Насловна / Архитектура / Casa Infinity – минималистички храм на луксуз под тропското небо на Костарика

Casa Infinity – минималистички храм на луксуз под тропското небо на Костарика

На една од најпознатите плажи на Пацифичкиот брег во магичната провинција Guanacaste во Костарика, се наоѓа импресивната Casa Infinity – вила која го одзема здивот на прв поглед со својата архитектонска едноставност и луксуз во својата најрафинирана форма.

Оваа резиденција проектирана од K10 Studio е замислена како простор што ги замаглува границите помеѓу ентериерот и екстериерот – каде што внатрешниот и надворешниот живот се испреплетуваат во една флуидна, елегантна целина. Во центарот на вилата се наоѓа базен кој симболично ги поврзува социјалните простори со пејзажот, создавајќи простори за релаксација, интроспекција и вистинско уживање во моментот.

Два волумена, една филозофија на дизајнот

Архитектонската композиција на куќата се базира на две одделни единици – предниот дел свртен кон улицата и задниот дел што се отвора кон луксузната градина и погледот на океанот. Секој дел носи свое значење и функција. Предниот волумен, кој е свртен кон улицата, е замислен како монументален заштитен ѕид – еден вид модерен храм. Изработен е од натур бетон, со намера да се создаде ефект на монументалност и приватност. Овој масивен бетонски блок истовремено штити и импресионира – затоа што, како што велат архитектите, „првиот впечаток е најважен“.

За да го омекне и „скроти“ студенилото на бетонот, K10 Studio употребиле рачно изработени мозаици од локални уметници, додавајќи динамика, движење и автентичност на фасадата. Влезот во куќата е акцентиран со раскошни панели направени од локално тиково дрво, додека дрвените жалузини на горниот кат ја кријат терасата за јога – оаза за тело и душа. Бетонот е дополнително оплеменет со текстури на дрвените оплати, со штосе постигнат ефектот на „тропикализација“ на материјалот, па наместо ладен и индустриски изглед, површините зрачат со карактер, живот и тактилна убавина.

Задната страна – симфонија на стакло, челик и дрво

Додека предната страна штити и крие, задниот дел од куќата е целосно отворен, проѕирен и насочен кон пејзажот. Челична конструкција лебди над базенот, со столбови кои се издигаат како скулптури и исчезнуваат во линијата на кровот. Таваните се покриени со тиково дрво, што создава топол контраст со темните метални елементи.

Стаклената лизгачка и врата во дневната соба се отвораат во два правци и ја брише секоја граница помеѓу внатрешниот простор, терасите и градините, обезбедувајќи непречен поглед на океанот. Самата природа станува дел од ентериерот – со секој чекор се чувствува како да сте веќе надвор.

Безграничниот базен што се обвиткува околу приземјето е поставен како централен мотив на вилата. По должината на неговиот раб има бетонска клупа во вода, идеална за одмарање во сенка и разговор. Базенот не само што визуелно го проширува просторот, туку станува и место за средби, игри и опуштање.

Минимализам со тропска душа

Casa Infinity е вистинско архитектонско ремек-дело кое балансира софистицираност и воздржаност. Висококвалитетните завршни материјали, иновативната употреба на локални ресурси и совршеното вклопување во природната средина ја прават оваа вила пример за тропски минимализам во најдобро издание. Фокусот на подобрување на природната вентилација, заштитата од сонце и одржливоста потврдува дека луксузот денес е многу повеќе од изглед – тоа е начин на живот кој се хармонизира со природата.

Во Casa Infinity, секој квадратен метар го зборува јазикот на тишината, хармонијата и вечното лето. Ова не е само куќа – тоа е животна филозофија преточена во простор.

Испрати коментар

Scroll To Top