Насловна / Вести / Половина од електричната енергија во светот до 2030 година ќе потекнува од ОИЕ и нуклеарки

Половина од електричната енергија во светот до 2030 година ќе потекнува од ОИЕ и нуклеарки

Уделот на обновливите извори на енергија и нуклеарната енергија во светскиот енергетски микс, ќе порасне на 50% до крајот на оваа деценија, се вели во новиот годишен извештај на Меѓународната агенција за енергија (IEA) „Електрична енергија 2026“. Како што ќе се зголемува глобалната побарувачка за енергија за просечно повеќе од 3,5% годишно, се очекува електроенергетскиот сектор да ја предводи транзицијата благодарение на експанзијата на соларот, ветерот, нуклеарките и природниот гас.

Главните двигатели се индустриската електрификација, забрзано усвојување на електричните возила, поголема употреба на климатизацијата, како и раст на дата центрите и вештачката интелигенција. Соларната енергија бележи историски напредок, а истото важи и за нуклеарната енергија. До 2030 година, обновливите извори и нуклеарната енергија заедно ќе сочинуваат половина од електричната енергија во светот, во споредба со денешните 42%.  Улогата на природниот гас ќе продолжи да се зајакнува, посебно во САД и на Блискиот исток, додека уделот на јагленот постепено ќе опаѓа и ќе се врати на нивоата од 2021 година. И покрај растот на потрошувачката, емисиите на CO₂ од производството на електрична енергија до 2030 година ќе останат приближно непроменети благодарение на ширењето на изворите со ниски емисии.

IEA истакнува дека глобалните електроенергетски системи ќе мора да минат низ забрзана модернизација. Моментално, повеќе од 2.500 GW проекти – вклучувајќи ги и обновливите извори, батериските складишта и дата центрите – чекаат на приклучување на мрежа. Примената на напредите мрежни технологии и регулаторните реформи би можеле да овозможат интеграција на дури 1.600 GW од овие проекти во блиска иднина. Извештајот го нагласува и силниот пораст на инсталацијата на батериски складишта, посебно во Калифорнија, Германија, Тексас, Јужна Австралија и Велика Британија, каде батериите стануваат клучен извор на краткорочна флексибилност.

Достапноста на електричната енергија останува растечки предизвик: цените во многу земји растеле побрзо од приходите на домаќинствата, што дополнително ги оптоварува индустријата и економијата. Затоа, се повеќе држави воведуваат политики и регулаторни модели кои треба да овозможат инвестиции, поголема ефикасност и флексибилно користење на инфраструктурата. IEA заклучува дека модернизацијата на мрежите, зајакнување на физичката и дигиталната заштита на инфраструктурата и унапредување на флексибилноста на системите ќе бидат клучни за одговор на ризиците кои ги носат екстремните временски настани, стареењето на мрежите и сајбер заканите.

 

Испрати коментар

Scroll To Top