Насловна / Архитектура / 70 години од првата жена архитект дипломирана на Архитектонскиот факултет Скопје

70 години од првата жена архитект дипломирана на Архитектонскиот факултет Скопје

Денот на жената, 8-ми март, како и секогаш е можност да се подсетиме за успесите и придонесот на жените во општество. Ова 2026 година е јубилејна по тоа што, пред 70 години, на 10 април 1956 година диплoмирала првата жена архитект на Архитектонскиот (тогаш Архитектонски оддел при Техничкиот) факултет во Скопје – Олга Анисимова, како резултат на што годинава се одбележува 70-ет годишница од првата жена архитект која дипломирала на оваа прва високообразовна инситуција во доменот на архитектурата во Северна Македонија основана во 1949 година. Две години порано на 23 октомври 1954 година во истата установа дипломирал и првиот архитект – Крсте Даниловски.

За жал обидите да се дојде до подетални информации за животот и делото на првите архитекти коишто дипломирале на Техничкиот факултет во Скопје и нивните колешки и колеги досега немаат вродено со плод. Како резултат на ова тие остануваат предмет и на понатамошни истражувања во обидите да се збогатат сознанијата за зачетоците на универзитетското образование на архитектите во земјата.

Отсаството на дополниелни информации за прата жена архитект која дипломирала на денешниот Архтектонски факултет во Скопје пред години отвора своевидна мистерија. Во моментов не постојат индикации дали станува збор нејзиното моминско или земено презиме по стапување во брак. Презимето „Анисимова“ не се наоѓа во „Речникот на презимињата на македонците“ од 1994 година, а кој во голема мерка е базиран на пописот на населението од 1961 година. Ова укажува на веројатноста дека архитект Олга Анасимова или не е Македонка, или пак дека е мажена со лице кое не е Македонец. Според порталот „Форбеарс“, најмногу лица со презимето „Анисимва“ во светот во 2014 година биле евидентирани во Русија, Казахстан и Белорусија. Во „Речникот на македонските презимиња се наоаѓа презимето Анисимовски, а во 2014 година мал број на лица со презимето Анисимова се наоѓаат и во Бугарија, Турција, Грција, Црна Гора и Кипар.

 

Приближно во овој период во СССР, поточно во 1958 година, на Московскиот архитектонски институт дипломирал и познатиот советски и руски архитект, д-р Александар Викторович Анисимов (1935-2022), но во моментов нема никакви индикации за евентуална поврзаност со архитект Олга Анисимива.

д-р Александар Викторович Анисимов

Обидите преку континуирани истражувања да се утврди историјата на првите високообразовани жени архитекти и инженери по потекло од територијата на денешна Македонија се чини дека до сега немаат дадено дополнителни информации од оние коишто во моте истражувачки текстови веќе претходно во Порта 3 се презентирани:

  • Сабиха Ѓурејман (моминско Рифат Ечебилге) од Битола дипломирала како градежен инженер во 1933 година на Високата инженерска школа во Истанбул (денес Истанбулски технички универзитет) по што имала долга и успешна кариера во струката во Турција. На почетокот на Втората светска војна таа станува Раководител на Бирото за координација и Раководител за Контрола на изградбата на Големото национално собрание во Анкара, а за по Вторта светска војна да ја преземе улогата за надзор на изградбата на Аниткабир, Маузолејот на Кемал Ататурк во Анкара.

Сабиха Ѓурејман

  • Јованка Ѓ. Чолаковиќ (моминско Наумовиќ) од с. Букојчани, Кичевско, дипломирала на Архитектонскиот оддел при Техничкиот факултет во Белград во октомбри 1934 година, но за жал, преку досегашните истражувања не е дојдено до дополнителни информации за нејзиниот живот и дело.
  • Ратислава (Гута) Ч. Маџаревиќ (моминско Вехоска) од Скопје дипломирала на Архитектонскиот оддел при Техничкиот факултет во Белград во октомбри 1938 година. За неа се знае дека имала долга и успешна кариера во Белград, и тоа по Втората светска војна како дописник за печат на Министеството за градежништво на Србија, а подоцна и како Раководител на Атељето за техничка заштита на спомениците на културата при Заводот за заштита на спомениците на културата на градот Белград.

Резултатите од досегашните истражувања укажуваат на погорните три жени коишто биле или едниствените, или меѓу првите родени на територијата на денешна Македонија, а кои дипломирале како архитекти или инженери до почетокот на Втората светска војна. Се разбира постои можност и други да дипломирале на универзитетите во Загреб и Љубљана, или пак во странство до почетокот на Втората свстска војна, а кои до сега се уште не се идентифицирани. Како и да е, поминале 22 години од дипломирањето во 1934 година на првата жена архитект од територијата денешна Македонија, Јованка Ѓ. Наумовиќ, до дипломирањето на првата жена архитект на Архитектонскиотт факултет во Скопје во 1956 година, Олга Анисимова.

Досегашните истражувања укажуваат дека првите високообразовани жени по потекло од територијата на денешна Македонија во минатото ги вклучуваат:

  • Захарина Димитрова (моминско Велова) од Ресен која дипломмирала на Медицинскиот факултет во Нанси, Франција, во 1901 година, а којашто работела во својата струка во Бугарија, и

Захарина Димитрова

  • Рајна Алексова од Битола која дипломирала на Факултетот за фармација во Лозана, Швајцарија, во 1906 година, а по што работела првин во Бугарија, а потоа во Битола и тоа од времето на Османлиското царство во семејната аптека на Широк Сокак.

Рајна Алексова

Дополнителнителните истражувања засега укажуваат дека првите образовани жени од денешната територија на Македонија најверојтано се појавиле приближно пред околу 135 години уште од 1890-те години кога територијата била под власта на Отоманското Царство. Ова укажува на историските стремежи на жените на овие простори за образование и еманципација, кога можностите за нивно образование во рамките на Отоманското Царство биле исклучително ограничени, и тоа особено за средното, а уште повеќе за високото образование.

Во овој контекст Захарина Димитрова (моминско Велева) потворно се јавува како една од првите, според тоа што пред да го заврши Медицинскиот факултет во Нанси во 1901, таа во Москва завршила акушерство во 1892 година. Според расположивите информации станува збор за барем четиригодишни студии по акушерство во кои околу половина од студентките веќе имале завршено гимназија пред да се запишат. Како резултат на ова, статусот на овие стручни студии веројатно е нешто како средно или више образование во зависност од претходното образование на студентките или слично. Она што треба да се земе во предвид е дека во тој период должината на основното, средното, вишето и високото образование, вообичаено била пократка од современите еквивалентни, како и дека средното образование можело да биде полно или делумно во зависност од она што било локално достапно.

Врз основа на расположивите информации се чини дека покрај Москва, Лозана, Женева, Загреб (тогаш во Австроунгарската империја) и Одеса (тогаш во Руското царство), биле избраните дестинации за студии во доменот на акушерството. Покрај акушерството се чини дека популарни биле студиите по заболекарство и тоа во Нанси, Париз, Женева и Одеса. Филозофија и литература се студирала во Брисел, историја и филологија во Санкт Петербург, а педагогија во Загреб.

Султана Сотирова Николова

Веројатно за одбележување е завршувањето на студиите, пред 125 години, во 1901 година во доменот на драматуршките уметности во Санкт Петербург од Султана Сотирова Николова (моминско Алабашева) од Велес, а која се истакнала по својата долга и успешна професионална кариера како актерка, воглавно во Бугарија и делумно во Србија, за во 1949 година да се стекне и со статусот на Истакнат уметник во Бугарија.

 

Роберт колеџот во Истанбул

Некаде од 1395 до 1912 година територијата на денешна Македонија била воглавно под власта на Отоманското царство, во кое можностите за образование биле исклучително ограничени, а процентот на писменост на населението низок. При ова, состојбата на локалното население значително била усложнета со укинувањето на Охридската архиепископија на 16 јануари 1767 година. Ова било особено важно со оглед дека образованието во Османиското Царство воглавно било во рамките на верските заедници. Од тука локалното население, задоволување на духовните и образовните потреби можело да ги бара само во рамките на верските заедници коишто останале да дејствуваат на овие простори како на пример, муслиманската, бугарската, српската, влашката, католичката, итн. Според досега расположивите информации се чини дека малкумина од христијаните родени на тлото на денешна Македонија завршиле образование во муслиманските образовните институции за време на Отоманското Царство. За некои се знае дека успеале да се образуваат во американското независно приватно средно училиште Роберт колеџот во Истанбул, основано во 1863 година, а коешто меѓу своите некогашни ученици го вбројува и нобеловецот (2006) Ферит Орхан Памук, а подоцна и во Француското училиште (Лицеј) во Солун основан во 1906 година.

Француското училиште (Лицеј) во Солун

Врз основа на наведеното може да се претпостави дека во времето на Отоманската Империја жените од денешна Македонија најчесто се образовале во Руската Империја, Франција, Швајцарија и Белгија, додека за време на Кралството Србија, Кралството на Србите, Хрватите и Словенците и Кралството Југославија во најголема мерка во рамките на овие кралства.

Отворањето на Филозофскиот факултет во Скопје, како независен огранок на Универизтетот во Белград, во 1920 година (затворен на почетокот од Втората светска војна во 1941 година), а како и краткото постоење (1943-1944) на Скопскиот државен универзитет „Цар Борис Трети – Обединетел“ во текот на Втората светска војна под бугарска окупација, отворило дополнителни, но веројатно ограничени, можности за високо образование на овие простори. Расположивите информации сугерираат дека пристапот до овие високообразовни институции зависел барем и од декларирното национално чувство на кандидатите.

Филозофскиот факултет во Скопје

Резултатите на досегашното истражување укауваат дека жените родени на територијата на Македонија во минатото искажувале стремежи за еманципација и високо и више образование уште од втората половина на 1880-те години и дека барем до 1920 година морале задолувањето на истите да го бараат надвор од границите на територијата на Македонија. Основањето на Филозофскиот факултет во Скопје на 29 ноември 1946 година за првпат ги отворило можностите за стекнување на високо образование на својоот мајчин јазик на територијата на Македонија. Основањето на Техничкиот факултет во Скопје во 1949 година ги проширило можностите и за студии во доменот на архитектурата и инеженерството.

Читателите на Порта 3 имаат можност преку споделување на своите сознанија да го збогатат евидентирањето и разбирањето за животот и делото на првите архитекти инженери коишто дипломирале на Техничкиот факултет во Скопје во 1950-те години.

Честит 8-ми март!

Литература:

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top