Во срцето на волшебниот брег Oaxaca, Мексико, во монденското одморалиште Puerto Escondido, архитектонското биро VERTEBRAL од Мексико Сити создале дело кое ги надминува конвенциите на современа вила на плажа.
Архитектите од VERTEBRAL за себе велат дека се креатори со молив во рака, колекционери на референци, предмети и искуства, водени од своите таленти и страсти.
Нивното најново ремек-дело – вилата Casa Ohana е хармоничен спој на минимализам, брутализам и безвременска врска со природата, проектирана како место каде што архитектурата тивко се повлекува, а природата зборува.
Casa Ohana е вклучена на листата на победници на Architecture MasterPrize 2024 во категоријата резиденцијална архитектура. Architecture MasterPrize (AMP) е меѓународна награда за архитектура која ја препознава извонредноста на проектирањето.
Оваа прекрасна вила на плажа, скриена во бујната џунгла дава приоритет на интеграцијата со природата, а влезот се открива со кривулеста патека што се пробива низ густата вегетација. Овој издолжен праг создава исчекување пред да го открие големиот влез на домот – голема структура со навидум лебдечки покрив. Местото на големиот дом е опкружено со звукот на бранови што се разбиваат од брегот, алудирајќи на поврзаноста на домот со блискиот брег.
За разлика од класичните резиденции на плажа кои често доминираат во пејзажот, Casa Ohana се состои од ниски, фрагментирани бетонски павилјони кои дискретно се вклопуваат во тропскиот амбиент. Се чини речиси како да изникнале од самата земја – покриени со природни материјали во топла земјена палета, рефлетирајќи ги боите на песокот, каменот и сувата вегетација на Oaxaca. Куќата е проектирана така да не го наметне своето присуство, туку да биде тивок придружник на пејзажот.
Во средиштето на вилата се наоѓа импресивен отворен простор на три нивоа, проектиран како срце на заедничкиот живот – базенот, дневната соба и трпезаријата се опкружени со драматични погледи на океанот и планините. Без класични ѕидови, просторот дише, осветлен од природна светлина и проткаен со ветрец што слободно тече благодарение на паметно проектираната природна вентилација. Ова значително ја намалува потребата од климатизација, правејќи ја куќата пример за одржлив луксуз.
Кујната, која се наоѓа на највисокото ниво, вешто е скриена од погледите за да се зачува визуелната леснотија и минимализмот на формата. Од двете страни на главната зона се наоѓаат две самостојни спални соби со панорамски поглед на Тихиот Океан. Дополнителни пет модули се поставени подлабоко во парцелата – иако без директен поглед на морето, тие нудат интимни приватни градини, создавајќи амбиент на приватност и тишина.
Секоја спална соба има сопствена бања со пристап до бујното зеленило на приватниот внатрешен двор, дополнително замаглувајќи ја границата помеѓу надворешниот и внатрешниот простор.
Внатрешноста на вилата зрачи со префинет аскетизам – мазниот бетон и дрвото доминираат во просторот, создавајќи атмосфера на воздржана елеганција и просторна чистота. Нема излишни детали – секоја линија е прецизна, секој материјал е внимателно одбран за да го одрази духот на местото.
„Луксузот овде не е во раскошот, туку во едноставноста и длабоката врска со природата“, велат архитектите. „Оваа куќа не се обидува да го засени пејзажот, туку да го истакне – тивко, но моќно.“
Casa Ohana не е само архитектонско достигнување – тоа е филозофија на живеење, олицетворение на современиот поим на луксуз каде што природата станува главен актер, а домот е само рамката низ која ја набљудуваме. Вилата е повик да го забавиме темпото, да се вратиме на суштината, да живееме во хармонија со светот што нè опкружува.