Насловна / Вести / Доминација на руската нуклеарна технологија

Доминација на руската нуклеарна технологија

Глобалното производство на нуклеарна енергија достигнува рекордно високо ниво, бидејќи сè повеќе земји се свртуваат кон технологијата како дел од нивните планови за намалување на емисиите на јаглерод. Производството на нуклеарната енергија се враќа на голема врата, а според прогнозите на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) расте влијанието на Русија и на Кина во нуклеарниот сектор, бидејќи овие две земји обезбедуваат технологија за 70 отсто од реакторите што моментално се во изградба низ целиот свет.

„РОСАТОМ“ ВРАБОТУВА 420.000 ЛУЃЕ

Руската државна компанија „Росатом“ е формирана во 2007 година, инкорпорира вкупно 550 претпријатија и вработува над 420.000 луѓе глобално. Станува збор за компанија која има прилично богато портфолио во различни енергетски проекти, но секако нуклеарната енергетика зазема значаен дел. Имено, денес „Росатом“ е на прво место во светот по бројот на проекти за изградба на нуклеарни електрани во странство, со 41 енергетски блокови во 11 земји. Според податоците на „Росатом“, вкупната вредност на нејзиното портфолио на странски нарачки во 2025 година, надминала 200 милијарди долари.

Кога станува збор за знаењето и искуството во изградбата на нуклеарни електрани, Руската Федерација има своја историја и наследство уште од периодот на СССР. Науката и истражувањето во секоја, па и во оваа област во СССР беа издигнати на извонредно високо ниво. Не беше мала бројката на затворените градови, т.н. „град – завод“, каде научниците со своите семејства живееле по многу параметри изолиран живот посветен на науката. Била потребна посебна дозвола за да го напуштат градот па дури и за да им дојдат во посета роднини и пријатели. За прв пат руските стручњаци изградиле нуклеарна постројка во странство во 1966 година, во Рајнсберг, во Источна Германија.

Претпријатијата „Атоменергоекспорт“ и „Зарубежатоменергострој“ подоцна изградиле нуклеарни електрани низ светот – од Бугарија (Козлодуј), Чехословачка, Унгарија и Финска до Куба. Секако, проектите биле главно ограничени на некогашните социјалистички земји, а катастрофата во нуклеарната електрана во Чернобил (денешна Украина), ги разгори дебатите околу безбедноста на руските реактори, иако освен пропустите во дизајнот и технолошката (не)дисциплина играа улога во незапамтената хаварија. На почетокот на деведесеттите, многу од руските нуклеарни проекти биле запрени или потполно напуштени, но во последните години развојот на нуклеарната енергетика во Руската Федерација доживува ренесанса.

СТРАНСКИТЕ НАРАЧКИ ВО 2025 ГОДИНА НАДМИНАЛЕ 200 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ

Покрај изградбата на нуклеарните електрани, Русија извезува нуклеарно гориво и зафаќа околу 17 % од глобалниот пазарен удел, но пружа и услуги за збогатување на ураниум, се занимава со истражувања и рударење на ураниум во ​странство и формира центри за нуклеарни истражувања во разни земји. Освен „Пакш 2“, во Унгарија, во изградба се постројки во Бангладеш, Белорусија, Египет, Индија, Иран, Казахстан, Кина…

„Росатом“ моментално ги заклучува и прелиминарните спогодби за изградба на енергетските единици во Бразил, Виетнам, Киргистан, Лаос, Монголија, Мјанмар, Нигерија, Саудиска Арабија… Интересно е дека во Финска, „Росатом“ започнал со подготвителни работи на проектот за нуклеарната електрана „Ханхикиви“, но финската страна еднострано го раскинала договорот во 2022 година.

УНГАРИЈА

Во моментов, унгарската нуклеарна електрана „Пакш“, изградена помеѓу 1983 и 1987 година според советски проект, има четири енергетски блока со реактори од типот ВВЕР. Концептот на овој тип на реактор датира уште од 70-тите години на минатиот век, а кратенката значи „вода – вода енергетски реактор“. Другиот тип на реактор кој своевремено го имаат развиено Советите е т.н. РБМК (реактор большой мощности канальный) или „реактор од каналски тип со висока моќност“. Токму овој тип на реактори покажал недостатоци во дизајнот и перформансите, како на пример нестабилноста при ниска моќност, што меѓу останатото довело и до катастрофата во Чернобил. Но, лекциите се научени, па денес „Росатом“ гради исклучиво ВВЕР-реактори. Во периодот помеѓу 2005 и 2009 година, „Атомстројекспорт“, ќерка фирма на „Росатом“, спровела програма за продолжување на нивниот век на експлоатација до 2032–2037 година, со зголемување на нивниот вкупен капацитет од 1.760 на 2.000 MW.

