Насловна / Архитектура / Ако Госпоѓа Мавровка би му била жена/сопруга на Господинот Град

Ако Госпоѓа Мавровка би му била жена/сопруга на Господинот Град

Метафорично или фигуративно, ако Госпоѓа Мавровка би му била жена/сопруга на Господинот Град , тој би се здобил со “рогови“- големи, височки, трајни, видливи оддалеку како што се гледа на сликата. Но тоа никако нема да му пречи, оти, кој би се расправал и разведувал (не дај боже), па би се влечел по судови за малку сексање надвор од бракот. Тоа кошта, а обично кај нас нема завршница, развршница и едноставно, нема крај.

5_resize

Можеби “роговите” би биле само уметничка инсталација што не ја разбираме; апстрактен етнокултуролошки чин за самоосвестување или типичен перфоманс на моќта и пркос на едно мало, а големо малцинство, во еден исторски моментум што трае, трае, трае ли трае…Се чини би требало како е вообичаено, да се повика некој на помош на проневерениот маж , но некој искусен како татко му. Познат е авторитетот на Таткото на Градот кој секогаш интервенира ефикасно за да инцидентот не се повтори.

1

Впрочем, аферава би била обичен производ на заведување на наивен женски субјект како на пример, еднаш порано, што се случи со Госпоѓицата Чаршија кога стана жртва на незаконска љубов и затрудне, па се роди Плоштадче Скендербег. Малото си доби ситни и крупни играчки, пазли-мозаици, коњче, барбиката Менада и некои коцкички – дуќанчиња, хотелчиња и слично. Е, едно е сигурно : Госпоѓата Мавровка нема да затрудни и нема да раѓа затоа што е отпочнат хуман процес на посвојување на дечиња од градинката  Скопје2014  за да од нив станат важни, преважни момчиња – Министерства Зашто и да е (згодни за родендени, на пример). Убаво е што би било договорено со време со Тетка Коалиција да ги расте, да ги чува и да ги гали младиве затоа што таа си има супер препораки од искусните дами г-ѓа Европа, г-ѓа Америка и други искусни душебрижнички по светов.

3_resize

4_resize

При тоа, цело време со неприкосновената менторка Г-ѓата Бирократија, би течела едукативна театарска представа за (квази) демократијата а со богата раскошна режија на Стринка Влада-нка. Кога сме веќе кај Стринката пожелно и инспиративно би било да и се понуди следниот новинарски текст како проглас (афирмативен) до актерите – глумците – граѓаните на оваа државичка: „Изгради диво, ќе ти ја легализираат дивоградбата. Узурпирај тротоар за тераса на кафеана, ќе ти ја легализираат сосе греењето што си го ставил. Пушти даски за платформа во езеро, ќе ти ги легализираат кога ќе стане кафеана. Не плаќај данок на имот, ќе те замолат да им платиш на рати. Испери пари во некое Белизе, врати ги божем во инвестиција, ќе ти ги легализираат “ (благодарност до почитуваниот автор Горан Михајловски). Стринка Влада-нка би требала да очекува критики на представата, но тие би биле амбивалентни: некои остри, некои лигави, некои би проколнувале, некои тагувале, но сите би го омаловажувале моментов затоа што сите си имаат убавко место и си уживкаат под чадорот на неодоливата “дам фатал” – Госпоѓицата Корупција.

Колку интересно би било, нели? Само хипотетички, нели?

Автор: Даница Павловска Циги, дипл.инж.арх.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top