Насловна / Вести / Директорот на „Енвидиа“ вели дека нема зима за водоинсталатери и електричари

Директорот на „Енвидиа“ вели дека нема зима за водоинсталатери и електричари

Додека Илон Маск тврди дека напредокот во вештачката интелигенција и роботиката ќе ги направи заштедите за пензионирање излишни, со образложение дека автоматизацијата ќе доведе до пониски трошоци и изобилство за сите, друг технолошки милијардер нуди многу поинаква, поуверлива визија за иднината.

Генералниот директор на „Eнвидиа“, Џенсен Хуанг, вели дека бумот на вештачката интелигенција всушност ќе ја зголемил побарувачката за занаетчии како водоинсталатери и електричари, како и за работници во челична и градежна индустрија.

Хуанг рече дека тие работници би можеле да заработуваат „шестоцифрени плати“, благодарение на она што тој го нарече „најголемата изградба на инфраструктура во човечката историја“, за која тврди дека веќе изнесува неколку стотици милијарди долари.

Директорот на највредната компанија во светот ги даде овие коментари за време на разговорот со извршниот директор на „Блекрок“, Лари Финк, на Светскиот економски форум во Давос. На конференцијата, Финк го праша Хуанг како го гледа преобликувањето на економијата и пазарот на трудот од страна на вештачката интелигенција.

Објаснувајќи ја својата визија, Хуанг вештачката интелигенција ја претстави како „торта од пет слоеви“. На врвот се наоѓаат апликациите, под нив се моделите на ВИ, потоа клауд услугите, чиповите, а на дното е енергијата. Според Хуанг, вистинските економски придобивки од ВИ ќе дојдат кога индустриите како што се здравството, производството и финансиските услуги ќе ја усвојат вештачката интелигенција. Меѓутоа, за да стигнат до таму, земјите прво мора да ги изградат долните слоеви од таа „торта“, а тука на сцена стапуваат занаетчиските занимања.

„Значи, зборуваме за шестцифрени плати за луѓе што градат фабрики за чипови или фабрики за компјутери или фабрики за ВИ. Секој би требало да заработува одлично. За тоа не ви е потребен докторат по компјутерски науки“, рече Хуанг.

За сите други, Хуанг ги отфрли стравувањата дека вештачката интелигенција брзо ќе ги збрише работните места, особено оние во таканаречениот сектор на „бели крагни“. Како пример, тој ја наведе радиологијата, област што се смета за особено ранлива бидејќи виртуелните системи се добри во анализата на слики. Наместо да ги замени радиолозите, рече Хуанг, вештачката интелигенција им помогна да бидат попродуктивни, да прегледуваат повеќе пациенти, па дури и да го зголемат бројот на радиолози.

На прашањето како ова се однесува на земјите во развој, Хуанг вели дека тие би требало да ја третираат инфраструктурата за ВИ исто како патиштата и енергетиката.

„Навистина верувам дека секоја земја треба да се вклучи во изгрдба инфраструктура за ВИ, да развие сопствена вештачка интелигенција и да го искористи својот основен природен ресурс, а тоа  се јазикот и културата. Развијте ја вашата ВИ, продолжете да ја подобрувате и направете вашата национална интелигенција да биде дел од вашиот екосистем“, истакна Хуанг.

Испрати коментар

Scroll To Top