Насловна / Вести / 22 јули – денот кога ја потрошивме планетата Земја за оваа година!

22 јули – денот кога ја потрошивме планетата Земја за оваа година!

Почитувани, кога ќе го читате овој текст жителите на Северна Македонија веќе ги потрошиле своите расположливи ресурси по лице на планетата Земја за оваа година. Поточно ова веќе се случило во средата на 22 јули. Овој датум го искажува денот кога жителите на територијата на нашата република преку својата потрошувачка веќе ги пречекориле расположливите природни ресурси на нашата планета коишто можат да се самообноват во текот на оваа година.  Значи од четврток 23 јули нашето салдо е веќе црвено и се живее на „кредит“, а кој, како, кога и со која „камата“ ќе го отплати овој долг допрва ќе се види.

22

Општо гледано резултатите на Република Северна Македонија не се за пофалба со оглед дека овогодишниот светски „Ден на пречекорување на планетата“ се паѓа во сабота 22 август, што значи дека жителите на нашата Земја веќе го потрошиле својот дел месец дена пред „просечниот“ жител на планетата. Инаку во светски рамки најрано својот удел во расположливите одржливи ресурси за оваа година го има потрoшено Катар на 11 февруари, а најдоцна ќе ги потроши Киргистан на 26 декември. Од друга страна пак, во рамките на бивша СФРЈ, резултатите на Северна Македонија се дури и релативно добри со оглед дека другите бивши републики го достигнале овој ден пред нас: Словенија на 26 април, Хрватска на 31 мај, Босна и Херцеговина на 10 јуни, Црна Гора на 12 јуни, а Србија на 18 јули.

0

За „среќа“ оваа година се проценува дека светскиот „Ден на пречекорување на планетата“ ќе биде шест недели подоцна отколку што се очекувало.  За жал ова не е резултат на координирана акција на светско ниво, туку е резултат на глобална катастрофа – пандемијата на Ковид-19 која, според Џон Хопкинс Универзитетот (John Hopkins University) заклучно со 14:33 часот на 5 јули има заразено (со потврдена дијагноза) 11.294.859 милиони лица на планетата, од кои 531.438 подлегнале на вирусот Ковид-19. Се разбира со оглед дека пандемијата сè уште е во тек, поточни резултати се очекува да се добијат по завршувањето на пандемијата. Според некои согледувања, преку оваа пандемија „планетата го возвраќа ударот“ на со векови паразитскиот наместо симбиотски однос помеѓу човекот и природата. Како резултат на ова во моментов глобално ни се потребни 1,6 планети Земји, а ние имаме само една.

10

Пресметката на „Денот на пречекорување на планетата“ (Earth Overshoot Day) ја спроведува „Мрежата за глобален отпечаток“ (Global Footprinth Network).  Преку нивните пресметки лесно може да се види како драстично се влошени состојбите во последните 50-ти години кога ќе се споредат „Деновите на пречекорување на планетата“, а пресметани според податоците од 2019 година: 29.12.1970, 4.11.1980, 11.10.1990, 23.9.2000, 7.8.2010 и 22.8.2020. За последниот ден веќе знаеме дека „подобрувањето“ е резултат на пандемијата, а не на глобална координирана акција за одржлив пристап кон нашиот живот на планетата Земја. Оттука може да се види дека некаде до доцните 1960-ти години на човештвото нашата планета веќе престанала да ни била доволна, но дека оттогаш значително се влошени состојбите и покрај напорите за воспоставување поодржливи пристапи кон развојот на човечкото општество.

