите за негативните ефекти од отпадот од храна расте, сепак истражувањата покажуваат дека само 53 отсто од потрошувачите се свесни за штетните ефекти од отпадот од храна. Истражувањата покажуваат дека 70 отсто од испитаниците веруваат дека производите треба да се исфрлат веднаш штом рокот на траење ќе почне да се доближува до крајниот датум за да се избегнат болести што се пренесуваат преку храна. Зголемување на рокот на траење може да помогне да се спречат големи количини на отпад.

МАКЕДОНИЈА НА ЛИСТАТА НА РЕКОРДЕРИ

Во однос на загубите на храна, Македонија е ставена на листата на рекордери, а истовремено се соочува со проблем да обезбеди доволно храна за ранливите социјални категории. Околу 30 проценти од храната произведена или увезена во Македонија никогаш не се консумира, бидејќи се расипува веднаш по берењето, во текот на транспортот, или како фрлена храна од големите трговски синџири и потрошувачите.

hrana2

Душко Христов од „Банка за храна“ вели дека во Северна Македонија секој кој ќе проба да даде прецизни податоци за отпадот од храна ќе биде несериозно разбран. “Причината е многу проста и со сигурност попрецизна од онаа која се кажува низ јавниот и општествен дискурс во зависност што сакаме да прикажеме во општеството, дали емпатија, сожалување и „грижа“ кон гладните или атака кон операторите со храна. Додека имаме само една т.н. депонија која може да води евиденција за отпадот од храна т.е. фрлена храна тогаш одговорот на прашањето би бил само една третина до една половина точен бидејќи храна се фрла низ целата држава, а обично се тоа „маалски – градски“ ѓубришта на кои не се води никаква евиденција“, објаснува Христов. Според податоците на „Банка за храна“ во Македонија се фрла храна доволна за околу 15 илјади семејства со над 45 илјади луѓе да можат да имаат барем еден достоен оброк дневно, а изразено во килограми или тони тоа се бројки со околна вредност од над девет до 10 илјади тони годишно.

Според бројот на жители Македонија е на виското осмо место во Европа по фрлена храна, додава Христов.

Во однос на тоа која храна најмногу се фрла и од каде таа потекнува, Христов вели дека бројките за различни. Најмногу, односно 45 отсто се овошје и зеленчук, 26 отсто свежи животински производи, 15 отсто леб и бели печива, по пет отсто се преработки од месо и млечните производи, а на крајот со четири отсто се останатите прехранбени производи.

hrana3

НЕМА ЗАКОН ЗА ДОНИРАЊЕ НА ХРАНА

Глобалната цел на Обединетите нации за намалување 50 отсто на отпадот од храна до 2030, придонесе голем број земји да преземат активности за намалување на отпадот од храна и искористување на храната за донација на најзагрозените категории население, што би придонело во голема мера во борбата против сиромаштијата и гладот.

Во Македонија Закон за донирање на храна се уште не е донесен, иако поминаа речиси три години откако почна првичната постапка за негово иницирање, со кое ќе се придонесе вишокот храната да се донира наместо да се фрла.

“Предлог Законот за донирање на вишокот храна беше подготвен од работната група составена од скоро сите релевантни Министерства при Владата на Република Северна Македонија, како и дел од граѓанскиот сектор каде со свои претставници беше и „Банка за храна Македонија“ во рамки на проектот ВСС Ефект поддржан од Европската Унија. Драфт-предлог верзија беше доставена до Владата, но во меѓувреме со свои забелешки и сугестии излегол Секретаријатот за Европски Прашања – СЕП и се очекува во некое догледно време да се состане Комисијата да ги разгледа и види за што станува збор“, објаснува Христов.

hrana

Самиот концепт на предлог Законот за донирање на вишокот храна, додава тој, споредбено со Европските примери е добра основа за присобирање и распределба на над 30 отсто (процентуален дел од сегашната не до крај осознаена состојба со вишокот – фрлена храна) од храната која би можела да биде конзумирана од страна на нас луѓето! Тоа е огромен дел и количина која би имала трипартитен импакт во нашето секојдневие пресликано во придобивка за над пет илјади домаќинства да имаат барем еден достоен оброк дневно, голем дел на зачувување т.е. не испуштање на СО2 во атмосферата и секако придобивка за самата еконимија која дел сумата – економската вредност на донирниот вишок ќе го врати преку одредени даночни олеснувања, нагласува Христов.

Фрлањето храна во сиромашните земји е помал проблем во споредба со фактот дека големи количества се губат во раните фази од прехрамбениот синџир. Загубите на храна на фармите, во продавниците, превозот, магацините и продавниците ја доведуваат во прашање безбедноста на исхраната во многу делови од Европа и централна Азија, покажуваат податоците на ФАО.

Во земјите во развој, загубите по жетвата можат да достигнат дури до 40 отсто од производството. Во Европа, ако се искомбинираат загубите и фрлањето храна во целиот прехрамбен синџир станува збор за 280 до 300 килограми по човек годишно.

Потребата за храна со годините ќе се зголемува доколку се земат превид прогнозите дека до 2050 година светското население ќе ја достигне бројката од девет милијарди луѓе.

env-net-logo

Испрати коментар

Scroll To Top