Насловна / Архитектура / Архитектонски медалјон на влезот во Градскиот парк

Архитектонски медалјон на влезот во Градскиот парк

Градскиот парк во Скопје е најголемиот градски парк во Северна Македонија и со парк-шумата Гази Баба единствен од ваков обем. Градскиот парк датира уште од 19 век, а во периодот пред Втората светска војна во времето на најголемиот скопски градоначалник Јосиф Михаиловиќ е проширен, уредени се патеките и направени се фонтани. Паркот е дооформен по земјотресот во 1963 година, кога е и направен еден од најголемите технолошки зафати во земјава, регулацијата на коритото на реката Вардар.

Градски парк кој го знаеме денес е направен во 1970 година, кога е завршен насипот на Вардар, а како круна на паркот во 1971 година пуштена е во употреба фонтаната „Лотос“. Градскиот парк денес зафаќа површина од 486 илјади квадратни метри и  се простира помеѓу улиците „Ленинова“ на исток, булеварот „Октомвриска револуција“ на запад, реката Вардар на север и булеварот „Илинден“ на југ.

4H5A0424_resize

ФОНТАНАТА „ЛОТОС“ ПОРТА НА ПАРКОТ

Како и секој парк и нашиот парк има своја порта. Движејќи се со возило по овие улици единствено место кое гласно нè повикува и кое јасно им назначува и на оние кои случајно залутале во Скопје, каде се слави, почитува и архитектонски заокружува природата, а тоа во центарот на градот е фонтаната „Лотос“. Тоа е таа капија на паркот, свечена, акцентирана, каде ништо не е случајно. Тенденциозна, романтична сонувачка, елегантна, но модерна таа е онаа која нè повикува да пристапиме, да одмориме, да се забавуваме, да уживаме, да се чувствуваме свечено и важно. Истовремено да бидеме и дел од природата, но да бидеме и урбани. Фонтаната „Лотос“ не е носталгична, таа е храбра и современа, таа не се покорува, таа придонесува и го надградува и паркот и градот. Фонтаната е мошне вешто проектантски балансирана, подредена на паркот токму онолку колку што е потребно да ја нагласи неговата важност и умерено претенциозно нагласена за да го надополни паркот, како нов, современ елемент кој придонесува на неговата убавина.

IMG-12763b8e77ec17bfc660c586edd153a5-V_resize

На местото на фонтаната пред нејзината изградба имало мочуриште, полно со убави бели цветови. И токму оттаму потекнува инспирацијата за проектантот, лотосовиот цвет. Фонтаната „Лотос“ е дело на архитектката Мирјана Милановиќ-Волињец (1938-1982), која работела во Заводот за урбанизам и архитектура Скопје. Фонтаната уште пред нејзината реализација се очекувала со големо нетрпение и била најавувана во медиумите како најубава и најрепрезентативна во земјата.

20200423_144132_resized (1)_resize

архитект Мирјана Милановиќ-Волињец (1938-1982)

Токму онаква каква што била и каква што треба да биде и денес, ние поубава и немаме. Отворена е на 3 мај 1971 година со гламурозна вечерна свеченост на која покрај проектантот и градските власти присуствувале и голем број значајни гости, меѓу кои и легендарниот градоначалник на Белград Бранко Пешиќ, градоначалникот на Атина, англискиот  амбасадор во тогашната Југославија, кој свечено ја пресекол лентата, пуштајќи ја во употреба, како и многу други видни гости. И тогаш се сечеле ленти, црвени, се пееле и песни, се сликале, но ленти се сечеле кога е создадено нешто капитално и вредно, а не за пешачки мост преку река за тежина од 100 килограми или засадена трева и понекоја жардиниера со елитистички пароли за грижата за зеленилото.

Mira - fontana 4_resize

Mira - fontana_resize

отварање на фонтаната 3.05.1971

Фонтаната била предвидена со Планот за Градскиот парк, а плановите тогаш биле стручни, изработени врз основа на опсежни анализи од сериозни тимови составени од професионалци. А не како денешниве, кои се изработуваат по желба на инвеститори и сопственици на локации. Овие последниве, веројатно сè би дале на оваа локација да може да изградат некоја станбена зграда, се разбира со ситна структура на станови.

