Lacum Respira е павилјон на брегот на езерото Сент Мориц во Швајцарија, проектиран од бирото .ket bureau. Сместена на работ на водата, дрвената конструкција се осврнува на пејзаж обликуван од сезонски ритуали и долга традиција на живот на отворено, каде што езерото делува и како преден план и како хоризонт.
Мирната околина е дефинирана од отворен простор, а во позадина се драматични планини. Секој архитектонски потег овде има тежина. Проектот се стреми кон континуитет со околината преку својата палета на материјали и неговото поставување по должината на брегот.

Инспирацијата доаѓа од традиционалната швајцарска архитектура – суптилна, но силно поврзана со природата. Целта не била да се копира минатото, туку да се оживее преку современ јазик и функционалност. Формата на павилјонот го следи пејзажот: нежно ги имитира кривите на теренот, хармонично се вклопува во ритамот на планините, дрвјата и светлината, станувајќи продолжение на природата. Силуетите на зградите се лизгаат како бранови, тие не се наметнуваат, туку дишат во хармонија со местото – поетично, избалансирано и контемплативно.

Проектот ја истакнува природата, не преку величина, туку преку почит, продолжувајќи ја долгата традиција на дрвена архитектура во Енгадин.
Комплексот е замислен како флексибилен систем на простори, погодени за настани во текот на целата година – внатре и надвор. Функционално е поделен на четири клучни зони: паркинг простор, сервисен блок и ресторан, спа комплекс, мол со мултифункционален конференциски простор и панорамски кров.

Главната идеја е претопување на ентериерот и екстериерот. Просториите не се строго одвоени – тие се прелеваат и се поврзуваат. Големите стаклени површини внесуваат светлина и пејзаж внатре, а едноставноста на распоредот ја нагласува сложеноста на перцепцијата: од отворениот, речиси театрален ресторански простор, преку интимното спа-катче, до транспарентната конференциска сала и мостот што води до отворената бина пред планините.
Mолот тука не е само функционален елемент – тој е симбол: врата помеѓу градот и езерото, како врат што ги поврзува телото и главата, простор за поврзување и вдишување на околината.

Целиот павилјон е изработен од локално дрво. Главната конструкција користи лепен јасен, познат по својата цврстина и термоизолациски својства, додека столбовите и молот се направени од ариш. За темелите е користен бетон, што создава контраст со органските форми.
Природните бои и текстури на дрвото им овозможуваат на зградите речиси да се претопат во пејзажот. Дрвото е третирано со природни масла и еколошки препарати отпорни на влага и УВ зраци. Максимално се користи природна светлина и вентилација за удобност и заштеда на енергија.
Овој проект не е само архитектура – тоа е гест на тишина, форма што слуша и простор што дише. .lacum respira го претвора здивот на езерото во место за искуство, размислување и хармонија со природата.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија