Насловна / Архитектура / Аја Софија – од црква до џамија

Аја Софија – од црква до џамија

Со поделба на Римското Царство, градот Бизант (Визант) станал престолнина на Источното Римско Царство под име Константинопол. Во градот била изградена голема црква во чест на востановувањето на христијанството како официјална државна религија. Но, два века подоцна таа црква и голем дел од градот се изгорени во пожар. На тоа место, царот Јустинијан, наредил да се изгради нова црква, поголема и поубава од претходната. Таква, каква што немало, ниту ќе се изгради после Адам – наредил царот.

DSCF6533_resize

Главен архитект – проектант, мајстор и раководител на градењето бил Исидор од Милет, а пресметките ги правел Антемије од Трал. Тие биле најголемите и најпрочуени градежници во Источното Римско Царство. Царот со свои мислења и идеи постојано учествувал во изработката на скиците и проектите на црквата. Во народот се зборувало дека „Некој ангел на царот на сон му ги покажувал плановите за изградба на црквата“.

Градењето на црквата започнало во 532 година. Одличната организација на изведување на работите овозможила непречен напредок на изградбата на објектот. Биле ангажирани десет илјади работници и мајстори поделени во групи од по сто. Потребните градежни материјали биле набавувани од поблиски или подалечни места – мајдани, но секогаш со највисок можен квалитет. Така на пр. жолт мермер е носен од Нумидија, зелен од Еубеа, темноцрвен од долината на Нил, бел од острови од Мраморно Море, црвено-шарен од Фригија и други градежни материјали од градовите Ефес, Балбек и Пергам.

2020-draw-2_resize

Финансирањето на градбата функционирало без никаков застој. Сите државни службеници подолго од една година останале без личен доход, а биле воведени и посебни даноци за изградба на црквата. Градењето било многу скапо. Само подот и проповедалницата во црквата чинеле колку целиот годишен буџет на тогашен Египет. Сите вработени биле финансиски исплаќани секој ден по завршетокот на работното време.

bf3_resize

Во црвката се вградени 107 мермерни столбови со богато изрезбани капители. Висината на црквата од подот до темето на куполата изнесува 56 метри. Централно поставената купола се издига на четири пандантифи, а од две спротивни страни е потпрена на апсидални полукалоти. Над пандантифите се 40 прозорски отвори и над нив е куполата со распон од 31 метар, а висината на „стрелата“ изнесува 16 метри. Со тоа е постигнато природното осветлување во внатрешноста да се менува светло – сенка и уште е збогатено со разнобојноста на вградените мермери и извонредно изработените златни мозаици.

Градењето на црквата било баснословно скапо – потрошени биле тогашни 360 центери злато.

bf2_resize

Кога градбата била завршена, некој хроничар запишал: „Црквата како да не е издигната од земја, туку со златни ланци спуштена од небото“.

На 27 декември 537 година извршено е осветување на црквата посветена на Божјата премудрост – Аја Софија. Воодушевен од големината и убавината на градбата, царот Јустинијан рекол – Соломоне! Те надминав!

Во времето на Јустинијан биле доградени контрафори и извршени се други помали поправки и реконструкции на делови од црквата. Големи оштетувања се случиле од земјотресите во 869, 989 и 1344 година. Во 1204 година, француските крстоносци во IV Крстоносна војна влегле во Константинопол и направиле големи оштетувања во црвката.

bf5_resize

На 29 мај 1453 година, Турците Османлии со султанот Мехмет II го освоиле Константинопол. Црквата била запуштена и во многу лоша состојба. Турците ја санирале, доградиле едно минаре и ја претвориле во џамија покривајќи ги мозаиците со дебел слој малтер. Стабилноста на црквата – џамијата, била зајакната со нови контрафори и доградени се 4 минариња со по 1 шерефет за да се нагласи исламскиот карактер и функција на објектот. Со тоа бил сосема изменет оригиналниот надворешен изглед на фасадата на црквата.

Со текот на времето, се појавиле помали и поголеми оштетувања на објектот. Во 1847 година, швајцарските архитекти – браќата Гаспар и Џузепе Фосати, извршиле големи конзерваторски реставраторски работи на џамијата.

Мустафа Кемал – Ататурк во 1923 година го сменил последниот султан и прогласил Република, а во 1935 година, со декрет, џамијата Аја Софија станала музеј. Тогаш е симнат малтерот од ѕидовите во внатрешноста на црквата и после пет века, повторно се гледаат прекрасните мозаици со христијански мотиви. Од исламските обележја, во црквата – музејот, има 4 големи медалјони со текстови за Бакр, Омар, Осман и Али – Халифет (по Пророкот).

aja-sofija_resize

Илјадници љубители на уметноста и архитектурата на Аја Софија секојдневно доаѓале да се воодушевуваат на нејзината неповторлива убавина.

Но, што ќе биде утре?

Сведоци сме на најновиот потег на турските власти, величествената црква над црквите да се претвори во сосема друга религиска намена – џамија. Несфатливо и неприфатливо! На таквата тенденција веднаш остро се спротивставија САД, Русија и ЕУ.

Дали човековата маленкост ќе ја надвладее Божјата премудрост останува да видиме.

Автор: Андреја Јовановски, дипл.инж.арх.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top