Поставена е на плато подигнато со скали од улиците, со висина пријатна за чекорење. Фонтаната чие корито е со дијаметар 10 метри е централна тема на просторот, но не и централно поставена. Таа е настрана, отмено повлечена, како девојка од добра куќа, која е доволно забележлива, но не и претенциозна. Главната осовина е оставена слободна за визура, а главниот влез води директно кон споменикот на Гоце Делчев, дело на вајарот Љубомир Делчев, (велат дека имал македонско потекло), а подарок од градот Софија. Пјацетата се развива лево и десно од влезот, а фонтаната изгледа како лотосов цвет кој никнува од земја. Коритото е спуштено до партерот, иако во идејниот проект било предвидено да биде одвоено и претставува еден вид чинија на цветот. Од коритото се  издигнуваат четири топки, една поставена централно највисоко и три пониски околу, формирани од прскалки за вода. Во времето кога е направена фонтаната била и технолошки и технички многу напредна, препознатлива и по својата игра на водата, која е составен дел на архитектурата, а проектот за водоводните инсталации е изработен од италијанската фирма „Алпина“ од Ферара. Во ноќните часови била фасцинантна со својата игра на светло и сенки, постигната и со просторната композиција и со осветлувањето.

4H5A0386_resize

„Предвидено е фонтаната да изгледа како воден цвет – лотос, смирен по својот колорит, како да никнува од земја. Во долната чинија на фонтаната, која е и носител на цветот, водата непрекинато се движи, паѓајќи од ’листовите на цветот‘ и од т.н. водени толчници. Играта на водата се одвива во четири програми. Водата си игра меѓу цветовите со специјална структура на движењето на водените млазови“, изјавила архитектката Волињец за своето дело.

IMG-147345005118a9ccb896fdbc43fef2fc-V_resized_resize

ДЕЛ ОД УРБАНИСТИЧКИ АНСАМБЛ

Но фонтаната не е сама за себе, таа е дел од цел урбанистички ансамбл и партерно уредување решено вешто од почеток до крај, без ништо, како што вообичаено денес бива, особено кога станува збор за партерите, препуштено само на себе. Тој ансамбл е формиран како заокружена целина, каде преовладува бела боја, која се истакнува во однос на зелената заднина, но и обратно, природата се истакнува во однос на белината, и овие две главни слики се надополнуваат, почитувајќи се меѓусебно. Околу фонтаната, по контурите на платото поставени се клупи, кои делумно го оградуваат просторот. Клупите се организирани во полукружно седење, создаваат полујавни-полуинтимни простори, повлечени за точно половина круг, кои овозможуваат собирање на група посетители која има можност да седи и ужива во просторот, еден вид соба на отворено. Формата на клупите е формирана од бетон, има свој препознатлив дизајн со закосени страни, аголот се отвора како оди кон партерот и се создава современа силуета со препознатлива контура и пријатна димензија. Во истиот манир се проектирани и жардиниерите (во некои растат и смокви), со еден збор секој елемент е проектиран, а не набавен преку јавна набавка. Материјалот е натур бетон, облагороден со мермерен малтер во бела боја. „Колоритот на фонтаната со бела боја ќе доминира во просторот, имајќи го како фонд богатството на зеленилото од паркот“, изјавила Волињец. Животот на архитектката Мирјана Милановиќ-Волињец завршува ненадејно и прерано. Ни ја остави нашата фонтана за која професор Живко Поповски во ин меморијам издаден од тогашниот Сојуз на архитекти СДАМ, денес ААМ ќе напише: „Фонтаната во нескротен цвет, со партерно уредување на влезот во градскиот парк е естетска минијатура пред еден систем на просторно вреднување во облик на архитектонски медалјон, кој зборува во особена светлина за творецот, како исклучителна личност и страстен читач на животот“.

20200429_114715_resized_1 (1)_resize

архитект Волињец и градоначалникот на Атина

ФОНТАНАТА Е СКОПСКА

Оној кој е од Скопје и кој е малку повозрасен или во најдобри години, ја памети фонтаната во сиот свој сјај. Не постои скопјанец кој не шетал таму, не постои некој кој нема фотографии и спомени од својата младост или детство токму на ова место. Кога бевме деца на фонтаната нè носеа родителите да прошетаме и да ја посетиме, како споменик. Но не како било, туку сите облечени во најубавата облека и нови чевли. Играта на водата нè воодушевуваше, млазовите вода кои прскаа од топките беа бели и воздушести како пена. Големо доживување беше да се стави рака во коритото, во спротивно исто како да не си бил. Кога пораснавме одевме таму често, а мислам дека најчесто кога бегавме од часови и секој со своето друштво седеше на полукружните клупи, во својата соба на отворено. Фонтаната секогаш предизвикуваше радост, сите луѓе присутни во тој архитектонски ансамбл беа насмеани.

4H5A0392_resize

Но фонтаната стивна, вода нема или тече тажно, руинирана е, направени се обиди за реновирање, сите до еден неуспешни, како обложување на коритото со сив гранит, веројатно донесен од некој магацин, останат од некоја јавна набавка, поставен вертикално, под прав агол, со што е изгубен потегот на закосување на оригиналното корито. На подот се поставени сиви, безлични плочки (од некое од оние спомнати реновирања), наместо оригиналните кои беа во две нијанси на слонова коска, со различна текстура, поставени во штрафти. Клупите се скршени, бојата излупена, целиот просторот е исчкртан со графити. Не дека не почитувам уметност на графити, токму спротивното. Сите оние кои велат дека графитите не се уметност, туку вандализам, гадно се лажат. Уметниците тоа го прават од чиста љубов и обично сакаат да пренесат некоја порака. Но ова што ѝ е направено на фонтаната е обично чкртање, порака за чист вандализам, несфаќање на нејзината вредност, непочитување, недостаток на домашно воспитание.

4H5A0409_resize

ЗАРЕМ НЕ ИМ СМЕТА КОГА СЕКОЈДНЕВНО ЈА ГЛЕДААТ СОСТОЈБАТА?

И сè ова не го велам со носталгија или жал за младоста. Ова го пишувам затоа што со ништо не можам да си објаснам две работи.

Фонтаната „Лотос“ не е ниту прв, ниту единствен објект во градот, кој е вреден и значаен, а препуштен сам на себе и секој обид да му се подобри состојбата, најчесто е декларативен или по обичај завршува неславно. Едната работа која не ми е јасна е: Овој простор е буквално, ама буквално „пред нос“ на официјалните лица и на Град Скопје и на Општина Центар. Зарем не им смета кога секојдневно ја гледаат состојбата? Си велам, веројатно човек и на убавина и на грдотија се навикнува кога тоа му е секојдневие, па очигледно се навикнале, во овој случај на нашата бивша убавица. Втората работа е: Помодарството во повикувањето за што повеќе паркови и зеленило, па градоначалниците сакајќи да соберат политички поени, а мислејќи дека се авангардни и којзнае што прават, се сликаат со секое дрвце и трева и даваат изјави како на избор за Мис на светот.

4H5A0414_resize

И тоа не е лошо, не е нешто особено важно, бидејќи решенијата се спорадични, но нека садат зеленило. Со години се прашувам зошто не ја реновираат најубавата, единствената вистинска фонтана во центарот на градот? Зачудува и факот што често се спроведуваат конкурси за паркови и се презентираат некои недоречени решенија со нејасни визуализации, а „Лотос“ никој не ја споменува. Бидејќи во животот често не е сè така како што изгледа, па ни 3Д анимациите, особено кај нас, како ќе изгледаат тие новопредвидени паркови сè уште не е многу јасно. Па така во меѓувреме може да се охрабрат и да нарачаат проект за реновирање на фонтаната „Лотос“. Не треба ништо особено да направат, треба само да состават проектна програма која ќе бара реновирање на фонтаната во сè според тоа каква била, тоа значи да не ѝ се прави ништо повеќе и ништо помалку. Сите ќе им бидеме благодарни, нема потреба да ја „разубавуваат“, само нека ја направат иста и само нека најдат пари. Впрочем тоа им е и работа, нели, менаџери на градот. А кога фонтаната, нашата дама, повторно ќе блесне со сиот свој сјај, е тоа ќе биде нов ветер на култура кон просторот, односот кон природата и почитување на вредностите кои ги имаме. Така ќе покажат дека разбрале, можеби не сфатиле, но покажале дека умеат да послушаат професионалци и да почитуваат.

Автор: Сања Раѓеновиќ Јовановиќ, дипл.инж.арх.

* * *

Нека расцути белиот лотосов цвет со сета своја волшебност и убавина. Нека повторно нè запре и повика барем на миг,  да му пријдеме и споделиме со него нешто наше  носталгично, интимно и љубовно. Ја слушаме песната на водените самовили и божествената разнеженост  на стотици и стотици капки по нашето лице и тело.

Те посакуваме убавице како што и ти нас нè посакуваш.

Со љубов , Игор Волињец (син на авторката)

4H5A0421_resize

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top