Некои производи од постарите колекции на ИКЕА, кои сега имаат култен статус, можат да достигнат многу високи цени на пазарот за винтиџ предмети. Еве листа од 9-те најбарани предмети на аукции!
ИКЕА е всушност толку стара што има и свои винтиџ парчиња кои се барани на пазарот за винтиџ мебел. Основана пред 83 години, ИКЕА е позната по масовно производство на мебел достапен за секого претежно направен од пресуван картон или пластика.

Сепак, шведскиот производител е познат и по својот дизајн и соработки со некои од најважните дизајнери на нашето време.
Затоа не треба да биде изненадување што парчињата произведени од 1960-тите до почетокот на 2000-тите станаа посакувани колекционерски предмети, а нивните цени драстично се зголемија. На пример, столчето Impala, дизајнирано од Gillis Lundgren во втората половина на 20 век, се продава за речиси 6.000 евра.
Но, кои винтиџ предмети од ИКЕА се навистина вредни? Ви ги откриваме во продолжение.
- Impala, Gillies Lundgreen (1972.)

Софата Impala е дизајнирана од Gillis Lundgren во раните 1970-ти. Основачот на ИКЕА, Ingvar Kamprad, отворено признал дека не е убеден дека овој модел на софа ќе биде успешен. Тој ја сметал формата за премногу „комплицирана“ и се обложил со Gillis во шише виски дека софата нема да се продава. Сепак, моделот станал бестселер, а Kamprad го изгубил облогот.

Денес, никој не знае со сигурност кој го смислил името Impala, Gillies Lundgreen бил познат по својот интерес за автомобили, па затоа е сосема можно да станува збор за референца на американскиот Chevrolet Impala, кој бил многу популарен во Шведска во тоа време.
- Лежалката Skye, Tord Björklund (1980-ти)

Кожата е позната по тоа што убаво старее, што докажува и оваа лежалка од Tord Björklund од раните 1980-тите. Изработена од коњак или црна кожа со хромирана рамка, таа сè уште изгледа одлично и денес.

Оние кои сакаат да ја купат за својата дневна соба треба да одвојат време да ги истражат најдобрите понуди. Во зависност од платформата и состојбата, цените може да се движат од 700 до 3.000 евра.
- Полица Guide, Niels Gammelgaard (1985.)

Полицата Guide на Niels Gammelgaard првпат се појавила во каталогот на Икеа од 1985 година, заедно со софата Moment. Полицата била на залиха четири години и се продавала за 65 евра. Денес се продава за 1.300 евра. Со своите жичени страни и обоени рабови на полиците, совршено се вклопува во урбаниот стил на уредување ентериер од 1980-тите.

Полиците биле произведени во фабрика каде што се произведувале ламинирани плочи на автоматизирана производствена линија. Полиците биле бели од едната страна и антрацит сива од другата, што ја правело полицата двострана. Рабовите биле во четири различни бои: црвена, сина, жолта и зелена.
- Фотелја Luca, Gillis Lundgren (1974.-1975.)

Оваа фотелја во одреден момент престанала да се од производува, па верзиите од челични цевки и тапацир сега се многу барани. Моментално, фотелјата може да се најде во класичниот кариран тапацир од 1970-тите, иако е достапна и во кафеава, црна, бела или светло портокалова боја.
- Лустер Duett, Bent Booysen (1980.)

Лустерот Duett е класика, лесно препознатлив по своите разнобојни абажури во облик на инка. Дело е на данскиот дизајнер Bent Gantzel-Boysen, кој, меѓу другото, дизајнирал неколку ламби за Louis Poulsen. Овој модел имал шест абажури и се продавал во различни бои – портокалова, зелена, сина и бела. Една од неговите карактеристики била хроматската градација од светла до темна.

Duett е претставен во каталогот на Икеа од 1983 година и се продавал до 1987 година. Ако сè уште сакате да го купите, ќе треба да издвоите околу 250 евра, што е повеќе од неговата оригинална цена од 8,90 евра.
- Фотелја Järpen, Niels Gammelgaard (1983.)

Оваа едноставна, нетапацирана жичена фотелја може да се комбинира со лесни ленени ткаенини, како и со природни форми и материјали. Цените за фотелјите Järpen моментално значително варираат, од 100 до 500 евра.

- Ламба Telegono, Vico Magistretti (1970.)

Ламбата Telegono првично била дизајнирана од Vico Magistretti прво за Artemide, италијански производител на осветлување, во 1970 година. Ламбата, тогаш наречена Eclisse, ја забележал сопственикот на IKEA, Ingvar Kamprad, на саем во Милано и се вљубил во неа.

Не поминало долго време пред IKEA да ја лансира светилката Telegono, изработена од лесна, прилагодлива пластика, за 7,50 евра.
- Лежалка Kröken, Christer Blomqvist (1968.)

Во каталогот на Икеа од 1969 година, лежалката Kröken била претставена под насловот „Модерен, но удобен мебел“. Имала и база изработена од никлувани челични цевки и била преслечена со многу издржлива ткаенина. На врвот од ткаенината имало перница слична на душек со меко полнење. Дизајнерот Christer Blomqvist посветил значително време на развојот на нејзината ергономија.

Каталогот го опишувал моделот Kröken прилично поетски: „Дали би сакале да го пробате? Супер удобна лежалка што ви овозможува да го опуштите целото тело.“ Сепак, овој предмет бил тежок за транспорт, а производството престанало во декември 1971 година. Сепак, во март 1973 година се вратил – во порамно пакување. Неговата оригинална цена била 29 евра.
- Фотелја Storvik, Carl Öjerstam (2001.)

Современата фотелја од ратан на Öjerstam произведена е во ограничено издание од 2001 до 2005 година и ја освоила наградата за дизајн Red Dot Design Award 2002 година. Нејзината лесна бамбусова рамка ја прави изненадувачки удобна.
Ова релативно ново винтиџ парче, кое датира од почетокот на 2000-тите, веќе се продава за 2.200 евра на некои платформи. Неговата органска форма и природни материјали атрактивни се и денес. Изгледа одлично во дневна соба или спална соба, како и на балкон или покриена тераса.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија