Насловна / Архитектура / Архитектура verité: Кон новата македонска архитектура – БИМАС 2025

Архитектура verité: Кон новата македонска архитектура – БИМАС 2025

По одредена временска дистанца од завршувањето на БИМАС 2025 селекторите се осврнаа на продуцијата прикажана на  XXII Биенале. Забележуваат дека јасно се оцртуваат два доминантни тренда, архитектура поврзана со приватниот домен, личната благосостојба и репрезентација и архитектура поврзана со пазарот, со капиталот. Она што изостанува помеѓу личната претензија и капиталот е заедничкото, било да е архитектура на колективно домување или архитектура на јавниот простор, потенцираат селекторите.

Куќи, станбени згради, администрации, центар на локална заедница, стопански објект… тоа е двогодишна продукција изложена на XXII Биенале на современа архитектура во Македонија БИМАС 2025. БИМАС има двоен карактер да го прикаже рецентниот пресек на архитектурата, но и да се надоврзе на хронологија на дела и личности на македонската архитектура. Токму таа двојност го дава карактерот на оваа изложба, отворена како собор на различности, еден вид архитектура на вистината. Нè соочува со реалноста со ексклузивностите, но и секојдневностите на македонската архитектонска сцена, со интелектуалноста, но и со популизмот, есенцијалното, но и театралното. Слично на филм на вистината (cinéma vérité), филмски пристап што користи реални луѓе, реални ситуации и минимално вмешување од страна на режисерот, со цел да се долови „вистината“ на нештата, оваа изложба сака да ја покаже архитектонската продукција што поцеловито, искрено, нефилтрирано, како директен приказ на реалноста на македонската архитектонска сцена (Pramaggiore & Wallis, 2011).

На Биеналето на современа македонска архитектура се пријавија 149 трудови распоредени во неколку категории: 76 архитектонски проекти, 10 конкурсни трудови, 41 архитектонска реализација, 16 ентериери и 6 урбани проекти. Во таквата квантитативна даденост може да се издвојат низа аналитички пресеци. На пример, преку споредбата на двете клучни категории на БИМАС – проектите и реализациите – ги согледуваме, од една страна, застапеноста на програмите и функционалните типови, а од друга страна, нивната распределба по локации (броевите се преземени врз основа на пријавените материјали за БИМАС 2025).

ШТО СЕ ПРОЕКТИРА И ШТО СЕ ГРАДИ?

Типолошката структура на изложените трудови покажува изразит дисбаланс: станбената архитектура доминира со над 60 % од трудовите – 35 едносемејни и девет повеќесемејни објекти во категоријата проекти, и 13 едносемејни и 11 повеќесемејни објекти во категоријата реализации. Таа доминација ја отсликува реалноста: архитектонското производство во Македонија е пред сè реакција на приватниот пазар, на индивидуалните побарувања и на интересот на градежниот капитал. Хотелите (девет проекти, две реализации) и мешаните комерцијални типологии се логично продолжение на тој тренд.

Од друга страна, она што е отсуство е уште повпечатливо: само два проекта за образовни институции (кои не се од главниот тек на образовната дејност, туку поддршка на академската работа), едно агрикултурно складиште, три проекти за јавен простор, една интервенција на мост… Најзагрижувачко е отсуството на основни јавни интереси како здравствени установи, студентски домови, домови за стари лица, посистематски артикулации на јавниот простор. Тие или не се регистрираат како архитектонски дела или ги нема. Тоа е симптоматично не само за архитектурата, туку за поширокиот социјален контекст – онаму каде што државата и општините се повлекуваат, архитектурата станува алатка на капиталот.

КАДЕ СЕ ПРОЕКТИРА И СЕ ГРАДИ?

Географската распределба на трудовите открива повторна дисконтинуирана дистрибуција. Диспропорцијата е евидентна, од вкупно 116 дела 71 се лоцирани во областа на Скопје, од 46 проекти 28 се лоцирани во областа на Скопје, од 40 реализации 28 се лоцирани во Скопје. Но и кај тие општи бројки можеме да направиме разлика. Во Скопскиот Регион проектите и реализациите прво се лоцирани во различни општини, урбани и рурални, а второ, во нив се наведени низа рурални места кои се дел од Скопскиот Регион. Но таквиот однос е и во другите градови, во Струга од  шест дела, три се во Струга останатите во околните села, слично е во Тетово, Велес, Битола. Така низа рурални места се наведени како локации на проекти и реализации: Бардовци, Нерези, Булчино, Сопиште, Горно Соње, Чучер Сандево, Арачиново, Октиси, Подгорци, Лабуништа, Велестово, Нижеполе, Шемшево, Голема Речица, Лешок, Маврово, Сојаклари, Јосифово. Таквата тенденција кон руралното охрабрува, но и ја зголемува одговорноста на начините, појавите, мерилата, програмите со која архитектурата е присутна во руралните области. Иако се работи за дисперзирани појави, тие носат значење: архитектурата постепено почнува да се појавува и надвор од централните урбани јадра. Сепак, суштинската нерамнотежа останува: не постои територијална стратегија, туку само точкести реакции на индивидуални нарачки.

   Сл. 1. Географска дистрибуција: архитектонски проекти, архитектонски реализации

КАКВА АРХИТЕКТУРА СЕ НУДИ?

Модернизам на слободна рекомпозиција на елементи, фрагменти и синтакса на модернистичката традиција, како еден вид модернизам на слободен стил (free style modernnism). Секако дека таа појава има и критички и позитивни рефлексии. Во голем дел од трудовите се гледа тоа струење, на препознатливи слики на архитектонска репрезентација, кадри, склопови, материјали, текстури, бои. Еден вид на глобален „инстаграм модернизам“. Така ако од една страна имаме одредено култивирање на приказот, од друга сведување на негови површински ефекти.

Тоа го изразува прашањето помеѓу делото и местото. Како да присуствуваме на еден општ тренд на издвојувањето на делото од местото, губиток на местото, она што Марк Оже (Marc Augé) го нарекуваше антрополигија на супер модерноста (Marc Augé, Non-places: introduction to an anthropology of supermodernity, 1992, Verso), во која основните својства на местото – релациите, историјата и идентитетот се бришат. Токму таквата состојба архитектурата ја сведува на површина на енвелопа, издвоена од значењето на типологијата и специфичното место. Така во наборите или ефектите на обвивките може да забележиме низа епифании. Како да го препознаваме брутализмот? Некогаш и структурализмот? Или регионализмот? Но во една, несупстанцијална појавност. Како светкав (glittering) брутализам, ослободен од „тешката“ материјалност и искреност на изразот,  насочен кон еден хедонизам на геометриите, прекини, пресеци, форми на површините на обвивките.  Но токму во таквиот општ тек можеме да забележиме одредени појави, острови и/или маргини каде што современото се случува.

Нови геометрии:

Во неколку трудови го следиме трагот на новите геометрии кои отстапуваат од традиционалните, праволиниски и правилни форми. Тие ги воведуват  новите геометриски искуства како метафора и/или како генеративен механизам. Во проектот „Урбан хилс“ во Тетово од БМA (Бесиан Мехмети Aрхитекти), одразите на силуетите на позадините се пренесуваат во линиските конфигурации на станбените објекти. На тој начин програмската конгестија се поврзува со природните одрази. Во конкурсниот проект „Адриатик“ од Јоне Јанкоски, обликувањето на новото геометриско искуство се пренесува како еден вид генеричка основа, ослободена од непосредна наративна предлошка.

    Сл. 2. БАМ архитекти. Урбан хилс, Тетово;

Јоне Јанкоски. Адриатик

Извор: проектни пријави до БИМАС 2025, ААМ

Нова парадигма на секојдневјето:

Во низа трудови — архитектонски проекти и реализации — следиме архитектура ослободена од големите наративи и предодредените формални модели; архитектура која, наместо да доминира, се приспособува. Овој пристап може да се препознае како „слаба архитектура“ (weak architecture), во духот на размислувањата на Игнаси де Сола-Моралeс (de Sola-Morales, I. (1998). Weak architecture (Original work published 1987). In K. M. Hays (Ed.), Architecture theory since 1968 (pp. 606–610). MIT Press).

Во конкурсниот проект за Атлетскиот стадион во Подгорица од Архитектура Нова (Марија Димитриевска-Цилакова, Викторија Богданова, Даница Спасевска, Ива Поповска, Мина Гутовиќ), е преиспитана основната типолошка шема терен/гледалиште. Со поставување на гледалиште од само една страна се овозможува нов контекстуален и перцептуален развој на темата, како одраз на архетипската поставка на сцената и гледалиштето во античките амфитеатри.

Слична леснина во интерпретацијата на програмата и на местото гледаме и во проектот „Развој на јавен простор и спортско-парковски содржини“ во Велес (Марија Димитриевска-Цилакова, Даница Спасевска, Маја Димитриевска, Милка Гочевска, Ангела Кузмановска), каде што нормативното и неформалното создаваат нов спој на рабовите на градот.

Сл. 3. Архитектура Нова. Атлетски стадион, Подгорица;

Развој на јавен простор и спортско-парковски содржини, Велес.

Извор: проектни пријави до БИМАС 2025, ААМ

Архитектурата на секојдневјето можеби е најизразена во проектите на К87а (Максим Наумовски, Павел Вељаноски, Мирослав Пејовски, Филип Зафировски). Едносемејна куќа на ул. „Хашка“ не враќа кон обичното, кон секојдневното на животните и архитектонските појави. Архитектурата е сведена на есенцијалното: куќа со архетипски волумен, каква што имавме можност да  сретнеме на нашите улици и „маала“, ослободена од експресионистичките предизвици и нурната во уживањето на секојдневните појави и нивни релации. Урбанистичкиот проект за станбената населба во Сопиште се навраќа на елементарните вредности на типологиите на едносемејни објекти: станбени низи, Г-форми, урбани вили – но во композиции каде што и градините и природата стануваат конститутивни актери.

   Сл. 4. К87а. Едносемејна куќа, ул. „Хашка“, Скопје; Станбена населба за индивидуално домување, Сопиште.

Извор: проектни пријави до БИМАС 2025, ААМ

Во линија на артикулирање на новата реалност е и проектот на Зорица Блажевска и Марија Петрова, „Семејна куќа – надградба“ на ул. „Миле Поп Јорданов“, Карпош, Скопје. Во неа се покажуваат можностите на една посттранзиторна реалност, како продуктивна основа. Кубичен волумен се надградува на еден сегмент од постземјотресните префабрицирани објекти, на таков начин да ја изрази новата комплексност на наслојувањето, но и автономноста и едноставноста на новиот зафат.

     Сл. 5. Зорица Блажевска & Марија Петрова. Семејна куќа – надградба, ул. „Миле Поп Јорданов“, Карпош, Скопје.

Извор: проектна пријава до БИМАС 2025, ААМ

Враќање на типолошките обрасци:

Преиспитувањето и враќањето на типолошките обрасци го следиме во проектите на Виолета Бакалчев. Во проектот„Куќа со поглед“, во село Велестово, куќата е вградена во терен и отворена кон длабоките погледи на Охридското Езеро, истовремено е дистинктивна, означена со четириводниот покрив кој како да лебди над теренот и плови по небото. Враќање кон типолошките корени има и во примерот на конкурсниот проект  Домот за стари лица „Дубрава“ во Загреб, од  Виолета Бакалчев, Нина Карангелеска-Тодоровска, Бранислава Ѓорѓевиќ-Атанасовска, како еден вид рационализам и инверзен урбанизам на тема на периметарска композиција.

Внимателните типолошки преиспитувања може да се проследат во повеќе од пријавените проекти. Во мултинаменскиот комплекс на Параметар Студио (Методи Хаџи-Андов, Сашо Андријевски, Игор Сугарчев, Димитар Стефановски), во село ‘Ржаничино, Петровец, со композиција заснована на едноставни потези – две паралелни ленти преклопени со трет елемент, платформа – се остварува типолошка промена кон локална „мегаформа“. Така се генерира просторен јазол што ја интегрира програмата, формата и специфичната топографија на контекстот. На сличен начин, и минимализмот на куќата „RBK House“ во Сојаклари, Велес, од Студио PROXY (Никола Кунгуловски, Лидија Мицковска, Мартина Блажевска, Бисера Мајсторов, Зоран Петровски) добива сопствена контекстуална конотација: куќата се воспоставува како хоризонтално протегање на едно ниво поставено наспроти благата позадина на широките погледи кон пределот.

                    Сл. 6. Виолета Бакалчев, Нина Карангелеска Тодоровска & Бранислава Ѓорѓевиќ Атанасовска. Дом за стари лица „Дубрава“, Загреб. 

      Сл. 7. Параметар Студио. Мултинаменски комплекс, с. ‘Ржаничино, Петровец.

Студио PROXY. RBK House, Сојаклари, Велес. Извор: проектни пријави до БИМАС 2025, ААМ  

Нови предизвици:

На границите на модернизмот со нови интензивни геометриски апстрактни интерпретации на формата следиме во проектите на Томе Тимов и Васил Тимов. Куќата на агол во Кавадарци е расчленета и засечена, во однос на програмските сегменти и во однос на линиите на контекстот. Волуменот е декомпониран на ниво на целината, но и на ниво на елементите. На тој начин создава еден вид асамблаж на одвиткани хоризонтални и вертикални површини.

На маргините од општата двогодишна архитектонска продукција е и агрикултурниот објект, Агрокомплекс за чување зрнести земјоделски култури, во село Славеј, Прилеп, од Пика Архитект (Хамди Сулемани, Земри Сулемани, Мухамед Беќири). На современ начин е дадена просторна и програмска организација на една агрикултурна тема која речиси исчезнува од архитектонскиот дискурс на македонската архитектура. Во таа смисла уште позначаен е овој пример на можни современи интерпретации на стопанските активности.

Сл. 8. Пика Архитект. Агрокомплекс за чување зрнести земјоделски култури, с. Славеј, Прилеп.

Извор: проектна пријава до БИМАС 2025, ААМ

Од другата страна на главниот тек на модернизмот е и примерот на историцистичкиот пристап во конкурсниот проект „Општа болница – Данило I“ Цетиње, Црна Гора од Никола Стакинов. Воведување на архитектурата на „академскиот стил“ и отстапување од праксата на модернизмот е на трагот на современата нова класична архитектура.

Во двогодишната македонска продукција се препознава и архитектурата на малиот зафат. Во примерите на Саша Тасиќ, „Летниковец“, Хиподром, Скопје;  Димитар Папастериевски, „ФабЛаб“ и Студентски центар, Барака 5, Факултет за електротехника и информациски технологоја (ФЕИТ) и Машински факултет Скопје. Иако со различни пристапи овие проекти покажуваат на можноста на архитектура на обичното и секојдневното во различните материјални и структурални пристапи. Во примерот на „Летниковецот“се покажува дека едно  архитектонско дело не треба да е завршено, туку како отворен проект да може да поткрепи и означи идни настани. Во случајот на „ФабЛаб“ се појавува внимателно читање на постојното и негово преосмислување и осовременување. И двата проекти укажуваат на еден вид противречен спој на ефемерното и систематското задлабочување во архитектонските задачи.

                                 Сл. 9. Димитар Папастериевски. FabLab и студентски центар, Барака 5, ФЕИТ & Машински факултет, Скопје. Извор: проектна пријава до БИМАС 2025, ААМ

Еден најавтентичен придонес во овој пресек на македонската архитектура е „Куќа за четири домаќинства“ на ул. „Кратовска“ бр. 23 Скопје, од Александар Петановски и Гордан Петров. Во типолошка смисла припаѓа на категоријата урбана вила. Во програмска смисла направен е чекор кон  воведување на различните станбени единици во рамки на дадениот тип. Преку слоевитоста на станбените единици (на едно ниво; на два нивоа – „ дуплекс; на три нивоа – „триплекс“), создадена е динамика на различни можни стилови на живеење. На тој начин оваа куќа дава уникатен пример на новата станбена архитектура.

Сл. 10. Александар Петановски & Гордан Петров. Куќа за четири домаќинства, ул. „Кратовска“ бр. 23, Скопје. Извор: проектна пријава до БИМАС 2025, ААМ

Можни насоки

Овој преглед ни укажа на продуцијата што се прикажува на Биеналето на современата македонска архитектура. Низ типолошко-програмскиот преглед јасно се оцртуваат два доминантни тренда, прво, архитектура поврзана со приватниот домен, личната благосостојба и репрезентација во различните примери на едносемејни куќи, второ, архитектура поврзана со пазарот, со капиталот, различните нагласени примери на повеќесемејни објекти. На оваа втора линија се надоврзуват и низа комерцијални објекти, хотели и објекти со мешана намена. Она што изостанува помеѓу личната претензија и капиталот е заедничкото, било да е архитектура на колективно домување или архитектура на јавниот простор.

На план на дистрибуција на различните локалитети станува евидентно диспропорционалната застапеност, доминантноста на областа на Скопје во однос на сите други локации. Но од друга страна се воочува и дисперзијата од урбаните кон руралните подрачја.

На план на архитектонскиот израз повторно сретнуваме доминантен тренд наспроти одредени појави на маргините и островите на различно архитектонско промислување. Маргините на главниот тек ни покажуваат една можна длабинска слика на македонската архитектура. На една страна се експериментите со новите геометрии како отклон од ригидноста на модернизмот, од биоморфните структури до апстрактните геометрии и минимализмот. На друга страна наспроти главниот тек на јаките слики на модернизмот на слободниот стил, препознаваме еден вид  „слаба архитектура“ (weak architecture), архитектура ослободена од големите наративи, архитектура која не доминира туку се прилагодува. Ги забележуваме примерите на новите парадигми како архитектура на секојдневјето, архитектура на малиот зафат кои на еден или на друг начин се навраќаат кон едноставноста на појавите на секојдневјето. На ова се надоврзува она што го нарековме архитектура на типолошката обнова. Враќање кон одредени форми на регионалните и подлабоките типолошки обрасци како механизми за генерирање на архитектурата. Така на маргините на репетитивноста на главниот тек се можни одредени дивергенции кои зборуват за една можна современа македонска архитектура.

Ако ова биенале се чита како слика на вистината (архитектура vérité), тогаш сликата што ја рефлектира не е ни црно-бела, ни спектакуларна. Таа е сложена, фрагментирана, амбивалентна. Од една страна, се гледа реалната продукција – таква каква што е: најчесто реактивна, зависна од пазарот, со минимален ангажман за јавниот интерес. Од друга страна се појавува еден своевиден архипелаг на новата македонска архитектура, како искри на можност, на истражување, на интелигентна и чувствителна архитектура што се развива на маргините.

Автори: Виолета БАКАЛЧЕВ; Минас БАКАЛЧЕВ, селектори на БИМАС 2025

Референци:

Pramaggiore, M., & Wallis, T. (2011). Film: A critical introduction (2nd ed.). Laurence King Publishing.

Augé, M. (1995). Non-places: Introduction to an anthropology of supermodernity. Verso.

de Sola-Morales, I. (1998). Weak architecture (Original work published 1987). In K. M. Hays (Ed.), Architecture theory since 1968 (pp. 606–610). MIT Press

Испрати коментар

Scroll To Top