Дракула Ленд е хибриден екосистем – физичка дестинација, дигитален универзум и скалабилна интелектуална сопственост.
Дракула Ленд најавен е како монументално игралиште, каде што импресивни замоци, програми за шоуа со дронови и ролеркостер низ катакомби се среќаваат со дизајнерски продавници, арена со 22.500 седишта и тркачка патека од 4,5 километри, на само 20 минути возење од Букурешт.

Опсесијата на светот со вампирите е вистинска. Романтичните филмски блокбастери, кои сè повеќе го прикажуваат вампирот како позитивен, а не како негативен лик, дополнително ја зацврстија фасцинацијата со ова харизматично, аристократско чудовиште. Сепак, изненадувачки е што претходните толкувања најчесто се задржуваа на сезонските атракции за Ноќта на вештерките и хорор парковите – наместо на специјална дестинација посветена на легендата од викторијанската ера. Се досега.

Новиот тематски парк Дракула Ленд се подготвува да ги „ослободи стравовите“ во близина на Букурешт. Овој проект од 1,2 милијарди долари ќе се простира на 160 хектари и има амбиција да ги надмине границите на класичен забавен парк. Како прв проект од ваков вид, Дракула Ленд ќе опфаќа импресивни 780.000 квадратни метри, шест тематски целини и повеќе од 40 атракции, со потпирање на најсовремена технологија.

Визијата оди многу подалеку од типичниот концепт на луна парк. Планирана е мултифункционална арена со 22.500 седишта за концерти, фестивали, е-спорт и меѓународни настани, како и луксузен аутлет за мода и декор за домот со повеќе од 70 брендови. Во комплексот ќе бидат изградени три хотели, заедно со бизнис и технолошки центар со површина од околу 15.000 квадратни метри со повеќе од 1.000 работни места фокусирани на игри, вештачка интелигенција и дигитални креативни индустрии.

Посетителите ги очекува и аква парк и термален спа центар, кои се опишуваат како најголеми во Европа – со околу 50.000 квадратни метри, со повеќе од 30 атракции на вода и централен базен со бранови. Амбицијата на „градот-дестинација“ дополнително ја потврдува и тркачката патека од 4,5 километри, заедно со мото – парк и придружната инфраструктура наменета за адреналински настани и манифестации.

Дракула Ленд ќе биде поделена на шест тематски зони. Влезна целина, Moonlit District, замислена како грандиозен пречек, со Transylvanian Railway возење, двоен карусел и спектакуларни проекции и програми за шоуа со дронови. Family Kingdom, инспирираноа од митски суштества од целиот свет, нуди семеен пристап со возење во 4Д кино и посебна зона за најмладите.
Во силен контраст со пастелно-романтичните замоци од бајките, централниот симбол на паркот ќе биде Dracula’s Castle. Тука, посетителите ќе можат да ја тестираат својата храброст на ролеркостер, во лавиринт, преку интерактивни изложби и вештачко езеро, како и за време на брзо возење низ катакомбите. Останатите зони го вклучуваат Њу Орлеанс, со неговата темна, заливска атмосфера, и Gothic London, кој ја реинтерпретира викторијанската темнина и мистичност.

Отворањето на Дракула Ленд е планирано за 2027 година. Основачот на проектот, Dragoș Dobrescu, истакнува дека овој комплекс ги комбинира неговото искуство во недвижностите, дисциплината и визијата, но и нешто многу поважно – приказна што му дава смисол на секој квадратен метар изграден простор. Како што наведува, Дракула Ленд е национален проект и симбол на амбицијата на Романија да гради вистински знаменитости, а не само класични проекти за недвижности.
Со површина речиси пет пати поголема од Дизниленд паркот во Анахајм, Калифорнија, Дракула Ленд е замислен помалку како тематски парк, а повеќе како плански изграден забавен град базиран на една легендарна фигура. Според сегашните проценки, проектот ќе генерира повеќе од 5.000 работни места во туризмот, технологијата и услужните индустрии, додека се очекува во првата фаза да привлекува околу три милиони посетители годишно.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија