„Црвен се барјак развева“ беше мултидисциплинарен проект што ја обработуваше македонската народна борбена поезија и нејзината интерпретација во ликовните дела на македонските уметници. Проектот се состоеше од изложба и публикација. Публикацијата, со аналитички текстови за македонската народна борбена поезија и македонското историско сликарство со теми од НОБ, воедно беше и каталог на изложбата.

Изложбата „Црвен се барјак развева“ се отвори на 9. мај и одбележи два големи јубилеја. 80 години од капитулацијата на нацистичка Германија и крајот на Втората светска војна во Европа и 60 години од публикувањето на првата академска студија посветена на македонската народна борбена поезија. Таа книга, чиј автор е проф. д-р Кирил Пенушлиски (1912-2004), основоположникот на македонската фолклористика, го даде и насловот на целиот проект.

Народноослободителната војна на македонскиот народ претставува врв на неговата борба за слобода. Таа борба не беше само борба со фашистичкиот окупатор за ослободување на нашата татковина, туку и почеток на остварувањето на стремежите за социјална слобода и крунисување на долгата и тешка борба за национално ослободување. Тоа беше судбоносната, одлучувачката борба за македонскиот народ од која тој излезе како победник. Македонија е единствената држава што е родена од борбата против фашизмот.

Македонските народни песни од НОБ се најмладите од борбените песни на македонскиот народ и тие претставуваат континуитет на неговото народно борбено творештво. Во просториите на Националната галерија на Македонија, во објектот Чифте амам, беа изложени текстови на 67 македонски народни борбени песни и ликовни дела на познати македонски модерни и современи уметници како Мартиноски, Личеноски, Хаџи Бошков, Лазески, Куноски, Ташковски… Според темите и мотивите што се појавуваат во изложените песни, „Црвен се барјак развева“ беше составен од пет дела; „Глас од Македонија“, „Од темни зандани“, „Злосторства“, „Во борба“ и „Денес над Македонија“.

„Глас од Македонија“ беше дел од изложбата, наречен по истоимената поема на Коле Неделковски, со песни кои ја прикажуваат тешката положба на македонскиот народ пред почетокот на народното востание.
Во првата песна, „Стар бел дедо овци пасе“, настаната некаде по неуспехот на Илинденското востание и загинувањето на народните херои кои ја водеа борбата против поробувачите, народниот пејач прашува:
„Де е Гоце, де е Јане,
нашиот цар Пирински,
знаме да ни развеат,
на Македонија.“
Додека во „Македонијо, земја мила измачена“ и „Македонијо, земја мила поробена“ тој вели:
„Македонијо, земја поробена,
твојта младост апсани ја јадат,
твојта снага, тирани ја сушат“,
и,
„Семејствата по зандани затворени,
а куќите изгорени,
изгорени, разграбени“.
Во овој дел, покрај другите ликовни дела, беа изложени и две графики на Божин Барутовски, еден од првите македонски графичари. Втората од тие графики, „Столб на безнадежноста“, ја илустрираше песната „Облак вие, орлите пиштат“.

Барутовски Божин, „Столб на безнадежноста“
„Дали врни, грми, ил се земја тресе,
или се борја од корен корнат?
Ниту врни, грми, нит се земја тресе,
ниту се борја од корен корнат.
Буки се сечат, спици се прават
на Македонци под нокти редат“.
Во вториот дел од изложбата, „Од темни зандани“, беа прикажани песни и дела посветени на затворените и измачувани македонски патриоти.
„Во ќелија сум затворен, од клетите фашисти,
дење – ноќе ме мачат, мачат и распитуваат,“
и,
„Колку е жално да ‘и гледаш македонскиот народ
как го мачат, интернираат по грцките затвори.
Со синџири изврзани и во пранги ковани,
Железници, параходи, по патишта друмови.“
Овдека беа вклучени две песни за Васил Антески – Дрен, Македонец уапсен од бугарската полиција и по долго мачење во скопскиот затвор обесен во Софија, „Од Софија жален глас се слуша“ и „Тежеше земја под ропство“, како и народната песна „Ајде ќе те прашам, бре Донке“ посветена на народните херои Мирче Ацев и Страшо Пинџур.
Можеби клучна песна во овој дел од изложбата беше песната „Лулела е мајка“ илустрирана со цртежот на Никола Мартиноски „Доилка ХХII“.

Никола Мартиноски, „Доилка“
„Лулела е мајка, прво свое чедо.
Тихо го лулела, солзи ронела,
таги си тажила, песна му пеела:
– Ти не знаеш, сине, прво мое чедо,
на нива родено, три дни недоено,
во Македонија, нема слободија,
младежда гнилее во темни зандани.
Кога татко ти го сине, обесија
на мене ми рече:
– Ленко, сина да ми чуваш,
да ми го лулееш, да ми го порастеш
пушка да му купиш.
Ленко, пушка да му купиш.
Јунак да ми биде,
јуначки да умре за Македонија“.
Графиките на Петар Хаџи Бошков, „Бесилка за сите времиња и простори 1 и 6“, ги илустрираа песните „Невесто, калеш мори убава“ и „Клети фашисти собрани здружно“ – песна за Македонката Лена Ташкова Бафтирова од Битола, во кои се пее за страдањата во најозогласениот бугарски фашистички затвор во Македонија за време на Втората светска војна, Окружниот затвор во Битола.
Во „Злосторства“ беа прикажани песни и ликовни дела за фашистичките злосторства врз нашиот народ. „Ми заплакало селото Ваташа“ и „Слуш’те ја песна на ваташката омладина“ пеат за стрелањето на дванаесетте младинци, сите на возраст од 15 до 27 година, од селото Ваташа, стрелани по наредба на бугарскиот полковник Љубен Апостолов на роденденот на бугарскиот цар Симеон на 16.6.1943. Додека песните „Прждевчани, браќа мили“ и „Дојдоа Германците“ пеат за егзекуцијата на шеесет и тројца селани од селата Прждево и Бресвица во 1944 година.
„Сардисале града Неготино“ и „Магла падна планињето“ се испеани за Манчо Малиманов и за Ванчо Ѓакот, македонски борци за слобода фатени и измачувани од страна на бугарската војска.

Кирил Ефремов, „Терор 1“
„Кажи, Манчо, твоите другари!
Ќе вадиме, Манчо, црни очи.
Очи давам другари не давам!
Кажи, Манчо, твоите другари!
Ќе сечиме, Манчо, раце до рамена.
Раци давам, другари не давам!
Кажи, Манчо, твоите другари!
Ќе сечиме нози до колена.
Нози давам, другари не давам!
Немам очи, мајко тебе да те видам,
немам раци јас да те прегрнам.
Немам нози, мајко, јас да те испратам.
Не ме жали моја стара мајко,
оти младо јас загина.
Јас загинав за Македонија,
за Македонија – земја поробена,
поробена, мајко, од клети фашисти“.
Покрај песната „Абер дојде во Тетово“ беше изложено црвено знаме со везен текст „Смрт на фашизмот, слобода на народот“. Песната е настаната по вистинска случка во која се пее за загинувањето на четири братучеди. Кога стигнала веста за нивната смрт, нивниот дедо на семејната куќа закачил пет барјака.
„Четир црна, еден црвен.
Да се знае, да се чуе,
да паднале четир’ јунака,
Братовчеди, Требошовци.
Први барјак за Гоцета,
други барјак за Младена,
треќи барак за Панота
четврти за Симота,
а црвени, црвени за слобода“.
Најголемиот дел од изложбата беше делот наречен „Во борба“, во кој беше прикажана борбата за слобода на македонскиот народ. Овој дел започна со повикот за борба:
„Не бива, мајко, да трпам
тија клети Бугаришта,
тија фашис Германишта
низ нашата земја да одат“
и,
„Ајде браќа сите здружно
да ги скршиме ропските синџири“.
По нив беа изложени текстовите на песните: „Дојде време, партизан да одам“, „Гледај ме, гледај, ај мило либе“, „Што ми е мило ем драго“, „Давај ме, мила мамо“, „Темен се облак зададе“, „Не плачи, Малино моме“, „Тиквеш, ти си мое родно место“ и „Извика момче стружјанче“. Сите песни беа пропратени со цртежи што потекнуваат од периодот 1944-1945 година. Основниот мотив во овие песни е заминувањето на пејачот – момчето, девојката – во партизани, во планина. Во песните се споменуваат планините Славеј, Бистра, Пелистер, Козјак и Караорман во Македонија, но и планините Вичо и Пирин што денеска се во Грција и Бугарија. Со вклучување на партизански песни од трите дела на Македонија „може да се утврди дека тие потекнуваат од еден извор, од заедничка народна поетска традиција… Независно од разликите во условите и резултатите на борбата против фашизмот, и разликите во карактерот на песните, од нив се добива јасна претстава за единството на македонскиот народ“.
Овдека беше вклучена и втората варијанта на песната „Стар бел дедо овци пасел“ каде народниот пејач го збогатува текстот на првата, постарата варијанта што беше дел од „Глас од Македонија“.
„Кај е Гоце, кај е Даме, кај се старите војводи?
Сите стари изгинаја, по гори и полја,
Нема сега кој да брани наша мила земја“.
Во тој момент од Пирин планина долетува орле кој на дедото му одговара:
„Има, има, стари дедо, има, как’ да нема,
има дедо кој да ја брани, нашата мила земја:
Тук’ се Тито, Апостолски, тук се сите партизани!“
Песните „А бре Македонче“ и „Со векови окована во пранги“ беа поставени заедно со истоимените дела на Кирил Гегоски и Васко Ташковски, додека песната „Ајдете браќа, партизани“ со сликата „Ден кој се памети“ на Тане Атанасовски – Гарски.
Во песната „Кој е тој што горе грми и пеј“, народниот пејач прашува:
„Кој е тој горе што грми и пеј,
знаме црвено, над глава му се веј,
грми и вика ‘Ставајте!’?
Кој е тој горе што грми и пеј?
Кој е тој, тој јунак силен,
кој е тој, тој младец милен, кој е?
Еве го стигна младото јуначе,
лицето му свети сос дивото мустаче“.
На што Никола Мартиноски му одговара со својот портрет на партизан од 1944 година, денеска во сопственост на Галеријата „Никола Мартиноски“ во Крушево.

Никола Мартиноски, „Партизан“
Magnum opus-от, „Белата смрт“, на Тоде Ивановски, и самиот учесник во Февруарскиот поход, беше илустрација на песната „Море се собрале“ во која Димитар Ангелов – Димката Габерот им кажува на соборците:

Тоде Ивановски, „Легенда за белата смрт“
„Слушајте браќа, другари,
ние ќе си клетва сториме,
кој од нас болен ќе падне,
на раце ќе го носиме,
на раце, џанам, на рамења“.
Фотографии од тројца илинденски комити кои во 1943 година им се придружиле на партизанските единици, беа изложени покрај песната „На Илинден славен“.

Група Илинденци
Таа песна пее за успехот на Партизанскиот одред „Даме Груев“ што го ослободил селото Смилево на Илинден 1942 година, и со тоа го оневозможил бугарскиот окупатор да го оскрнави светиот македонски празник во родното село на Даме Груев. Истиот настан е опеан и во „39 минаја“ на Мите Богоески која беше илустрирана со цртежот „Двата Илиндена“.
Последниот дел од изложбата го зема насловот од химната на Македонија, „Денес над Македонија“. Овдека беа песните за големите битки на македонската народноослободителна војска; „Мојот син за бој се спремат“ за битката кај Кленоец; „Огинот“ и делото на Илија Аризанов „Експлозија“; како и „Тринајсти ноември, ти есенски дене“ и ослободувањето на Скопје прикажано во цртежот на Радмило Поповски „13 Ноември“. Во таа сала беа изложени и текстовите на маршевите на Првата македонско-косовска бригада, Првата македонска ударна бригада, III Ударна македонска бригада и текстот на маршот на македонската војска покрај знамињата на тие бригади од музеите во Скопје, Куманово и Кичево.

Ѕид со црвени барјаци
Централниот ѕид во таа изложбена сала беше ѕидот со, од лево, апстрактниот пејзаж на Владимир Величковски „Манастир Прохор Пчински“, до кој беа поставени црвеното знаме на СР Македонија, и централно, сегашното знаме на Македонија – околу кое беа поставени пушки заробени од фашистичкиот окупатор. Десно од нив беше текстот на химната „Денес над Македонија“ со диптихот на Дејан Божиновски наречен „АСНОМ“.

Ѕид Денес над Македонија
Пред тој ѕид, на подот, беа поставени фоторепродукции од подните мозаици на Борко Лазески: „Пропаст на нацистичка Германија“, „Пропаст на фашистичка Италија“ и „Пропаст на фашистичка Бугарија“. На тие мозаици се прикажани германскиот кукест крст, италијанскиот fasces со секира и бугарскиот лав, симболи преку кои посетителите на изложбата, исто како и македонскиот народ, мораше да поминат за да дојдат до денешната слободна Македонија.

Во песните изложени во „Црвен се барјак развева“, силно е нагласен националноослободителниот карактер на борбата. Во нив често се среќаваат вокациите, интерполациите и рефрените: „Македонијо“, „Македонци“ и „Македонче“ како и јасно изразената увереност дека „македонско име нема да загине“. Тоа е резултат на длабоката верба на македонскиот народ дека со Народноослободителната борба ќе го извојува своето право за национална слобода.

Изложбата беше потсетник на силата и издржливоста на македонскиот народ и на неговиот непокорен дух. Песните, заедно со сликите што ги придружуваа, не се само музички израз, туку автентично сведоштво за страдањата и надежта, за болката и за гордоста, за сонот и за борбата. Во сите изложените дела, се гледа, се чувствува пулсот на едно време исполнето со жртви, трагедии, но и со пркос. Тоа се најтешките, но воедно и најславните моменти од минатото на нашиот народ.
Во „Црвен се барјак развева“ одекнува гласот на еден народ, кој преку песни и слики, сведочи за своето минато. За едно време што не смее да биде заборавено.
Автор: проф. д-р Кирил ПЕНУШЛИСКИ, историчар на уметност

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија