Насловна / Архитектура / Архитектонски успех: Како компанија на инженер од Белград влегла во Топ 3 во Италија

Архитектонски успех: Како компанија на инженер од Белград влегла во Топ 3 во Италија

Од мало биро основано од двајца и промет од 30.000 евра, до тим од 300 луѓе во осум канцеларии низ Европа и промет од над 20 милиони евра. Запознајте го Бранко Зрниќ.

ATI Project е меѓународна компанија со седиште во Италија, специјализирана за интегриран дизајн во областа на архитектурата и инженерингот, посветена на развој на одржливи згради со намалено влијание врз животната средина.

2

Просечната возраст на вработените во ATI Project е 32 години

Бирото е основано во 2011 година во Пиза од Бранко Зрниќ од Србија и Италијанецот Лука Сери, млади експерти посветени на истражување во областа на биоклиматската архитектура и обновливите извори на енергија, а за една деценија нивниот тим порасна од двајца на 300 соработници, со просечна возраст од 32 години.

Покрај седиштето во Пиза, ATI Project има канцеларии во Милано, Белград, Одензе, Париз, Копенхаген, Женева и Талин, а за тоа колку труд бил потребен за една млада компанија да се развие во вистински деловен гигант, за порталот Gradnja.rs говори нејзиниот претседател и основач, роден во Белград, инженер по архитектура и градежништво, Бранко Зрниќ.

1

Бранко Зрниќ

Како одличен и наградуван ученик на белградската математичка гимназија, како завршивте во архитектонските води? Зошто го избравте токму Универзитетот во Пиза?

Уште од мала сакав да се занимавам со проектирање и градба. Како дете во дворот имав куќичка на дрво. Универзитетот во Пиза е еден од најстарите во Европа (од 1343 година) со многу познат Градежно – архитектонски факултет. Пиза е универзитетски град со многу студенти и одлични услови за студирање.

Какви спомени имате од студентските денови? Колку јазикот ви претставуваше бариера?

Особено сум горд на првата година. Сакав да бидам самостоен од првиот момент, а не на сметка на моите родители. По неколку недели во Италија, со другарот со кој дојдов од Белград, се вработив да мијам садови во еден ресторан преку ден, а навечер останувавме до доцна за да ги надоместиме пропуштените лекции на факултет. Не знаев ниту збор италијански кога дојдов во 2002 година, но за среќа, италијанскиот брзо се учи, па само првиот период беше критичен. Беше многу напорно, но мислам дека таа година беше вистинска животна лекција, од која научив дека со голем труд се може да се постигне.

3

Human Technopole, Милано

Со која цел и надеж го основавте ATI Project во 2008 година? Колку беа тешки првите чекори?

Отсекогаш сум сакал да работам големи и сложени проекти. Тоа ми беше целта од првиот момент и со секој нов ден бев чекор поблиску до ја остварам. Секогаш е потешко на почетокот, бидејќи луѓето не знаат кој си – немаш референци, искуство, промет, број на вработени. Во првите години во нашата работа, најтешката пречка е да се влее доверба кај клиентот дека – иако со помалку искуство и вработени проектанти – можете квалитетно и навреме да ја завршите работата. Човек мора прво самиот силно да верува во тоа, а потоа да биде способен да ги убеди клиентите и соработниците. Со секој ден еден поголем проект, еден чекор напред и со текот на времето се гради платформа на искуство, бренд и референци. Потоа се оди полесно.

Како течеше понатамошниот развој на компанијата? Кога ја отворивте првата канцеларија вон Италија?

Отсекогаш сакавме да се занимаваме со Integrated дизајн во БИМ. Со други зборови, ги следиме сите фази на проектот (прелиминарен, главен, изведувачки и надзор) и сите дисциплини (архитектура, статика, машински и електрични инсталации) во БИМ опкружување кое ни овозможува, покрај квалитетот на проектот, и прецизно следење на времето на изградбата и контрола на трошоците. Ги покриваме сите видови објекти, приватни и јавни – училишта, болници, станбени, деловни, хотели, спорт, култура. Првата канцеларија надвор од Италија отворена е во 2016 година во Белград, што отсекогаш ми беше сон.

4

Болница во Талин, Естонија

Што сметате дека го издвојува ATI Project од конкурентските фирми?

Имаме Design Team кој е 100 отсто интерен, не користиме out-sourcing. Ги покриваме сите дисциплини и многу сме стручни во користењето на БИМ технологијата. Имаме млад и амбициозен тим, со моќни производствени капацитети. Имаме над 300 вработени проектанти во седум канцеларии низ Европа, активни сме со работа во 10 различни земји на различни јазици.

Кои проекти ги сметате за најзначајни во вашето портфолио?

Универзитетската болница во Одензе (вредост на работите 700 милиони евра), еден од најголемите болнички комплекси во Европа, реновирањето на седиштето на Обединетите нации во Женева (240 милиони), секако најпрестижниот проект што го водиме, болницата во Копенхаген (230 милиони ), главната болница во Талин во Естонија (520 милиони), хотел во Митенвалд во Германија (25 милиони) итн.

9

седиштето на Обединетите нации во Женева

Кој проект ви претставувал најголем предизвик досега и зошто?

Најголем предизвик во развојот на компанијата секако беше Универзитетската болница во Одензе, за која победивме на тендер во 2017 година. Ова е огромен проект (250.000 квадратни метри) во кој сме одговорни за сите фази (архитектура, статика, инсталации), изведен во Данска, која е веројатно најпребирливиот европски пазар кога е во прашање квалитетот на проектирањето. Тоа беше првата голема мисија на ATI Project надвор од Италија, што го направи овој проект уште поголем предизвик.

5

Универзитетска болница во Одензе, Данска

Кои се специфичностите на проектирање на објект како што е фудбалски стадион?

Стадионите денес се мултифункционални комплекси. Првата специфичност е усогласувањето на проектот со функционалните барања на фудбалскиот тим, додека од друга страна проектот мора да биде економски одржлив благодарение на придружните функции како што се трговски простор и храна и пијалоци. Покрај функционалните барања, од строго архитектонска и естетска страна, стадионот е „лична карта“ на фудбалскиот тим и честопати лендмарк на градот во кој се наоѓа. Задачата на квалитетен проект е складно да ги спои функционалните и естетските барања, останувајќи во рамките на буџетот.

0

Стадион во Пиза

Колку БИМ ја унапреди вашата работа? Која е развиеноста на примената на БИМ во Италија кај други сродни професии како што се електротехниката или машинството?

БИМ е на многу високо развојно ниво во ATI Project. И понатаму со секој нов ден дополнително го подобруваме нашето знаење, но од 2015 година сите наши проекти се прават исклучиво во БИМ, покривајќи ги сите фази, вклучително и електрични и машински инсталации. Процесот е далеку поефикасен во БИМ, без кој е невозможно да се замисли изработка на сложени проекти како оние со кои се занимаваме.

Колку е важна корпоративната одговорност во работата на ATI Project?

Сметам дека е многу важна. Проектите кои ги работиме се директен производ на работата на нашите вработени. Задоволството и исполнетоста на вработените е еден од најважните услови за продуктивност. Сакаме нашите вработени да бидат горди на компанијата во која работат, не само поради квалитетот на проектите, туку и поради работната култура и филозофија на компанијата. Сите наши проекти се енергетски ефикасни, проектирани според принципите на амбиентална интеграција и одржлив развој. Покрај тоа, како фирма имаме над 3.000 засадени дрвја ширум светот, триесет и пет деца посвоени од далечина во Африка, колективни чистења на животната средина или ATI Project спортски денови што ги организираме секоја година.

Колку труд беше потребен за да се најдете меѓу првите пет архитектонски фирми во Италија?

ATI Project официјално е отворена во јануари 2011 година. Тогаш во фирмата бевме двајца, со промет од 30.000 евра. Денеска сме над 300, со промет од над 20 милиони евра. Прв пат влеговме во Топ 5 италијански архитектонски фирми во 2020 година. Познатиот италијански весник „Sole 24 ore “ не прогласи за проектантска фирма со најбрз раст во Италија на сите времиња. На листата на Топ 150 италијански компании од 103. место во 2017 година, преминавме на 16. место во 2018 година, деветто во 2019 година, четврто во 2020 година и трето во 2021 година. Сите компании во Топ 20 постојат со децении, додека ATI Project е единствена компанија која за толку кратко време достигна толку високо ниво. Ја сакаме нашата работа, уживаме во секој нов ден и продолжуваме да напредуваме.

10

„Generative Circularity“

Оваа година за прв пат се претставивте на Неделата на дизајн во Милано. Запознајте не малку подетално со инсталацијата на „Generative Circularity“.

Идејата за инсталацијата е илустрација на принципите на генеративниот дизајн и циркуларен развој. Формата на инсталација се генерира почнувајќи од неколку инпути (геометрија на простор, модуларност, тежина на модул, можност за склопување, материјал…) користејќи информатички процеси кои генерираат повеќе 3Д модели кои ги исполнуваат споменатите услови. Во последната фаза од процесот, нашите проектанти се одлучуваат за најадекватното решение, но вака технолошки организиран процес е многу поефикасен од традиционалното проектирање. Целата инсталација е изработена од природен картон, кој ќе биде 100 отсто рециклиран по завршувањето на неделата на дизајнот во Милано, следејќи ги принципите на циркуларната економија.

Како го гледате развојот на ATI Project во годините што следат?

Продолжуваме да работиме на големи и комплексни проекти. Сè повеќе се фокусираме на скандинавскиот и швајцарскиот пазар. Развиваме дизајн тим во Пиза (150 вработени), Милано (60) и Белград, каде веќе имаме 90 вработени. Ги следиме принципите на одржлив развој, интегралното проектирање на БИМ платформата. Предвидуваме експанзија на африканскиот пазар кога станува збор за болничкиот сектор. Продолжуваме со нашите социјални иницијативи и со нетрпение очекуваме нови проектантски авантури.

Извор: Gradnja.rs

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top