Во јануари 2014 година, Русија и Унгарија потпишале меѓувладина спогодба за соработка во областа на нуклеарната енергија, со која се предвидува изградба на трета фаза, односно на енергетски блокови 5 и 6, на оваа нуклеарна електрана од страна на „Росатом“.

Договорот за изградба на двата блока со реактори ВВЕР-1200, е потпишан во декември 2014 година помеѓу државните корпорации „Росатом“ и унгарската енергетска компанија МВМ. Трошоците за проектот „Пакш 2“ се проценуваат на 12,5 милијарди евра. Русија ѝ обезбедила на Унгарија кредит од 10 милијарди евра. На 30.8.2022 година, Унгарската агенција за атомска енергија ја издала дозволата за почеток на изградбата на петтиот енергетски блок, по што „Росатом“ ги започна градежните работи во февруари годинава. Проектот „Пакш 2“ е ослободен од сите западни санкции.

БАНГЛАДЕШ

 

Русија и Бангладеш во ноември 2011 година, потпишале меѓувладина спогодба за соработка во изградбата на првата нуклеарна електрана во Бангладеш, „Рупур“, 160 километри западно од Дака, главниот град на Бангладеш.

Електраната ќе биде опремена со два енергетски блока со реактори ВВЕР-1200. Договорот е потпишан во средината на декември 2015 година. „Атомстројекспорт“ е главен изведувач на работите. На  почетокот на 2017 година, руската влада му обезбедила на Бангладеш државен кредит од 11,38 милијарди долари за финансирање на главната фаза на изградбата на нуклеарната електрана. Изградбата на блок 1 започнала на 30.11.2017 година, а на блок 2 во јули 2018 години. Блок 1 се очекува наскоро да биде пуштен во работа.

БЕЛОРУСИЈА

Изградбата на белоруската нуклеарна електрана е завршена во 2023 година, кога се пуштени во погон два реакторски блока ВВЕР-1200. Во фаза на анализирање е изградбата на третиот реакторски блок.

ЕГИПЕТ

Во ноември 2015 година, Русија и Египет потпишале меѓувладина спогодба со „Росатом“ за изградба на првата египетска нуклеарна електрана, која се состои од четири реакторски блока ВВЕР-1200. Електраната, наречена „Ел Дабаа“, се гради во Матрух, 300 километри од Каиро. Вредноста на договорот е 30 милијарди долари, а најголем дел од финансирањето е обезбедено со руски кредит од 25 милијарди долари.

Изградбата требало да почне во 2020 година, но одложена е поради пандемијата на  коронавирусот и започнала на 20.7.2022 година. Во јануари 2024 година, излиен е бетонот за фундаментот на блок 4, со соодветна свечена церемонија. Во ноември 2025 година, поставен е реакторот за блок 1, чие пуштање во работа е планирано за 2028 година.

ИНДИЈА

Руското министерство за атомска енергија и Индиската корпорација за нуклеарна енергија (NPCIL) во 1989 година потпишале спогодба за изградба на два енергетски блока за нуклеарната електрана „Куданкулам“ со два реактори ВВЕР-1000 во индиската држава Тамил Наду. Тие се изградени и пуштени во работа во периодот помеѓу 2016 и 2017 година.

Во април 2014 година постигнат е договор за изградба на втората фаза на нуклеарната електрана врз основа на реактор тип ВВЕР-1000. Нејзината цена е приближно 6,4 милијарди долари, вклучувајќи 3,4 милијарди долари од руски кредити. Изградбата на блок 3 започнала во јуни 2017 година, а на блок 4 во октомври 2017 година. Изградбата на блоковите 5 и 6 започнала на 29 јуни, односно на 21 декември 2021 година. Пуштањето во работа на блок 3 е планирано да се реализира до крајот на оваа година.

ИРАН

Русија и Иран на 25.8.1992 година потпишале две спогодби: една за соработка во мирнодопско користење на нуклеарната енергија и друга за продолжување на изградбата на иранската нуклеарна електрана во близина на градот Бушер на југот на земјата, која е започната во 1975 година од страна на западногермански концерн и прекината во 1979 година по почетокот на Исламската револуција. „Росатом“ во 1995 година потпишал договор со Организацијата за атомска енергија на Иран за завршување и реконструкција на блок 1 од нуклеарната електрана. Блокот е поврзан на мрежа во септември 2011 година, а неговото официјално предавање на Иран е одржано во септември 2013 година.

Веќе во ноември 2014 година, потпишан е договор за изградба на втората фаза од нуклеарната електрана – два нови енергетски блока со реактори ВВЕР-1000.  Трошоците за нивната изградба  изнесувале приближно 10 милијарди долари, а финансиска поддршка обезбедила Иранската компанија за производство и развој на нуклеарна енергија. „Атомстројекспорт“ повторно се јавува во улога на главен изведувач на работите. Церемонија на одбележување на почетокот на изведбата е одржана во септември 2016 година. На 26 септември 2025 година, Русија и Иран потпишале договор вреден 25 милијарди долари за изградба на нова нуклеарна електрана под името „Хормоз“. Планирано е оваа електрана да има четири блока со вкупен инсталиран капацитет од 5.000 MW.

