Насловна / Арт и дизајн / Водена скулптура во Љубљана

Водена скулптура во Љубљана

Во самиот центар на словенечката престолнина, фонтаната „Водена скулптура“е реализирана девет години по завршувањето на јавниот архитектонски конкурс, на кој победи предлогот заеднички потпишан од љубљанските архитекти бироа P PLUS architects и M. Kocbek architects.

Скулптурата е дизајнирана како просторен и симболичен придонес во јавниот простор на Љубљана и воведува посебен микроамбиент во густото урбано ткиво. Идејата е реализирана во форма на мала урбана „платформа“, чија континуирана, заоблена форма воспоставува посебен, речиси интимен простор во сред градската врева.

Обликувана како континуирана просторна јамка, скулптурата ги врамува и насочува погледите, истовремено создавајќи низа постојано променливи визуелни доживувања. За минувачите, таа претставува динамична силуета која се гледа различно од секој агол.

„Оваа скулптура сигурно не е објект што може само да се посети. Таа е замислена како просторно искуство кое ги повикува минувачите да станат дел од неа“, велат авторите на проектот.

Омаж на водата за пиење

Наместо да го одвојува гледачот од уметничкото дело, скулптурата го вклучува преку движење, допир, седење и престој во рамки на нејзините линии. Создава простор кој не само што се набљудува, туку и се доживува.

„На симболично ниво, скулптурата зборува за движење, проток, циркулација, флуидност и поврзаност. Таа претставува омаж на водата за пиење, како и метафора за вечните циклуси на природата. Го симболизира динамичниот баланс на светот и природните процеси засновани на постојаниот проток, трансформација и меѓусебна поврзаност на сите форми на живот“, велат архитектите.

Движењето на водата внатре во скулптурата станува метафора на тоа проникнување, односно континуиран тек што ги поврзува видливото и невидливото, материјалното и нематеријалното, индивидуалното и целината, наведуваат архитектите од Љубљана и додаваат:

„На овој начин, водената скулптура оди подалеку од чисто естетска или функционална улога и се воспоставува како простор за контемплација, почитување на природата и потсетник за одговорноста што ја имаме како дел од нејзиниот циклус.“

Изборот на материјалот, не’рѓосувачки челик, е промислен и симболичен. Неговата рефлектирачка површина ја инкорпорира околината и минувачите, постојано трансформирајќи ја скулптурата.

Во различни делови од денот и при променливи временски услови, нејзиниот изглед се менува, а во одредени моменти речиси се дематеријализира.

Скулптурата под ведро небо делува поинаку отколку под облаци, а на западното сонце сјае во жолто-портокалови тонови, додека на дожд добива сосема нов израз.

Препознатлив просторен ориентир

Сместена на раскрсница на две улици, новата „Водена скулптура“ во Љубљана веќе стана препознатлив просторен ориентир и за жителите и за посетителите на градот.

Бидејќи првично беше замислена како просторна интервенција што не затвора или раздвојува, туку нежно ги поврзува просторот и луѓето, денес таа навистина функционира и живее на тој начин.

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top