Насловна / Архитектура / Ракета направена од челик и стакло во Мароко

Ракета направена од челик и стакло во Мароко

Новиот симбол на современо Мароко, Mohammed VI Tower, со висина од 250 метри, стана највисоката зграда во земјата и еден од највисоките облакодери на африканскиот континент. Овoj импозантeн објект е изградена во близина на главниот град Рабат, како дел од големиот проект Bouregreg Valley Development, кој претставува дел од пошироката трансформација на градот во таканаречен „Град на светлината“.

Кулата е именувана по актуелниот крал на Мароко, а проектот го потпишуваат архитектите Rafael de la Hoz и Hakim Benjelloun. Нејзината препознатлива силуета наликува на ракета подготвена за лансирање, што не е случајно.

Идејното решение е поврзано со искуството што Othman Benjelloun, милијардер и директор на Bank of Africa, го доживеал кон крајот на шеесеттите години за време на посетата на центарот на НАСА, каде што присуствувал на подготовките на ракетата Saturn V за мисијата Apollo 12.

Иако надворешниот изглед асоцира на вселенската програма, проектот не се потпира само на симболика. Фасадата на кулата е проектирана истовремено да придонесе за енергетска ефикасност и да го намали оптоварувањето на системот за ладење.

Северната страна на зградата е проектирана како високоперформансна застаклена фасада со декоративни метални елементи, додека јужната страна комбинира затворени панели, заштита од сонце и интегрирани соларни панели.

На повеќе од 70.000 квадратни метри фасадни површини, вградени се фотоволтаични системи, а дополнителни соларни панели се наоѓаат и на покривот на подиумот. Објектот користи и систем за собирање дождовница, рециклирање на отпадни води и обновување на енергија, благодарение на што доби сертификати за одржлива градба LEED Gold и HQE.

Изградбата на толку висока зграда барала примена на сложени инженерски решенија, особено поради сеизмичката активност, силните ветрови и ризикот од поплави на локацијата. Облакодерот се потпира на темели вкопани дури 60 метри во земја и дополнително стабилизирани со 104 длабоки бетонски шипови.

Конструкцијата комбинира армирано – бетонско јадро со висока цврстина и надворешна челична рамка, додека на самиот врв има „tuned mass damper“ систем – огромна противтежа што ги ублажува поместувањата и вибрациите на зградата поради ветерот.

Mohammed VI Tower се простира на вкупно 102.800 квадратни метри распоредени на 55 ката. Објектот располага со луксузен хотел, деловен простор, ексклузивни апартмани и панорамски видиковец со поглед на Рабат и околината, а посетителите и корисниците имаат на располагање вкупно 36 лифтови.

Посебно внимание е посветено на ентериерот. Pierre-Yves Rochon бил задолжен за проектот на ентериерот, додека FLAMANT опремиле репрезентативни делови од подиумот, вклучувајќи го влезниот хол, балската сала, рестораните и салите за состаноци.

Реализацијата на проектот траела осум години, а вредноста на инвестицијата се проценува на околу 700 милиони долари. BESIX, позната и по учеството во изградбата на Бурџ Калифа, заедно со компаниите TGCC и CRCCI, беа одговорни за изведување на работите. Улогата на инвеститор имал O Tower, со поддршка на Bank of Africa, RMA и O Capital Group.

Видлива од растојание од околу 50 километри, Mohammed VI Tower денес претставува нова архитектонска икона на Рабат и еден од најамбициозните градежни проекти во Северна Африка.

Испрати коментар

Scroll To Top