КАЗАХСТАН

Во август минатата година, во Казахстан е одржана церемонија по повод почетокот на изградбата на руска нуклеарна електрана. Тоа е првата нуклеарна електрана во Казахстан. Агенцијата за атомска енергија на оваа земја, во ноември минатата година објави дека електраната „Балхаш“,  ќе ја гради меѓународен конзорциум предводен од „Росатом“.

КИНА

„Росатом“ веќе има изградено четири енергетски блока во нуклеарната електрана „Тјанван“, а вкупните трошоци се проценуваат на 3,1 милијарда евра. Меѓувладината спогодба за изградба на блоковите 1 и 2 е потпишана во 1992 година. „Атомстројекспорт“ и Корпорацијата за нуклеарна енергија Џангсу го потпишале договорот за изградба во декември 1997 година. Според договорот, енергетските блокови се опремени со реактори ВВЕР-1000/428. Пуштени се во работа во 2007 година.

Во ноември 2010 година, истите субјекти потпишуваат нов договор за изградба на блоковите 3 и 4 со реактори ВВЕР-1000. Изградбата на блок 3 започнала во декември 2012 година, а блокот е пуштен во работа во 2017 година. Изведбата на блок 4 почнала во 2013 година, а неговото пуштање во работа е реализирано во 2018 година.

Во јуни 2018 година потпишани се меѓувладин протокол и рамковен договор за изградба на блоковите 7 и 8 со реактори ВВЕР-1200, кои припаѓаат на најновата генерација III+, а во март 2019 година, потпишан е договор за изградба на овие енергетски блокови. Кина ги изградила блоковите 5 и 6 според сопствен проект. Церемонијата за означување на почетокот на изградбата на блок 7 одржана е во мај 2021 година, а за блок 8 во февруари 2022 година. Нивното пуштање во работа е планирано за 2028 година.

На 8.6.2018 година „Атомстројекспорт“ и Кинеската национална нуклеарна корпорација потпишале протокол за соработка и рамковен договор за изградба на блоковите 3 и 4 од нуклеарната електрана Сјудапу во провинцијата Љаонинг, на североистокот на Кина. Изведбата на блокот 3 започнала на 28.7.2021 година, а на блокот 4 во мај 2022 година. Планирано е да бидат опремени со два реактори ВВЕР-1200. Пуштањето во работа е закажано за 2027 и 2028 година, респективно.

ТУРЦИЈА

Русија и Турција на 12.5.2010 година потпишале меѓувладина спогодба за изградба на првата турска нуклеарна електрана, Акују, во југоисточната провинција Мерсин. Спогодбата предвидува изградба на четири енергетски блока со реактори ВВЕР-1200. Руската проектантска компанија „Акују Нуклеар“ станала нарачател на работите и сопственик на нуклеарната електрана. Во моментов компаниите на  „Росатом“ поседуваат речиси 100 % од акциите на електраната. Почетокот на работите на блок 1 е означен на 3.4.2018 година, а за блок 2 на крајот на  јуни 2020 година.

Изградбата на блок 3 започнала на 10.3.2021 година, а на блок 4 на 21.7.2022 година. Во април 2023 година е испорачано горивото за првиот енергетски блок. Се очекува сите енергетски блокови да работат до крајот на 2026 година.  Вкупните  трошоци за проектот се проценуваат на 22 милијарди долари.

УЗБЕКИСТАН

На 24 мај 2024 година, „Атомстројекспорт“ и Државното претпријатие за изградба на нуклеарни електрани при Агенцијата за атомска енергија при Кабинетот на министри на Узбекистан, потпишале договор за изградба на мали нуклеарни електрани (МНЕ). Проектот предвидува изградба на МНЕ со моќност од по 330 MW, во регионот Џизак во Узбекистан, користејќи руска технологија. „Росатом“ ќе биде главен изведувач на работите, а во изградбата ќе бидат вклучени и локални компании. Градежните работи на локацијата за идната нуклеарна електрана започнале во април 2025 година. „Росатом“ исто така планира да изгради и голема нуклеарна електрана во Узбекистан.

Од посочените примери евидентно е дека Руската Федерација го проширува своето влијание врз споменатите земји на повеќе начини – испорака на сопствена технологија, што значи и идна зависност на тие земји од аспект на одржување и снабдување со гориво од руската страна, како и значителни износи на кредитирање на проектите. И во услови на војна, несомнено вин-вин за економијата на Руската Федерација.

Испрати коментар

Scroll To Top