11

14

Отсекогаш природните ресурси се користеле за задоволување на човековите потреби и за подобрување на квалитетот на животот на луѓето. Во оваа смисла се чини дека претходните генерации биле многу посвесни дека треба да се живее во границите на расположливите можности и ресурси коишто опкружувањето ни ги нуди иако се смета дека биле „помалку развиени“ од сегашните. Ова вообичаено се поврзува со фактот дека во минатото луѓето повеќе ги задоволувале своите потреби преку обработка на земјата, одгледување домашни животни, лов, риболов и собирање плодови. Во вакви случаи веројатно било поочигледно дека ако многу плодови се соберат или многу риби се уловат денес, дека утре ќе има помалку и дека лесно може да се остане гладен. Раскинувањето на овој однос помеѓу човекот и неговото опкружување и производството на храна од една страна го помогнало развојот на индустриската револуција, но од друга страна ја намалила видливоста на тоа како поединечната акција влијае не човековото опкружување локално, но и на природата глобално. Се разбира никој не сугерира дека треба да се вратиме со векови наназад за да живееме поодржливо, но секако е потребно подобро да се размисли и да се осмислат нашите активности и начин на размислување за постепено, но одлучно да го смениме начинот на нашето однесување и со тоа да го поместиме и националниот и глобален датум на „Денот на пречекорување на планетата“ барем до 31-ви декември во анализираната година.

chart

Веројатно во желбата за еден ваков позитивен исчекор во односот помеѓу човекот и природата почнува да се истакнува и мудроста на минатите генерации и правилата според коишто тие се однесувале.  Оттука веројатно во оваа смисла можеби треба да ги споменеме Хоу-дe-ноу-шо-ни-те (The Hau de no sau nee) и нивните правила за однесување според коишто пред некоја одлука да се донесе треба да се согледаат последиците од одлуката за наредните седум генерации. Со други зборови одлуките што се носат денес не треба да предизвикаат негативни последици за следните седум генерации, односно приближно за следните 140 години и континурано така од генерација на генерација. Оттука одредени автори го имаат промовирано и концептот на Одржливоста на седумте генерации (The Seventh Generation Sustainability) базиран на споменатите принципи.

111

Хоу-дe-ноу-шо-ни-те, или „Луѓето од долгата куќа“, е всушност Конфедерацијата на шесте нации (The Sixth Nations Confederacy), исто така позната под името на јазикот кој го говореле како Ироки Конфедерација (The Iroquois Confederation), која ги опфаќала нациите на Мохиканците (Mohawks), Онеидите (Oneidas), Онондагосите (Onondagos), Сенкасите (Senecas), Кајугасите (Cayugas) и, нацијата која последна се приклучила кон конфедерацијата, Тускараросите (Tuscaroras). Нациите на оваа конфедерација оригинално ја населувале територијата на делови од сегашните САД и Канада коишто се распростирале од Вермонт до Охајо и од Квебек до Тенеси во период од околу 4.000 години пред доаѓањето на Европејците.

55

Овие нации меѓусебно војувале некаде до 1500-те години кога се здружиле во сила конфедерација со софистициран општествен систем, впечатлива политичка и воена организација, комплексен начин на живеење и истакната положба на жените во општеството, со оглед дека општеството било матријархално. Според преданијата тие практикувале она што ние денес го спознаваме како консензуална партиципаторна демократија, каде одлуките се носеле со 75 отсто мнозинство на гласови од сите нации при што требало да се добијат и 75 отсто гласови и од мажите и од жените поединечно. Нивниот систем на правна власт бил со два дома и непишан устав за којшто се смета дека потекнува од околу 1590-та година, далеку пред воспоставувањето на слични комплексни системи на политичка организација во Европа. За жал по два века опстојување, колонизација на териториите од страна на европските населеници и меѓусебните борби за превласт помеѓу истите довеле до распаѓање на оваа конфедерација. Според одредени историчари се смета дека Уставот и политичкото уредување на Конфедерацијата на шесте нации одиграле влијание во воспоставувањето на Уставот и политичкото уредување на САД:

2

Погорново само е еден пример за тоа како луѓето во минатото се обидувале да ги организираат своите општества на начин којшто го хармонизира животот на човекот со природата. И додека научните дебати сè уште траат, во отсуство на пишани докази, за тоа дали Конфедерацијата на шесте нации навистина ги практикувала принципите на Одржливост на седумте генерации во пракса, не треба да се заборават ниту принципите за „Меѓугенерациска правда“ и идните и  изминатите генерации имаат свои права.

23

Според зборовите на визионерот, поетот, уметникот и социјалниот реформатор Вилијам Морис (William Morris, 1834-1896) „Ние само сме чувари за оние што ќе дојдат по нас“. Оттука она што ние го правиме денес за да ги задоволиме нашите потреби не треба да го попречи задоволувањето на потребите на идните генерации.

24

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top