Насловна / Вести / Барање дo Владата за поддршка против урбанистичкото дивеење

Барање дo Владата за поддршка против урбанистичкото дивеење

Неколку граѓански организации упатија јавен повик до премиерот на Република Северна Македонија за јасна поддршка против урбанистичкото дивеење, а за владеење на правото.

Во продолжение го пренесуваме Јавниот повик.

До: Премиерот на Владата на Република Северна Македонија

ЈАВЕН ПОВИК

Ние, долупотпишаните граѓански организации, тргнувајќи од јавниот интерес како врвен принцип на водење и практикување политика,ве повикуваме Вас, Владата и сите надлежни институции,во најитен можен рок јавно да се произнесете и да покажете суштинска волја за борба против урбанистичкото дивеење, владеењето на правото и распродавање на јавниот интерес, во врска со Деталните урбанистички планови во Скопје.

Еден од многуте, но последен драстичен пример е ДУП за градската четврт Ц 08Ново Маало 2 (паркингот спроти хотел ХолидејИн), парцела за која Државната комисија за спречување корупција најави дека ќе истражува дали е незаконско окрупнувањето на земјиштето кај оваа локација и ќе се испитува дали се прекршени основните начела за заштита на животната средина со изградбата на предвидените висококатници.

Holidej In

Јавниот интерес и правото на живот во здрава и чиста животна средина мора да е врвно начело на управување со државата. Обврска на Владата е да го одржува и штити јавниот интерес и да интервенира и санкционира кога тој е загрозен.

Постапката за изработка на нов детален урбанистички план за Градската четврт Ц08 Ново Маало 2 е започната, заедно со планската програма која е сржта на планот и на вредностите на кои тој ќе се базира. Планерите законски мора да ги испочитуваат тие насоки. Потсетуваме дека ДУП Ц08 -Ново Маало 2 беше ставен под т.н.“мораториум“, односно неизвршување, со стручно докажани бројни аргументи за прекршувања на параметрите од Генералниот урбанистички план на Град Скопје (наброени подолу). Сепак, Министерството за транспорт и врски дозволи продажба на државното земјиште по тој ДУП.

Со молчењето на Владата и покрај бројните реакции на јавноста се создава впечаток дека не се почитува интересот на граѓаните, ниту стручното мислење зошто овој ДУП не смее да се извршува. Потсетуваме дека овој план се изработува од приватна фирма која го добила тендерот со цена од само еден (1) денар по хектар, што отвора простор за сомнеж за тоа чии интереси таа ќе остварува. Објавено е дека Државната комисија за спречување корупција отвори постапка за утврдување на ризици за склучување на коруптивни договори при јавни набавки за изработка и ревизија на ДУП-овите во Општина Центар.

Владеењето на правото во една држава се гледа и во пристапот кон решавањето на просторот кој е необновлив ресурс во урбаните средини.

Затоа бараме:
- Владата да го поддржи мораториумот на Општина Центар за ревидирање на ДУПЦ О8, како и сите други ДУПови кои со стручна анализа се докажани како неусогласени со ГУП, а со тоа погубни за центарот на Скопје.
- Министерството за транспорт и врски и Градот Скопје да дадат јавни изјави и да се обврзат дека нема да издадат согласности за ДУП-ови кои не се усогласени со ГУП, со Уставот, како и со законите на РСМ.

КВАЛИТАТИВНА АНАЛИЗА НА УРБАНИСТИ

Дополнително, Ве повикуваме за поддршка на барањето за законито работење и на други институции и органи и тоа:
- Инспекторатите за урбанизам и за градежништво
- Државниот правобранител кој по функција треба да го штити државниот имот
- сите оние кои досега ги одобрувале планови спротивно на ГУПот и интересот на граѓаните.

Во исто време бараме да се спречат опструкциите за изработка на поквалитетни планови, кои доаѓаат од изработувачите на плановите кои одбиваат да постапат согласно стручните барања. Тоа се истите изработувачи на планските решенија за катастрофалниот проект „Скопје 2014“, кои и денес ја загрозуваат ефикасноста на целиот процес за квалитативно подобрување на ДУП-овите.

Сметаме дека оваа локација заслужува отворен архитектонски конкурс и максимално инклузивен процес во донесувањето на планот. Градската четврт Ц 08 Ново Маало 2 е последна поголема неизградена локација во центарот на градот. Таа е ултимативната Шанса за Скопје која мора да се искористи во име на граѓаните, а не во интерес на инвеститорите.

Бараме од Вас јавно да покажете дека не го поддржувате финалното уништување на главниот град со реализација на лоши планови. Очекуваме институциите на системот да ги стават граѓаните на прво место и да преземат конкретни чекори. Во спротивно ќе побараме политичка и кривична одговорност за сите соучесници во урбанистичкото дивеење врз градот.

Време е да се докажат поинаквите вредности за кои сите декларативно се залагаме.

Потписници:
Здравје пред профит во Центар
Институт за демократија Социетас Цивилис – Скопје (ИДСЦС)
Институт за комуникациски студии (ИКС)
О2 Иницијатива
Македонски еколошко друштво (МЕД)
Македонски институт за медиуми (МИМ)
Центар за економски анализи (ЦЕА)
Центар за европски стратегии Евротинк
Ние сме Карпош 4
Плоштад Слобода
Прима Центар
Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата
Нво Инфоцентар Скопје
Коалиција за одржлив развој – КОР Скопје
Факултет за работи што не се учат

 

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top